1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Добра понуда за Лондон

Кристоф Хаселбах20 февруари 2016

По невиден преговарачки маратон во Брисел, британскиот премиер Дејвид Камерон се враќа дома со понуда за која може да се заложи пред своите сограѓани. Тоа се исплатеше за сите, смета во коментарот на ДВ, Кристоф Хаселбах

https://p.dw.com/p/1Hyzz
Фотографија: Reuters/F. Lenoir

Другите европски влади беа многу пресретливи кон Лондон. Мораа притоа нешто и да проголтаат, но тоа беше правилно. Британската економија ѝ е потребна на ЕУ, а на ЕУ ѝ е потребна Велика Британија. Тие на ЕУ ѝ носат економска, финансиска, дипломатска, но и воена тежина која на ЕУ инаку би ѝ недостасувала. И токму Германците без Британците би биле прилично осамени меѓу барателите на пари од Брисел кои се покажаа отпорни на какви било реформи пред сѐ за системот на трансфери.

Еден од најспорните проблеми беше ограничувањето на социјалната помош за странците од ЕУ. Тоа се однесува на многу земји од истокот на Европа, чии граѓани дојдоа во Велика Британија за да работат. Секако, Лондон претерува во обвинувањата дека тие го злоупотребуваат тамошниот систем за социјална помош. Тие странци многу повеќе придонесуваат за државната благајна на Велика Британија отколку што од неа земаат. Но се покажа дека и други држави од ЕУ имаат интерес да спроведат во тоа некои промени. Така и германската канцеларка јасно го поддржа барањето детскиот додаток за „европските странци“ да се прилагоди на земјите од потекло и ако нивните деца живеат во нивната татковина. Данскиот премиер Расмусен дури изјави дека тоа била негова иницијатива и таа идеја ја нарече „цвет од мојата градина“. Тоа е можеби типично за расположението во ЕУ и очигледна неправда поради таквите предлози да се критикува британскиот премиер додека многумина имаат полза од тоа.

Камерон сега тоа мора да го „продаде“

Најголемата пречка во очите на Британците не се таквите конкретни проблеми туку општото чувство дека некој друг одлучува за нивната судбина. Дури и ако се одговори дека денес ниту една земја не е во целост суверена и оти сосема спротивно од тоа, европското заедништво донесува повеќе права на самоопределување во денешниот свет отколку излоација. На Камерон не му преостанува ништо друго освен да се соочи со таа предрасуда. Ќе му биде потребна целата негова вештина ова што е договорено и да им го продаде на своите сограѓани. Таму има уште многу противници на ЕУ и во неговиот кабинет и во тамошните медиуми и тие ќе продолжат со својата критика сѐ до референдумот.

Christoph Hasselbach
Кристоф ХаселбахФотографија: DW/M.Müller

Секој, без разлика колку великодушен биде договорот е бесмислен ако се прави без сметката на жителите на Велика Британија. Би било најлошо ако ЕУ излезеше во пресрет на Велика Британија сѐ до негирање на сопствените начела и тогаш Британците сепак да гласаат против останувањето во ЕУ.

Тогаш повеќе не би имало начин да се запре процесот на распаѓање. Би можеле да се јават и други скептични нации со желба да ја напуштат ЕУ- или барем да се заканат со тоа и ним да им се исполнат посебните желби и желбички. На крајот од Европската „унија“ навистина не би останало многу.

Факторот- бегалци

Жално е што овој спор со Велика Британија се случува среде бегалската криза. И Британците- и многу други во Европа, можат да видат колку беспомошно се тетерави ЕУ низ таа криза и на многумина им изгледа дека само одлучно национално делување може навистина нешто да промени. А посебно Британците имаат проблем со отворената политика на прием на бегалците на Ангела Меркел.

Ако Германија за неколку години тие неколку милиони бегалци ги претвори во граѓани на ЕУ, тогаш тие ќе имаат секакво право да се населат и во Велика Британија. На тоа повеќепати предупредува британските политичари и најновото зголемување на бројот на противници за останување во ЕУ во анкетите на јавното мислењето во Британија може да се толкува токму со тоа.

Дотолку полесно Британците на лето би можеле да бидат за напуштање на ЕУ доколку и тогаш илјадници бегалци пристигаат во ЕУ секој ден. Зато можеби би било подобро тој референдум да се одржи подоцна, кога Европа- да се надеваме- подобро ќе излегува на крај со тој проблем.