Без Газпром не се може во Европа
14 февруари 2022На Газпром му оди добро, дури и мошне добро. Долгогодишниот шеф на рускиот концерн, Алексеј Милер, на почетокот на јануари изјави дека 2021. за нив била рекордна година, како во однос на производството на енергија, така и во однос на добивките.
Растечките цени за гас и нафта за фирмата значат само едно: бизнисот си врви. Акционерите на Газпром се радуваат.
Руската држава го има мнозинството акции и го диктира курсот на концернот. Но, акции во Газпром имаат и германски фирми како Е.он и многу други помали.
Врската со Кремљ е исклучително тесна. Претседателот на Управниот одбор на Газпром, Алексеј Милер, е стар пријател на Владимир Путин, така што Путин всушност секогаш од заднина има можност да влијае. Концернот е најголем производител на гас во светот, има речиси 500 илјади вработени и според сопствени наводи располага со најголемите наоѓалишта на гас во Русија.
Газпром доминантен во извозот
Пазарната моќ на Газпром во Европа е резултат на монополската позиција. Само Газпром може според руското законодавство да оперира гасоводи за извоз на гас. Со тоа фирмата со децении е најголем извозник во ЕУ.
Околу 43 проценти на гасот, кој се троши во ЕУ, стасува од Русија. Остатокот е од Норвешка, од испорака на течен гас од Блискиот Исток и САД, како и од Алжир и Либија, според податоците на Еуростат.
Уделот на руски гас во потрошувачката на членките на ЕУ е различен. Како општо правило важи дека колку е повеќе на исток земјата, толку позависна е од руски гас. Германија, како најголем потрошувач во ЕУ, околу 55% од гасот повлекува од руските резерви.
ЕУ сака заеднички пазар
„Газпром ја користи пазарната моќ со тоа што влијае на цените преку количините што ги испорачува за Европа", смета експертот за пазарот на енергенси Георг Цахман од економскиот тинк тенк „Бригел" во Брисел.
ЕУ во изминатите 10 години преку регулација се обиде да етаблира релативно хомоген пазар за гас во Европа. Газпром испорачува до пунктовите на надворешните граници на ЕУ, а потоа со гасот се тргува во земјите членки.
Така на пример Германија може да купи гас во Русија и да го спроведе до Полска или Украина. Но, во интерес на Газпром е пак да може да склучува директни договори со земјата корисник за да може да одржува релација на зависност на земјата од нив.
„На некој начин се работи за трка меѓу европската регулатива, која сака да создаде внатрешен пазар со хомогени цени и Газпром, кој сака различни цени за различни земји", вели Цахман за ДВ.
Колку може да се потпрат на Газпром?
Од Газпром велат дека и оваа зима ги исполниле сите долгорочни договори за испорака на гас, а Цахман забележува дека концернот склучил помалку краткорочни договори.
„Газпром ги исполнува договорите, тоа е точно, но секогаш на долната граница од ветеното", неодамна изјави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен. Други понудувачи значително ги зголемиле количините со оглед на екстремно растечките цени и побарувачката.
Во изминатите години сѐ повеќе на значење добива пазарот каде се склучуваат краткорочни договори за набавка на гас, бидејќи клиентите сакаат по малку да се ослободат од долгорочната зависност од Газпром.
Фон дер Лајен бизнис потезите на фирмата ги оцени како „чудни” со оглед на тоа дека и покрај големата побарувачка, не се испорачуваат поголеми количини гас. „Компанијата во државна сопственост на тој начин самата поттикнува дилеми во однос на тоа колку може клиентите да се потпрат на неа”, рече Фон дер Лајен за весникот „Ханделсблат”.
Удели во многу фирми
Газпром не е само најважен лиферант на европскиот пазар за гас, туку игра улога и за резервите и распределбата на гас, кои се важни за да се обезбеди сигурно снабдување. Во речиси сите ЕУ членки, Газпром има удели во локални и регионални снабдувачи.
Во Германија на пример сестринската фирма Астора во Реден го поседува најголемиот подземен резервоар за гас во западна Европа, кој се користи како тампон за пополнување на дупки настанати поради промени во побарувачката или испораката.
Количините во таквите резервоари се историски погледнато од секогаш ниски. Ако Газпром во политичката криза добие насока од Кремљ веќе да не испорачува гас, Европа може да дојде во тесно со снабдувањето. Фон дер Лајен не мисли дека нештата ќе дојдат до таму. Економијата на Русија, исклучиво насочена кон извоз на енергенси, исто така зависи од најголемиот клиент и инвеститор во Европа, смета таа.
Сепак, ЕУ заедно со САД се трудат околу поголема испорака за течен гас од Катар или САД, вели Фон Дер Лајен за „Ханделсблат”. За тоа неделава ќе се разговара во Вашингтон меѓу ЕУ и американската влада.
Стратешки грешки?
Експертот за енергетика, Клаудија Кемферт, од Германскиот институт за економски анализи (ДИВ) смета дека со новиот гасовод Северен тек 2, низ кој исто така ќе тече гас од Газпром, Германија ќе стане уште позависна од директната испорака на енергенси од Русија.
„Европа има стратегија на диверзификација на снабдувањето со гас, само Германија го избра спротивниот пат, со кој уште повеќе ја зголеми зависноста. Тоа сега си го зема данокот," вели Кемферт за ДВ.
Според неа, не требало да биде одобрена продажбата на складишта за гас, или во најмала рака да биде регулирана. Исто како и кај нафтата, потребни се и стратешки резерви на гас, смета таа. Без Газпром не се може во Европа.
ЕУ сега размислува да создаде такви резерви и дури и да агира како заеднички купувач на гас. Гаспром се обидува да ја поткопа оваа стратегија, а некои земји од ЕУ загризуваат. Унгарија тукушто потпиша ексклузивен договор со Гаспром и за возврат добива ниски цени.
Експертот за енергетски пазар, Цахман, не е толку оптимист дека ЕУ може да направи нешто против моќта на Газпром.
„Можете да преговарате колку сакате со оној кој ги има сите конци во рацете. Ако чешмата за гас може да се исклучи од Москва, едноставно сме во полоша преговарачка позиција“.
Клиенти и надвор од Европа
За Алексеј Милер, шефот на Гаспром, бизнисот со Европа е само дел од успехот. Гаспром сака да стане водечка светска енергетска компанија. Всушност тие не тргуваат само со гас, туку и со нафта, а произведуваат и струја.
Рускиот претседател Путин штотуку постигна голем договор за испорака на гас на Кина пред почетокот на Олимписките игри. И САД е еден од клиентите на Газпром. 8% од увозот на нафта на Американците им е од Русија. Тоа е повеќе од количината која им ја испраќаат сојузниците од Саудиска Арабија на САД.