1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Атина се готви нова стратегија во преговорите за името

16 јануари 2012

Вечер во Њујорк почнува нова рунда македонско-грчки разговори во спорот околу името. По пресудата на Меѓународниот суд на правдата, неповолна за Грција, во Атина се размислува за нова преговарачка стратегија кон Скопје.

https://p.dw.com/p/13k01
Фотографија: AP/DW Fotomontage

Сериозно се размислува и за повлекување од Времената спогодба од 1995-та година. Токму поради неодамнешната пресуда на Судот во Хаг, понудата за преговори на амбасадорот Метју Нимиц е добредојдена. Со тоа, се вели во грчките медиумски извештаи, јасно ќе се стави до знаење, дека преговорите не се водат пред суд, туку мораат да се водат под покровителство на ОН.

Маљас го фаворизира планот Венс - Овен

Ова гледиште очигледно го дели и грчкиот дипломат Александрос Маљас, кој по потпишувањето на Времената спогодба раководеше со првата канцеларија за врски во соседната држава.

„Спротивната страна се гледа зајакната по пресудата на Меѓународниот суд на правдата, оттука според мое гледиште во моменов не е на повидок решение за конфликтот. Повторно е време, преговорите да се водат во првично зададените рамки, имено во Обединетите нации. Мојот предлог гласи: повлекување од Времената спогодба и неодложно обновување на билатералните преговори врз основа на резолуциите 845 и 817 на ОН со цел конечно затворање на спорот за името.“

Anhörung zum Namensstreit zwischen Mazedonien und Griechenland vor Internationalem Gerichtshof in Den Haag
Одлуката на Меѓународниот суд на првадата во Хаг беше неповолна за АтинаФотографија: MIA

Маљас лично најрадо би фаворизирал решение врз основа на планот на Венс и Овен од 1993-та година, кој како компромисно решение го предлагаше името „Нова Македонија“. Самиот факт што медијаторот Метју Нимиц сега повторно се активира, повикува на претпазливост. Тој последен пат беше во Атина во февруари 2010-та година, само неколку месеци по доаѓањето на власт на социјалистичката влада на Јоргос Папандреу. Тогаш Нимиц пред новинарите изјави дека на маса е „основа за решение“. Меѓутоа оттогаш речиси и да нема придвижување во спорот околу името, критикува грчкиот дипломат Маљас.

„Повеќето средби меѓу господинот Папандреу, поранешниот премиер, и господин Груевски, премиерот на ’Поранешната југословенска република Македонија’, тогаш го разбудија впечатокот дека преговорите од сега се водат во нова рамка. Самиот Нимиц минатиот септември соопшти дека не гледа причини за нова преговарачка рунда, бидејќи и двете страни градат меѓусебна доверба на највисоко ниво. Високите очекување меѓутоа не се потврдија“, вели Маљас.

Докос оценува дека преговорите не се под среќна ѕвезда

За Танос Докос, раководител на реномираниот атински политички институт „Елијамеп“, преговорите уште сега не се под среќна ѕвезда. Политикологот е уверен дека кај спротивната страна по последниот успех пред Судот во Хаг не постои голем интерес за брзо решение.

„За Скопје, пресудата на Меѓународниот суд на правдата без сомнение беше дипломатски успех, во секој случај на тактичко ниво. Но, таму треба да се размисли и за тоа, дека всушност ништо не се променило во с’ржта на проблемот. Според ставовите на водечки претставници на ЕУ и на НАТО и натаму предуслови за прием на земјата во ЕУ и во НАТО е решение во спорот за името прифатливо за двете страни“.

Matthew Nimitz
Медијаторот на ОН Метју НимицФотографија: Petr Stojanovski

Докос спорот за името го гледа како „дваесетгодишна историја на загубени шанси“. За жал се’ уште не се случило, двете страни во ист момент да бидат подготвени на компромисни решнија, смета политикологот.

„Такво нешто често се гледа во меѓународните односи. Кога една од страните ќе покаже готовност за компромиси, тогаш другата страна блокира решение и обратно. Во деведесеттите години, пред се’ Грција имаше тврда позиција и стриктно го одбиваше зборот ’Македонија’ во државното име на соседот. Во меѓувреме се зазема пореална позиција, но во исто време во Скопје на власт е ново раководство, кое долгорочните перспективи ги жртвува за краткорочни интереси - на пример желбата, да остане на власт“, смета Танос Докос.

Автор: Јанис Пападимитриу/ Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема