1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарска верзија на „Нема правда, нема мир“

18 јули 2020

Улиците на бугарските градови се полни со бесни демонстранти. Секоја вечер тие бараат оставки не само од владата- обвинета за корупција, туку и од јавниот обвинител Иван Гешев.

https://p.dw.com/p/3fVOE
Bulgarien I Proteste gegen Regierungsbeschlüsse
Фотографија: picture-alliance/H. Russev

Бугарското обвинителство е во центарот на јавното незадоволство веќе три децении. Под плаштот на независноста, неодамна избраниот шеф на обвинителството Иван Гешев, доби овластувања кои се вон контрола на извршната власт, но и на парламентот. Еден од претходниците на Гешев славно коментираше: „Над мене само небото“. Едно време на функцијата беше и човек со ментални проблеми, но наводно ништо не можеше да се направи заради Уставот.
Но зошто јавниот обвинител оди против заложбата за правда? Технологијата е едноставна: Обвинителството е хиерархиска структура, каде шефот има апсолутна власт над институцијата. Оттука, тој одлучува дали ќе покрене некое обвинение или не, дали ќе собере квалитетни докази или пред судот ќе понуди ѓубре, предодредувајќи го на тој начин неуспехот на некои случаи. Со тоа, тој станува моќна алатка во рацете на политиката и бизнисот. Оваа едноставна стратегија објаснува зошто веќе 30 години речиси и да нема осуден ниту еден високо позициониран функционер или бизнисмен. 
Но господин Гешев на својата технологија на селективна правда додаде и елемент на бруталност кој ја прели чашата. Не само што ги прогонува непријателите на неговите пријатели, туку почна да ги става во затвор и уште пред да формулира обвинение, а на медиумите да им испраќа документи со цел да го уништи јавниот имиџ на луѓето.
Искрата која го започна револтот на граѓаните беше испраќањето на 30 тешко вооружени полицајци во Претседателството, под изговор дека треба да ги одземат компјутерите на двајца асистенти.
Настанот, мотивиран од долготрајното ривалство меѓу претседателот Румен Радев и владејачката ГЕРБ, беше интерпретиран како агресија против институцијата претседател, а некои го нарекоа и „обвинителски пуч“.
Граѓаните масовно се собраа пред институцијата и претседателот Радев- генерал без политички вештини, кој преку ноќ стана популарен лидер- и се обрати на масата и побара оставки од владата и од обвинителот.

Bulgarien Ivan Geshev, Generalstaatsanwalt
Бугарскиот јавен обвинител Иван ГешевФотографија: BGNES

Несмасна персонификација на популизмот

Гешев стана несмасна персонификација на популизмот. Со капче, како оние на комунистичките револуционери од 50-те години, на главата, тој вети дека ќе се одмазди од името на народот и ќе ги стави во затвор сите олигарси кои „ги украдоа пензиите на нашите татковци и мајки“ за време на криминалната приватизација. Отвори истраги против бројни бизнисмени и стана медиумска ѕвезда, објавуваше материјали од тековни истраги, твиташе, ги коментираше политичарите, ја игнорираше презумпцијата на невиност.
На почетокот делуваше дека јавноста е задоволна. Но, кога луѓето сфатија дека повеќето од случаите ќе пропаднат и дека Гешев тврдоглаво одбива да ја истражи империјата на неговиот патрон, Делиан Пеевски, расположението се смени.

Всушност, претходниот голем бран протести во Бугарија, во 2013 година, беше поврзан со предлогот Пеевски да стане шеф на Националната агенција за безбедност, и тоа како предлог на другата страна- социјалистите. По повеќемесечни протести владата падна, а граѓаните не дозволија спојување на големиот бизнис и државната моќ.
Но Пеевски денес, откако се префрли од социјалистите кај десничарите, е уште помоќен. Освен што ги контролира обвинителството и владините јавни тендери, тој под свое има и моќна медиумска империја секогаш подготвена да го нападне секој непријател.

Ivaylo Ditchev
Ивајло ДичевФотографија: BGNES

Ваквата состојба е карактеристична за многу полудемократски држави. Контрола на правосудството, јавните фондови и медиумите се тајната на долговечноста на Путин, Ердоган, Орбан... Специфичноста на Бугарија досега беше што центарот на моќта се криеше зад широките раменици на премиерот Бојко Борисов, кој пак се вадеше на независноста на судството. Денес, се чини дека шемата веќе не функционира и Борисов веројатно ќе мора да замине.
За првпат во последните 30 години, бесот против естаблишментот не доаѓа од лево или десно, туку од младите „милениумци“ кои за првпат влегуваат во политичка акција и не знаат дали некој некогаш бил или не бил комунист.
Има луѓе кои се исплашени од надоаѓачката економска криза, или бесни поради карантинските мерки; има екологисти на велосипеди лути поради приватизација на природните ресурси; како и националисти лути затоа што во партијата на Пеевски доминира турското малцинство и е претворена во бизнис корпорација.

Се чини дека во моментов никој нема план. Владата, очигледно, мора да замине, но како ќе оди ослободувањето од јавен обвинител кој, не само што одбива да поднесе оставка, туку и агресивно ги обвинува демонстрантите дека се платени токму од криминалците кои тој ги гони?
Очигледно, за промена во правосудниот систем потребни се долгоочекуваните реформи на Уставот. Но промената на Уставот е можна само со минимум консензус меѓу политичките партии, а додека траат судири на улиците тоа е малку веројатно. Има предлози да се побара помош од ЕУ- барем некаков тип на мониторинг кој би се наметнал врз обвинителството и самиот јавен обвинител.
Но засега, ЕУ не е заинтересирана да интервенира, а тоа значи дека борбата за правда ќе биде извојувана, повторно, на улиците.

Ивајло Дичев е професор по културна антропологија на Универзитетот во Софија, Бугарија.

Ивајло Дичев
Ивајло Дичев Ивајло Дичев е долгогодишен автор и дописник на бугарската редакција на ДВ.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема