1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Британците се будалат?

Роберт Маџ/ превод:сн15 април 2016

Денеска (15.4.) официјално започнува кампањата за референдумот за „брегзит“. Неговиот исход е целосно неизвесен. Но веќе сега може да се каже оти премиерот Камерон не се прослави премногу, смета Роб Маџ.

https://p.dw.com/p/1IWTF
Фотографија: picture-alliance/dpa/R.Peters

„Уште еднаш во борба, драги пријатели, уште еднаш!“ (цитат од говорот на Хенри V. од истоиментаа драма на Шекспир). Да, Обединетото кралство и европското копно имаат зад себе возбудливо минато и бројни спорови. Спорот околу тоа дали Британците ќе останат во ЕУ или не ,судејќи според сѐ, би можел да стане уште една епска авантура.

Овој петок (15.4.) официјално започнува кампањата за референдумот, но немојте да се залажувате: причината за сите зла меѓу Британците и заедниците кои ѝ претходеа на ЕУ датира уште од 1984. година, кога Маргарет Тачер го доведе до кулминација славнот конфликт со Европската економска заедница за висината на британските финансиски придонеси за заедницата. Во еден од нејзините легендарни изливи на бес на самитот во Фонтанбле таа демонстративно ја фрли својата чанта кон нејзините европски колеги.

Оттогаш односот меѓу Британците и ЕУ е мешавина од љубов и омраза. При што во Брисел веќе се нема премногу љубов. На површина додуша се крцка со забите поради референдумот и стравот од последиците од „брегзит“ за ЕУ, бидејќи за меѓународниот углед на европскиот проект и визијата за обединета политичка и економска велесила Европа излегувањето на Британија би било катастрофа.

Потребни ли ѝ се навистина Бритаците на ЕУ?

Но ако се загребе малку под површината, може да се констатира дека станува збор за одглумена загриженост. Французите, како што е типично за нив, се однесуваат кон оваа тема според мотото „оставете ги нека одат“: всушност би им било драго што побргу да се откачат од напорните Британци за да ја зацементираат својата моќ во ЕУ и повторнода го покренат француско-германскиот мотор кој во моментов слабо „влече“.

А што се однесува до Германија, Ангела Меркел како фактичка предводничка на ЕУ мора барем на хартија да ги поддржи плановите на Камерон за реформа на бирократскиот монструм во Брисел. Но дали тоа е нешто повеќе од обична „финта“? На Германија имено Велика Британија не ѝ е потребна за да ги спроведе своите цели во Брисел, еднакво колку што на Берлин не му треба никој во ЕУ- како што и не може да се потпре на никој- кога е во прашање решавањето на бегалската криза (сите многу добро знаеме на чија иницијатива дојде до договорот со Турција).

Mudge Robert Kommentarbild App PROVISORISCH
Роберт Маџ

Камерон знае дека себеси и на својот народ со овој референдум му направи мечкина услуга. Фактот дека тоа полека му стигна до паметот доведе до тоа во последните неколку недели речиси опседнато да се обидува да го скроти духот кој самиот го пушти од шишето и да го спречи сценариото: „Ние сакаме да останеме надвор“.

Пред неколку дена напиша гостински коментар за „Дејли Телеграф“, во кој на долго и на широко објасни зошто „брегзит“ би бил „непотребен и опасен“. Притоа, човек мора да се запраша зошто Камерон веќе години порано со толкав ангажман не се залагаше за останување на Велика Британија во ЕУ.

Тактичките маневри на Камерон

Дали сето тоа е тактички маневар за да се смират бунтовниците од задните клупи во сопствената партија? Зашто позицијата на Камерон внатре во партијата мора да е дебело ослабена, кога е подготвен да се впушти во ваков ризик. А подобри денови не се на повидок: неговото колебање и цик-цак курсот со кој плови во аферата со „Панама документите“ дополнително ги разнишаа неговата веродостојност и углед.

Од друга страна, неговиот план за референдум повторно би можел да биде чиста тактика, но на залажување на шефовите на државите од ЕУ, и во конечен биланс - обид да се зачува образот. Во случај Британците навистина да се одлучат за излегување од ЕУ, тој би можел да тврди дека сторил сѐ за да спречи такво сценарио и оти јасно укажал на неговите негативни последици. И воопшто би можел да каже дека тој од самиот почеток бил против референдумот.

„Ниту еден човек не е е остров“

За среќа, мнозинството Британци се попаментни отколку што веројатно Камерон мисли и не можат толку лесно да се навлечат на неговите игри. Поддржувачите на членството во ЕУ водат во повеќето анкети, иако тесно.

Обединетото Кралство е гордо на својот островски идентитет, на својата способност да се носи со тешките околности, на својата улога на андердог во Европа. И има право на тоа - не осврнувајќи се на пакоста на Брисел која мора да ја искуси, кога ќе се соочи со проблеми.

Но токму во тоа е „закачката“, која уште во 17. век ја препозна британскиот писател Џон Дон и извонредно ја формулира: „Ниту еден човек не е остров“. Но уште поважен е делот кој следува: „...сосема сам за себе; секој човек е дел од континентот, дел од Европа. Ако морето однесе грутка земја, Европа е сѐ помалку“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема