Пресуда: Грција ја прекршила привремената спогодба
5 декември 2011Грција ја прекршила Привремената спогодба од 1995 година со тоа што ставила вето на членството на Македонија во НАТО, пресуди Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Сепак, судот одби да и‘ наложи на Атина во иднина да се придржува до своите обврски преземени со спогодбата. Отфрлајќи го тоа барање на македонската страна, судот заклучи дека за тужителот, во случајот за Македонија, е доволна сатисфакција тоа што било пресудено контра Грција во втората точка.
Претходно, Судот се прогласи за надлежен да одлучува по тужбата на Македонија против Грција за прекршување на Привремената спогодба од 1995 година. Ова беше првиот заклучок од пресудата во процесот меѓу Скопје и Атина во Хаг. Судијата претседавач, Хисаши Овада, соопшти дека Судот ги отфрлил забелешките на Грција дека тој нема надлежност да решава за овој случај.
Прашањето на надлежноста беше првата од трите точки за кои Судот денеска се произнесе.
Во втора точка, Судот одлучи дека Грција ја прекршила Привремената спогодба со ветото на Самитот на НАТО во Букурешт.
Постоело вето во Букурешт
Судот ги отфрли забелешките на Грција дека најавите за вето во пресрет на самитот во Букурешт не биле биле директни закани туку само предупредувања до сојузниците.
„Судот не може да прифати дека изјавите на грчките претставници во пресрет на Самитот на НАТО не се доказ за закани за блокади, туку само забелешки до другите членки на НАТО“, рече судијата Овада.
Притоа, Судот заклучува дека Грција не успеала да докаже дека Македонија ги прекршила своите обврски кои произлегуваат од Спогодбата.
„Грција не успеа да докаже прекршување на спогодбата од страна на Македонија. Нема докази дека Македонија спонзорирала државна и медиумска пропаганда против Грција“, се наведува во пресудата.
Пресудите со големо мнозинство
Сите одлуки на судот биле донесени со големо мнозинство. За заклучокот дека Грција ја прекршила Привремената спогодба со ветото во Букурешт, против гласал само грчкиот ад-хок судија во советот, додека останатите 15 судии биле „за“.
Македонија поднесе тужба против Грција во ноември 2008. година, неколку месеци откако земјата беше блокирана на самитот на НАТО во Букурешт. Основниот навод за тужбата беше дека Грција ја прекршила Привремената спогодба од 1995-та со ветото за Македонија.
Грција ја оспоруваше тужбата од два аспекти. Во првата точка, спореше дека Меѓународниот суд на правдата има надлежност да решава за овој случај, а во втората негираше и тврдеше дека во Букурешт пролетта 2008-ма немало вето, туку консензус на земјите членки на НАТО кои биле солидарни со Грција.
Македонија од Судот бараше и да и‘ наложи на Атина во иднина да ги почитува своите обврски предвидени со Привремената спогодба и да не го блокира македонското членство во меѓународни организации. Ова, клучно барање на македонската страна, Судот сепак денеска го одби.
Автор: Борис Георгиевски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска