1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија пред клучна недела

Катерина Блажевска12 октомври 2015

Закони против злоупотреба на „бомбите“ и заштита на „свиркачите“ и изборот на министри, се само дел од обврските кои треба да финишираат до 20 октомври, а се уште не се договорени изборните реформи

https://p.dw.com/p/1GmV8
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Оваа седмица е исклучително важна, бидејќи пред партиите стојат многу обврски кои треба да се спроведат во духот на најдобрите практики на дијалог, разбирање и одговорност за перспективите на земјата, предупредуваат дипломатски извори, упатени во досегашните разговори на Работната група за реализирање на Договорот од 2 јуни/15 јули.

Не кријат дека се разочарани од „одредени игри и тактизирања“ во однос на измените на изборното законодавство, но веруваат дека над теснопартиските интереси ќе надвладее свеста за причините поради кои се неопходни реформите- обезбедување фер и демократски изборен процес. Но, тоа не е единствената обврска. На листата приоритети се и реформите на медиумите и правосудството, законите за спречување на злоупотреба на „бомбите“ и за заштита на „свиркачите“, како и изборот на министри и заменици-министри во преодната Влада, кои треба да бидат избрани најдоцна до 20 октомври, но согласноста за нив треба да се постигне до крајот на оваа седмица.

Но, ништо од тоа нема да дојде на дневен ред, се додека не се постигне договор за изборните реформи. Деновите од викендот поминаа во поединечни средби на европскиот олеснувач Питер Ванхауте со претставници на дел од партиската „четворка“, во обид да ги приближи партиските позиции, кои најмногу разлики имаат по прашањето дали за избор на пратеник од дијспората треба да се постави цензус и колкав треба да биде тој во однос на гласовите со кој се избира пратеник во Македонија.

„Се надеваме дека конструктивноста ќе надвладее и дека утре (понеделник, 12.10.- н.з) ќе се постигне конечна согласност за законскиот предлог. Потребен е еден ден за одредени технички процедури, по што во среда тој би можел да биде пред пратениците“, велат дипломатски извори.

Според последните информации, за денеска во 13.30 часот е закажана заедничка средба за измените на изборниот законик.

Mazedonien Skopje Peter van Houte
Питер ВанхаутеФотографија: DW/P. Stojanovski

Притисок врз Јанева

Но, она што во моментов најмногу ги загрижува олеснувачите на спроведувањето на Договорот од Пржино, „се индициите дека и дел од веќе договорените обврски се соочуваат со обиди за сериозни блокади, што ќе биде ставено под силен мониторинг“. Иако не сакаат дополнително да коментираат, извесно е дека станува збор за оркестрираните текстови на провладини медиуми што од вчера се насочени против финансискиот план на специјалната обвинителка Катеција Јанева. Тие ја обвинија за „мегаломанство“, со критика дека покрај 14-те обвинители, побарала со неа да работат и 30 истражители и 35 обвинителски советници и 30 обезбедувачи, а за трите преостанати месеци од годинава, побарала околу еден милион евра за функционирање на обвинителството.

Мега скандал е тоа што документи од специјалната јавна обвинителка, кои биле доставени до Советот на јавни обвинители, се надоа кај медиуми под контрола на Груевски - Прес 24, Курир, Сител…, реагираше вчера опозициската СДСМ.

„Објавени се план за работа на специјалната обвинителка, персонален план, финансиски план! Посочените медиуми знаат и дека документите биле доставени до Владата! Скандалозно, објавени се текстови во коишто се наведуваат законски одредби за хипотетичка одговорност на специјалната јавна обвинителка, која се уште не почнала ни да работи. Ова се примери на директни недозволиви притисоци на Груевски врз специјалната јавна обвинителка, која треба да почне да ги работи на случаите поврзани со прислушувањето и делата што произлегуваат од него“, се вели во соопштението на СДСМ.

Груевски ја обвинува опозицијата

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, пак, синоќа во интервју за ТВ „Сител“ ја обвини опозицијата дека има за цел да ги одложи изборите.

„Имаме преговори на две страни, во кои едната знае дека ќе победи, ја чувствува подрршката од народот, а другата знае дека ќе загуби и бара начини доколку е можно тоа да го ублажи, односно да ги одложи следните избори договорени за месец април. Јас ќе им порачам дека нема бегање од избори. Изборите мора да се одржат и тие мора да се соочат со граѓаните, со се она што го правеа изминатиот период и убеден сум, точно знам дека ќе имаме убедлива поддршка од граѓаните, слично на она што го имавме минатата година, а можби и посилна“, рече Груевски, тврдејќи дека неговата партија е конструктивна во преговорите.

Mazedonien Ministerpräsident Nikola Gruevski
Никола ГруевскиФотографија: DW/P. Stojanovski

Меѓудругото, тој ја повика СДСМ да предложи имиња на министри за да може ВМРО-ДПМНЕ да ги разгледа предлозите.

Генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, уште претходно најави дека во партијата се отворени разговори по тоа прашање.

„Тоа ќе бидат луѓе кои ќе и овозможат на Република Македонија да се обезбеди фер шанса за секој што ќе учествува во изборниот процес. Тоа е целта. Нам не ни е целта да владееме заедно со Груевски, туку напротив - да вршиме контрола на системот, да учествуваме заедно во таа контрола и да создадеме еднакви можности на сите субјекти кои ќе учествуваат во изборната кампања“, рече Спасовски.

Рокот за измени во изборното законодавство истече на 6 октомври. Вицепремиерот за евроинтеграции, Фатмир Бесими, изјави дека ако не се испочитува политичкиот Договор од 2 јуни и ако нема целосна посветеност на итните реформски приоритети, може да се случи Македонија да не ја добие препораката за членство во Европската Унија.