Ако Британците сакаат да си одат од ЕУ, нека си одат!
19 февруари 2016„Што барате за да може да останете во ЕУ?“, го прашува претседателот на Советот на ЕУ Доналд Туск британскиот премере Дејвид Камерон. Неговиот одговор: „Мора да ни дозволите да се однесуваме така како да не сме воопшто во ЕУ.“ Овој дијалог е виц од еден магазин во Брисел. Тој ја прикажува целата дилема на брекзит-дебатата и во себе има многу вистина.
Велика Британија е член на еден клуб. Во тој клуб важат правила кои би морале да се почитуваат за да се ужива во пријатните страни на едно членство. Ако нема согласност со целите и правилата на клубот, тогаш тој треба да се напушти. Во ЕУ е исто така. Ако Британците веќе не сакаат да се држат до правилата на игра, тогаш треба да се пуштат да заминат.
ЕУ е доброволен клуб со правила
Велика Британија, исто како и сите останати членки, учествува во создавањето на правилата и со нив се согласила. Се согласил и британскиот парламент. Толку гордиот Британец не е принуден на ништо од страна на ЕУ. Кој сака да дејствува заеднички, мора да се откаже во мал дел од својот суверенитет. Во спротивно, системот не функционира. И, за сите членови на клубот важат исти правила.
Поради тоа, настојувањето на британскиот премиер да го обезбеди „најдоброто од двата света“, значи и членство во ЕУ и британска независност, е едноставно дрско и бесрамно. Секоја друга земја членка може да поставува исти такви барања. Така би бил гарантиран распад на Унијата.
На Велика Бртиинија, за љубов на „мирот в куќа“ ќе ѝ бидат понудени големи отстапки. Тоа е грешка. ЕУ на тој начин дозволува да биде уценувана. Кој може да каже дека наредната влада во Лондон за пет години нема да дојде на идеја, со помош на внатрешнополитички мотивиран референдум да бара неодмерени исклучоци од правилата на клубот? Дејвид Камерон самиот вели дека сака да ја задржи Велика Британија во ЕУ, но мора да ги држи во шах ЕУ-скептиците во неговата партија. Референдумот има многу врска со изборна кампања и партиска тактика, и тоа на товар на ЕУ, а на крајот и на товар на Британците.
Никој не ја принудува Велика Британија
Британците отсекогаш биле малку поинакви. Токму затоа, веќе сега уживаат низа исклучоци, таканаречени opt-outs од правилата на правосудството и внатрешната политика. Тие не се членови на Шенген-зоната, ниту се членови на еврозоната. Тие добиваат попуст на својата „членарина“.
Ако сето тоа не е доволно и мнозинството британски избирачи навистина сакаат да го следат популистичкото „чаламење“ на противниците на ЕУ, тогаш нека си одат.
Излегувањето на Обединетото Кралство, се разбира, би било голема загуба за Унијата, дотолку повеќе што Британците и покрај сета критика се голем нето-плаќач. И политичката тежина на ЕУ во светот без Велика Бртианија сигурно би се намалила. Но, загубата за Велика Британија би била многу поголема - и економски и политички. Затоа, може да се биде уверен дека на крајот сепак ќе победат разумот и разбирањето и дека Британците ќе останат во клубот.
Да се симне од дневен ред
Британците не мора да ја сакаат ЕУ, тоа не го прават и други земји членки на Унијата. Но, тие треба да знаат дека не може со палка да се изнудуваат реформи во еден клуб.
На овој самит ќе има документ кој на Британците ќе им вети многу, но во пракса ќе има мал ефект и ќе биде прочитан од многу мал дел од избирачите. Главно е Дејвид Камерон да може да се прикаже како победник на домашен терен.
По шоуто, ЕУ ќе треба да им се посвети на вистинските проблеми: бегалската криза, односот кон Турција и економската состојба во Европа.