1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Влез во нова спирала на неизвесност со Бугарија

9 јуни 2022

Иако има и мислења дека излегувањето на ИТН од Владата може да биде нов прозорец на можности, на повидок не е поволна ситуација за очекувањата на РСМ.

https://p.dw.com/p/4CS56
Nordmazedonien | Treffen Dimitar Kovacevski mit Kiril Petkow in Skopje
Македонскиот премиер Ковачевски и бугарскиот премиер Петков во Скопје, 18.01.2022Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Северна Македонија се најде во епицентарот на потрес во бугарската влада, а следните настани допрва ќе откриваат дали зад постапката на лидерот на ИТН - да ги повлече неговите четири министри, навистина се крие незадоволство од односите во коалицијата, или конците ги влече некој друг. Сомневањата и претпоставките создаваат широка низа од шпекулации: дека не е „соло игра“, декастравот на Трифонов од паѓање на ветото за Северна Македонија е лажно покритие за заднински договор со опозициските партии, но и нешто што може да биде позагрижувачко за самото бугарско општество: причини кои ги надминуваат интересите на домашната политичка сцена?

Сите варијанти засега создаваат неповолна ситуација за очекувањата на Северна Македонија, иако има и мислења дека изглегувањето на ИТН од Владата може да биде нов прозорец на можности.

„Ако министерката за надворешни работи Теодора Генчовска останеше во владата, таа ќе беше кочница за одлука за укинувањето на ветото за РСМ. Но, сега, по нејзиното повлекување, може да се покаже дека со гласовите на различни опозициски групи во парламентот ветото може да падне. Не знам дали целеле на тоа, но тоа е можен ефект“, коментира за БТВ експертката за уставно право Наталија Киселова.

Легалитет и легитимитет

Но, Генчовска не може да биде повлечена само со изјава на Трифонов. Таа и министрите од ИТН треба да поднесат оставки до премиерот, а тој треба да ги достави пред парламентот на усвојување. Сѐ дотогаш кадрите на ИТН ќе ги извршуваат министерските функции.

Нема рок во кој премиерот треба да ги достави министерските оставки во парламентот. Иако на Петков тоа би му овозможило да купува време, прашањето е како министрите на ИТН би функционирале во подолг рок до истекот на нивниот мандат. Конкретно, дали Генчовска има легитимитет денеска да разговара со еврокомесарот Вархеји за спорните прашања со РСМ, кога со постапката и изјавата на Трифонов таа јавно доби идентификациска картичка на министер кој мора да биде против паѓање на ветото.

Bulgarien Slavi Trifonov von der Partei ITN
Слави Трифoнов го обвини премиерот Петков за национално предавство и најави напуштање на владатаФотографија: BGNES

Генчовска и Гроздан Караџов - министерот за регионален развој, се две имиња околу кои, според бугарски медиуми, постоело незадоволство и во самата ИТН по прашањето „како воопшто се нашле во владата“, што се толкува како можност дел од пратениците на ИТН сепак да ѝ дадат поддршка на владата на Петков. Исто така, не е извесно дали министерот за енергетика, Александар Николов од ИТН ќе поднесе оставка, кој како експерт имал одлична соработка со премиерот, и стоел настрана од политички конфронтации. Од друга страна, приврзаници на Трифонов ја обвинуваат ПП за обиди за купување на нивни пратеници, но тврдат дека во нивните редови нема да се најдат „предавници“ кои би прифатиле да ја поддржуваат владата на Петков.

Шизофрена позиција

Атмосферата е вжешена, а меѓу обвинувањата за буџетот и управувањето во коалицијата, постојан рефрен е Северна Македонија.

„Северна Македонија е лајтмотивот на ИТН“, вели Иво Инџов, специјалист за политички комуникации. Според него, ИТН е антисистемска партија која не може да вирее во власта.

„Тие ги обвинуваат лидерите за национално предавство. Има крајно нечесно политичко однесување од страна на Слави Трифонов. Јас немам впечаток дека се водат две надворешни политики. Напротив, премиерот Кирил Петков бараше да се свика Консултативниот совет за национална безбедност и постојано повторува дека одлуката за РСМ се носи во парламентот. За какво национално предавство зборува Трифонов? Од една страна, ИТН ја обвинува владата дека ја води земјата кон банкрот, а истовремено партијата бара дополнителни милијарди за патишта. Тоа е шизофрена позиција“, коментира Инџов за БНР.

Димо Ѓауров, поранешен директор на Националната разузнавачка служба вели дека постапката на Трифонов е изненадувачка, бидејќи води кон спротивното од она што наводно сакал да го спречи.

„Тој наведува две главни причини - Северна Македонија и немањето пари. Со тоа го олеснува укинувањето на ветото и сето она на што се противи“, вели Ѓауров.

Аександар Ракшиев пратеник од ПП, пак, потврдува дека било „само прашање на време“ кога ИТН ќе се повлече од владејачката коалиција.

„И покрај очекувањата, тајмингот беше крајно несоодветен“ вели тој и смета дека имало „координација“ меѓу ИТН и опозициските ГЕРБ и ДПС.

Bulgarien l Büro von der Partei ITN von Slavi Trifonov
ИТН е антисистемска партија која не може да вирее во власта, оценува Иво Инџов, специјалист за политички комуникацииФотографија: Mariya Ilcheva/DW

Рокови и процедури

За да падне владата, потребно е најмалку 48 пратеници да потпишат предлог за гласање недоверба, при што не порано од 3 дена, и не подоцна од 7 дена, треба да се гласа во парламентот.

Ако Владата не добие доверба, не се оди веднаш на предвремени избори. На партијата со најмногу пратеници во парламентот, претседателот на државата ѝ дава мандат за формирање нова влада со друг премиер и министри. Во моментот тоа е партијата на Петков. Ако таа не успее, мандатот оди кај втората по број на пратенички мандати - ГЕРБ. Ако и таа не успее, претседателот самиот решава на која трета партија ќе ѝ даде шанса да состави влада. Ако и третиот обид биде неуспешен, парламентот се распушта, се назначува службена влада и се издава указ за нови избори, кои според уставните рокови не би можеле да се одржат пред есента.

- повеќе: Што предлага Париз, што барал Радев, што да очекува Скопје?

Софија сега влегува во спирала на неизвесност, која директно ќе се одрази и на интеграциските очекувања на РСМ. Иако праксата покажала дека моменти на криза истовремено раѓаат и решенија, во овој момент ретко кој дели таков оптимизам, со оглед дека се бројат деновите до средбата на врвот на ЕУ на 23-ти и 24-ти јуни.

Ни во Бугарија нема јасна слика што ќе следи, без оглед што земјата има искуство со малцинската влада на Орешарски, која истуркала повеќе од една година.