1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Две сценарија за новата влада

25 мај 2017

Учеството на Беса во новата влада на СДСМ е под голем знак прашање, иако поддршката за реформските проекти ќе остане и во случај да не се постигне договор. Договор се очекува пред Конгресот на СДСМ

https://p.dw.com/p/2dZRe
Mazedonien Stadtansicht von Skopje
Фотографија: DW/A. Ancite

Мандатарот за состав на новата Влада, Зоран Заев очекува до утре, петок, да го комплетира составот на новата влада, со или без партијата Беса. Новата коалиција и кадровските решенија треба да бидат затворени пред саботниот Конгрес на СДСМ на кој, извесно, Заев треба да биде реизбран на функцијата партиски претседател.

Разговорите со Беса веќе извесно време не одат ни напред, ни назад, а двете партии не можат да постигнат согласност околу условите кои ги поставува партијата на Биљал Касами. Освен принципите, меѓу кои и редефинирање на државата, за СДСМ е неприфатливо и барањето на Беса да добие ист број места во владата како и ДУИ.

Случајно или не, токму лидерот на ДУИ, Али Ахмети завчера делумно ретерираше од барањата во Декларацијата на албанските партии изјавувајќи дека таа нема целосно да биде вклучена во програмата на новата влада, туку само нејзините најважни аспекти.

„Точно е дека сме подалеку во преговорите со Беса", изјави Заев за ДВ синоќа во Брисел, но додава дека и натаму се разговара и дека останува на ставот за „потребата од 67 мандати зад новото парламентарно мнозинство".

Поради неизвесното учество на Беса во владата, деновиве одново се „мешаат картите" во однос на кадровскиот состав на новата влада, откако начелно, веќе беа договорени имињата на министрите. Тоа го потврдува и Заев кој вели дека „веќе е разговарано подетално и за поделбата на ресорите".

Заев за ДВ: Кадровските решенија до петок, новата влада наредната недела

Одлуки пред Конгресот

Освен името на идниот премиер, засега е извесно и дека првите луѓе во Министерствата за надворешни работи, одбрана и вицепремиерското место за евроинтеграции ќе се делат во триаголникот Радмила Шекеринска, Никола Димитров и, евентуално, Теута Арифи. Од кадрите на СДСМ сигурен е уште и Оливер Спасовски во МВР. За останатите ресори циркулираат имињата на Драган Тевдовски, Рената Десковска, Љупчо Николовски, Кире Наумов, Јован Деспотовски и Мила Царовска.

Конечниот распоред ќе зависи од учеството на Беса во владата, но и од внатрепартискиот договор во СДСМ. Имено, во зависност од тоа кој ќе стане министер во новата влада, зависи и распрелебата на партиските функции на Конгресот в сабота, во прв ред на позицијата генерален секретар и на тројцата партиски потпретседатели.
Дополнително врз кадровските одлуки ќе влијае и желбата на раководството да се задржи силна и компактна пратеничка група во Собранието.

Доколку Беса сепак влезе во владата може да добие еден „силен" ресор како правда и/или образование, иако во СДСМ преферираат да го задржат ресорот образование кај себе.

Според актуелниот начелен договор со ДУИ, партијата на Ахмети треба да ги добие министерствата за животна средина, локална самоуправа, економија или транспорт и врски, и здравство, едно или две вицепремиерски места и едно или две министерски портфолија без ресор, според формулата 4-2-1. Од тој корпус, министерството за здравство многу веројатно ќе и биде отстапено на Алијансата на Албанците на Зијадин Села.