1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Неподносливи“ цени на енергијата во Европа

Бернд Ригерт
9 октомври 2021

Дали цените на гасот во ЕУ се „неподносливо“ високи или се диктирани од пазарот? Дел од земјите членки бараат да се вмеша државата.

https://p.dw.com/p/41Jxo
Symbolbild Gasherd
Фотографија: picture-alliance/dpa/K.-H. Hildenbrand

Цената на гасот во ЕУ само во септември скокнала за 17%. Многу семејства деновиве од своите снабдувачи со гас добиваат непријатни писма. Паушалните износи за гас и струја повторно се искачуваат високо угоре. Ваквиот развој на ситуацијата со цените на гасот и струјата во ЕУ за стручњаците не е изненадувачка. Од пролетта се насетуваше дека големата побарувачка ширум светот, намаленото производство во Холандија, полупразните резерви во ЕУ и руската воздржаност кога станува збор за испорака на поголеми количества, ќе предизвикаат зголемени цени на пазарот на енергија.

Службениците на ЕУ летово ваквиот развој на цените, кој ја турка нагоре и стапката на инфлација, го квалификуваа како привремен феномен кој може да се издржи. Меѓутоа сега, кога цените на гасот и со нив поврзаните цени на струјата се чувствуваат во паричниците на потрошувачите и касите на компаниите, многу министри за економија го вклучија алармот во ЕУ.

ПовеќеБислимовски за ДВ: Нема причини за поскапување на струјата!

Франција предничи

„Овие цени се едноставно неподносливи“, се лутеше францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер на средба со своите колеги во Луксембург. Под притисок се особено луѓето со ниски примања. „Би можеле да се соочиме со ново движење Жолти елеци“, предупреди уште пред неколку дена францускиот европратеник Паскал Конфан. Големото протестно движење во Франција се формираше во 2018 година поради данокот на дизелот. Францускиот министер, како и колегите од Шпанија, Италија и Грција бараат ЕУ да интервенира. Шпанија и Италија веќе се заложија за помош за домаќинствата со ниски приходи.

Erdgasspeicher in Rehden
Цената на гасот во ЕУ само во септември скокнала за 17%Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Jaspersen

Франција размислува за замрзнување на цените на енергијата до пролет. Како тоа би требало да функционира и кој на крајот ќе го плати чекот за енергија за домаќинствата со ниски примања, остана нејасно на средбата на министрите за финансии во Луксембург.

ЕУ-дипломатите од северните членки на Унијата се резервирани во врска со ваквите барања. Германија, која има најголем пазар на гас во Европа, прво сака да почека. Ова е привремена состојба, која напролет ќе се расчисти со помош на силите на пазарот, рече портпаролка на Министерството за економија во Берлин. „Се разменија многу идеи. Генерално, расположението е оптимистичко“, ја опиша дискусијата во ЕУ ирскиот министер за финансии Паскал Донахју. „Но, сѐ уште не се одлучува за конкретни мерки“, дополни неговата финска колешка Аника Сарико. Таа е скептична во врска со интервенирање на ЕУ на пазарот на енергија.

Повеќе: Гасоводот Северен тек 2 е завршен

„Пакет со инструменти“

Наредната недела Европската комисија би требало да објави „пакет со инструменти“, најави еврокомесарот за енергија Паоло Џентилони. Во овој пакет би требало да се најдат и размислувањата за заедничко купување и заеднички резерви на гас, рече тој. „Меѓутоа, тоа нема да бидат едноставни решенија, нема да бидат традиционални решенија. За тоа ќе биде потребно време.“

EU Wirtschaftskommissar Paolo Gentiloni Konjunkturprognose
Еврокомесарот за енергија Паоло Џентилони најави дека наредната недела Европската комисија би требало да објави „пакет со инструменти“Фотографија: Johanna Geron/dpa/Reuters/AP/picture alliance

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека во светот се зголемува побарувачката, но не и испораката. „Благодарни сме што Норвешка сака да ја зголеми испораката, но се чини дека тоа со Русија не е случај“, критикуваше таа.

Фон дер Лајен се залага за одделување на цените на гасот и струјата. Во Европа би морало да се произведува повеќе струја од обновливи извори. И покрај растечките цени на енергијата, не би требало да се чепка т.н. Зелен договор, со кој треба да се остварат климатските цели. Членките на ЕУ би можеле да намаалт други даноци и давачки за енергија, како на пример онаа за обновлива енергија во Германија (ЕЕГ), но тоа не е компетенција на ЕУ. Енергетската политика е во надлежност на одделните земји членки.

Францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер ја искористи шансата за да се заложи за нуклеарна енергија, која во Франција учествува со добар дел во производството на струја. Таа, со оглед на тоа дека не продуцира ЦО2 и во споредба со гасот, би била поевтина, во актуелната ситуација би морало да се прогласи за „одржлива“ и „климатски поволна“. Меѓутоа, многу земји членки кои се откажуваат од нуклеарна енергија на тоа гледаат критички. Надлежниот еврокомесар Џентилони само кусо прокоментира: „Ќе го провериме тоа“. На пример, дали уранот може да се смета за одржлив извор на енергија, ако до денес нема депонија за атомски отпад?

Повеќе: ЕУ- самит: Зелено светло за „Зелениот договор“ – без Полска

Русија би можела да испорачува повеќе

Руски Газпром, кој испорачува 37% од количеството на гас кој се увезува во ЕУ, е најголемиот доставувач на гас. Рускиот концерн се држи до договорите, но во моментов не е подготвен да ги зголеми испораките. Можно е Русија да има намера да го зголемува притисокот за да ѝ стави на ЕУ до знаење колкава е зависноста. Но, ЕУ-дипломатите не се сигурни во ваквата проценка.

Karikatur Sergey Elkin Nordstream 2 Putin
Карикатура на Сергеј Елкин: „Ништо лично, само бизнис“

Контроверзниот гасовод Северен тек 2, кој води директно од Русија во Германија, во моментов е во тест-фаза. Таа ќе почне целосно да работи дури за околу четири месеци, зашто претходно е потребен сертификат од страна на германската Агенција за електрицитет, гас, телекомуникации, пошта и железница. Портпарол на Сојузот за енергија и водно стопанство во Германија, за весникот „Рајнише пост“ изјави дека снабдувањето оваа зима не е во опаснст, иако во моментов резервоарите за гас се полни само 68%. Но, според него, цените на гасот би можеле да се зголемат.

Портпаролот на Кремљ во неделата (3.10) се спротивстави на европските размислувања околу руската енергетска политика: „Дали е Газпром подготвен да склучува нови и нови договори? Газпром е заинтересиран за такво нешто“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков за руската државна телевизија, „Зашто, нашите потрошувачи во Европа се наши најважни партнери.“

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија