1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Газпром ѝ покажува мускули на Европа?

Андреј Гурков
19 јули 2021

Рускиот концерн Газпром испорачува многу помалку гас во ЕУ отколку што може. Врши ли Русија политички притисок врз Европа за да ја наметне доизградбата и пуштањето во употреба на гасоводот Северен тек 2? 

https://p.dw.com/p/3wMw6
Symbolbild Ukraine Gas Heizung Versorgung Kosten Preise Anstieg Protest
Фотографија: Reuters/G. Garanich

Се наѕира проблем на европскиот пазар со гас. По долгата и студена зима резервоарите за складирање гас се невообичаено празни и всушност би требало да се надополнуваат со забрзано темпо. Државниот руски концерн Газпром може да ги зголеми испораките, но оваа компанија, лидер на пазарот со гас, не го прави тоа и покрај тоа што цената достигна највисоко ниво во последниве 13 години. Со тоа се зголемува ризикот дека Европа ќе влезе во претстојната зима без доволно резерви на гас.

Нема дополнителен транзит низ Украина 

Буквално пара уши веста дека Газпром за јули нема намера да резервира дополнителни капацитети за транзит на гас преку Украина и покрај тоа што испораката на рускиот природен гас во ЕУ овој месец ќе се намали за над две милијарди кубни метри. Причина е планираниот ремонт на двата други транспортни коридори кон Германија кои ќе бидат привремено затворени. Јамал гасоводот преку Белорусија и Полска ќе биде во прекин неделава, додека далеку поголемиот гасовод Северен тек преку Северно Mоре ќе биде затворен од 13 до 23 јули. 

Од тука се поставува прашањето -  што сака да постигне Газпром со овој притисок и очигледно намалената испорака на гас? Дали е целта да се покачат цените на ист начин како што Русија тоа го прави и на пазарот на нафта, каде заедно со ОПЕК го намалуваат производството, а со тоа и извозот?

Ukraine Gaspipeline Ventile
Украина игра улога во транзитот на гас во Европа - компресорска станица за гас во Бојарка кај КиевФотографија: Imago/Zuma

„Се чини дека Газпром не само што ги оптимизира цените и количините, туку многу повеќе врши притисок за да обезбеди завршување на изградбата на гасоводот Северен тек 2“ , пишува шефот на берлинската консултантска куќа „Ганексо“, Јоахим Ендрес, во својот Извештај за пазарот на гас. 

Од друга страна Газпром тврди дека си ги исполнува своите обврски. „Долгорочните договори се основата на нашето работење со Европа. Ние цврсто си ги исполнуваме обврските и договорените нарачки кон нашите клиенти и согласно тоа резервираме соодветни транспортни капацитети, а не обратно,“ ни одговорија од прес-службата на компанијата. 

Невообичаено празни складишта за гас во Германија и Австрија 

Исполнувањето на договорните обврски од страна на Газпром не е доведено во прашање, но се отвора дилемата зошто концернот и покрај зголемената побарувачка и цени не ја зголемува испораката кон Европа и како точно ги исполнува своите обврски,“ нагласува за ДВ независниот експерт за гас од Берлин, Хајко Ломан. 

„Паѓа во очи и навистина е новина тоа што Газпром очигледно ги исполнува договорите земајќи поголеми количина од складиштата во Европа и евентуално преку докупување на дел од количините од европскиот пазар. Барем тоа го слушам од дилери,“ вели Хајко Ломан. 

Како резултат на ваквиот пристап  двете најважни складишта во Европа за гас на Газпром - во германскиот Реден, најголем резервоар во ЕУ, и во австрискиот Хајдах - на почетокот од летово беа речиси празни и тукушто почна нивно ново полнење со гас. „Ова е сосем невообичаено за Газпром и бара политичко толкување“, смета овој експерт. 

Агенцијата „Новости“ – без Русија нема загарантирано снабдување со гас 

Вакво толкување лесно може да се најде во официјалните руски медиуми. Државната агенција „Новости“ за стратегијата и тактиката на државниот руски концерн за гас го има следново објаснување: „При проценка на секој потег на компанијата на европскиот пазар мора секогаш да се има на ум дека Газпром мора да влијае врз завршување на изградбата на гасоводот Северен тек 2.“ 

-повеќе:

Северен тек 2: Повиците за запирање на изградбата му помагаат само на Путин

Кому всушност му е потребен „Северен тек 2“?

Газпром - надворешнополитичко средство на Москва

Во текстот недвосмислено се признава дека „Русија ја кочи испораката на гас“ и не само со целта полнење на контото на компанијата и на државната каса. „Втора и не помалку значајна цел е нашите партнери од Западот да се навикнат на фактот дека нивното снабдување со гас може да биде загарантирано само преку тесно партнерство со Русија.“ 

Се чини дека ова „навикнување на западните партнери“ во превод значи: Европа преку Украина добива толку гас колку што е договорено кон крајот на 2019 во руско-украинскиот петгодишен договор за транзит. На Газпром не му се исплати да испорачува помалку од договореното бидејќи секако мора да си плати за транзитот, но од друга страна концернот не сака да букира дополнителни капацитети за транзит по значително повисока цена. 

Russisches Verlegeschiff "Fortuna"
Дали довршувањето на Северен тек 2 е вклучено во калкулација?Фотографија: Jens Büttner/dpa-Zentralbild/picture alliance

Политички притисок од Москва во корист на Северен тек 2? 

Во договорот стои дека во првата година, 2020, количините кои транзитираат треба да изнесуваат 65 милијарди кубни метри, но потоа во 2021 до 2024 да се намалат на годишна основа на 40 милијарди кубни метри со оглед на тоа дека при потпишување на договорот Газпром сметаше на брзо пуштање во употреба на Северен тек 2, што пак беше спречено благодарени на американските санкции.

Така настана сегашната ситуација во која Европа добива значително помалку гас преку Украина отколку што реално и е потребно, Газпром се држи до договорот и полека ги празни резервите во Европа, а истовремено одолговлекува поправки на два гасоводи во правец на ЕУ.

Ова во краен биланс може да е вовед во тоа наесен рускиот државен концерн Европејците да ги стави пред избор: или Северен тек 2 чија изградба до тогаш треба да е финализирана и кој ќе има капацитет од 55 милијарди кубни метри, ќе добие дозвола за работа, или во претстојната зима ќе имате големи проблеми со снабдувањето со гас бидејќи резервоарите и натаму се полупразни, а нема да се зголемат испорачаните количини преку Украина.  

Се работи и за улогата на природниот гас при декарбонизацијата 

Во прилог на таквото сценарио оди и фактот дека Газпром на 5 јули не сакаше да букира дополнителни капацитети за транзит ниту во Украина, ниту во Полска, со образложение дека тоа можело да се стори и на месечна или квартална основа. Тоа личи на дополнителен јасен сигнал дека рускиот државен концерн од есента 2021 планира да ја задоволува побарувачката за гас во Европа исклучиво преку сопствениот гасовод во Балтичко Море. 

Хајко Ломан, кој самиот се нарекува поборник за Северен тек 2 („За Европа би било далеку покомфорно да го има тој гасовод"), првично одбива да верува во можноста за таков обид за уцена. „Досега Газпром не вршел политички притисок врз западните клиенти, или барем јавноста никогаш не чула за такво нешто. Ако сега се случи преседан, тоа во политичката дебата за Газпром ќе биде со страшни последици", вели Ломан. 

Доколку Газпром наесен навистина почне „наметливо да врши притисок", тоа ќе ја разгори и онака жестоката дебата во Европа за кратко-, средно- и долгорочната улога на гасот во рамки на декарбонизацијата и ќе ја зајакне позицијата на сите оние кои се залагаат за многу побрзо напуштање на користењето на гасот како ресурс, вели експертот во разговор со ДВ. Но, пред да дојде до таму Европа ќе треба да се соочи со сериозен проблем во снабдувањето.