Грчки експерти се за откажување на привремената спогодба со Македонија
10 јануари 2012За Атина неповолното решение на Меѓународниот суд на правдата е логична последица на Привремената спогодба од 1995 година, оцени денеска (10.01.2012) Евангелос Кофос, историчар и советник на грчкото министерство за надворешни работи, на колоквиумот одржан во министерството во Атина. Во фокусот на дебатата на манифестацијата со наслов „Наредните чекори во односите меѓу Грција и ФИРОМ“, со реномирани учесници, беше прашањето дали е неопходна промена на стратегијата по неодамнешното решение на Судот во спорот околу името. Кофос, кој е и некогашен дипломат, истовремено пледира за откажување од спогодбата и за започнување билатерални преговори за нов меѓудржавен договор врз основа на релевантните резолуции на ОН.
Европарламентарецот и поранешен портпарол на министерството Јоргос Кумуцакос се заложи еден таков чекор да не изгледа како „некој вид рефлексна реакција“, туку „да биде поврзан во една севкупна стратегија“.
„Проблемот со името е една сторија за загубени шанси“
Подршка за можното откажување на спогодбата искажа Александрос Маљас, искусен дипломат, прв шеф на грчката канцеларија за врски во Скопје, кој меѓутоа нагласи дека и по откажувањето, таа останува во сила за наредни 12 месеци. Тоа време, според него, обата партнера треба да го искористат за интензивни преговори. Маљас за најдобро решение го смета предлогот за име „Република Нова Македонија“, врз основа на планот на Сајрус Венс и Дејвид Овен од 1993, што тогаш го одби грчката страна. Маљас не е голем оптимист за брзо решение, оти, како што рече, „другата страна очигледно се чувствува засилена од страна на решението на Меѓународниот суд, кое практично маркира премин од меѓународното право кон политиката“.
Јоргос Кумуцакос смета дека решението на Судот нема да го стави под прашање заклучокот на НАТО од самитот во Букурешт, но истакна дека Грција мора со сите сили да ги брани тој заклучок, оти во мај годинава претстои самитот на Алијансата во Чикаго.
„Проблемот со името е една сторија за загубени шанси“, оцени Танос Докос, политиколог и раководител на реномираниот атински тинк-тенк институт ЕЛИАМЕП. „Час едната страна беше поподготвена за компромис, час другата. Но, никогаш не доживеавме ситуација во која обата партнера во преговорите во исто време би биле подготвени да се согласат на компромис“, рече Докос.
Автор: Јанис Папдимитриу/ Зоран Јордановски
Редактор: Александра Трајковска