„Ќелија“: Задоцнета акција или никогаш не е доцна?
7 август 2015Задоцнета акција или никогаш не е доцна кога е во прашање безбедноста и борбата против тероризмот? Ова е прашањето што се отвори по вчерашната акција на македонската полиција, во која беа уапсени девет лица осомничени за организирање и врбување припадници за паравоените формации на Блискиот Исток. Се трага по уште 27 осомничени, а за дваесетина МВР има сознанија дека се во Сирија.
„Полициската акција насочена кон апсење на лица осомничени за логистика и учество во борбите на Блискиот Исток на страна на ИСИС е премногу задоцнета, затоа што секој безбедносен проблем секогаш поуспешно и побезболно се решава во неговата почетна етапа“, вели Владимир Пивоваров, поранешен шеф на военото разузнавање.
„Секој безбедносен проблем доколку добие поголем замав потешко се решава. Впрочем, ние минатата година донесовме закон и тоа последни во регионов, во овој период поголем број на наши државјани загинаа на боиштата, а исто толкав број наши жители заминаа да се борат во редовите на ИД. Анализирајќи ги јавно достапните информации, увидовме дека наши државјани по овој основ беа уапсени во Косово, Италија и во Австралија, а нашите служби не реагираа. Во опкружувањето, особено Косово стотици лица беа уапсени и предадени на судот. Кај нас подолг период поглаварот на ИВЗ јавно укажуваше дека во џамиите во Скопје се врши регрутација на лица кои заминуваат на Блискиот Исток и се приклучуваат на ИСИЛ, на што МВР даде несериозен одговор дека не е надлежно да ги контролира џамиите. Сега е крајно време за професионализирање на службите, а политиката да ги тргне рацете од безбедносните служби. Ако ова не се случи последиците за Република Македонија може да бидат несогледливи“, предупредува Пивоваров.
Заминуваат од егзистенцијални причини?
Дел од вчера уапсените лица, осомничени дека врбувале борци за Блискиот Исток, имале врски и контакти со 16-мината убиени македонски државјани во редовите на ИД. Седум од оние кои досега ги изгубија животите на боиштата во Сирија, пак според безбедносни извори, потекнувале од непосредно соседство на објекти во Скопје каде вчера биле извршени дел од претресите, односно каде наводно била најсилна активноста за регрутирање борци. Во близина на претресените објекти во скопската општина Чаир, жители кои сакаат да останат анонимни, потврдуваат дека „млади луѓе од нивното соседство заминале во Сирија“, но сметаат дека тоа го направиле од исклучиво егзистенцијални причини.
„Замина момче од соседството. Ниту радикален ислам, ниту врбување не е во прашање. Само празен стомак. Никој во тоа семејство немаше работа. Рече дека нема друг излез. Отиде само за пари, а не за некаква идеологија“, вели соседот. Ваквите тврдења, како и неофицијалниот податок дека меѓу деветте приведени лица е и Македонец кој ја сменил православната вера и преминал во ислам, наметнува потреба од сериозна анализа за мотивите кои ги принудуваат младите за заминуваат на блискоисточните боишта и со каков „товар“ ќе се вратат.
Во ланската студија на „The Meir Amit Intelligence and Terrorism Information Center“ (ИТИЦ) за странските борци во Сирија, се проценува дека нивниот број, кој бележи тенденција на пораст - се движи помеѓу 1.600 и 2.100, а меѓу земјите со висок степен на учество, чиј број може да достигне и неколку стотици, се издвојуваат и некои балкански земји, меѓу кои и Македонија.
Само пред неколку месеци, домашни безбедносни експерти предупредија дека неформалните исламистички групи се јавуваат пред сé во нефункционални држави, чии слаби и неефикасни институции на подолг рок, индиректно влијаат на јакнење на радикалниот исламизам во општеството. Според нив, државната политика на неконфронтирање со нив, во голема мера е детерминирана и од сензитивноста на меѓуетничките односи. Во таа смисла, отсуството на енергични контрамерки од страна на државните органи, во континуитет создава предуслови за јакнење на нивните капацитети.
ИВЗ: Загрижени поради изговорот за акцијата
Исламската заедница вчера соопшти дека „е загрижена поради изговорoт на оваа акција, која се однесува на т.н. ИД“.
„ИВЗ во почетокот на создавањето на овој феномен, имаше дециден и јасен став, дека ИСИС не го претставува исламот. Од почетокот на војните во Ирак и Сирија, Исламската заедница ja информираше јавноста дека овие војни се бесмислени и туѓи за нас, па ИВЗ е против било каква поврзаност со овие војни. Што се однесува до акција 'Ќелија', Исламската заедница не е институција зa следење или истражувач и како институција не е одговорнa за дејствијата на поединци, со тоа кој со што се занимава во приватниот живот, но од страна на судството, бараме транспарентност и праведност, и почитување на човековите права и пресумпцијата на невиност додека не се докаже вината за некого. Ние сме бескомпромисни кога станува збор за насилство, уште повеќе кога тоа се прави во име на религијата. Се залагаме за функционирање на правната држава, да се искорени екстремизмот и насилството и ги повикуваме сите меѓународни тела и разни здруженија кои работат во таа насока, во ИВЗ да гледаат како на вистински сојузник во овaa итна работа“, се вели во соопштението на ИВЗ.
Од таму и натаму се воздржани за коментар на податокот дека „се ослободени“ двете џамии во Скопје кои досега не биле под нивна контрола.
Без воздршка, пак, акцијата на МВР вчера беше поздравена од Амбасадата на САД.
„Информирани сме дека оваа операција беше резултат на една долготрајна и внимателна истрага од страна на полицијата, разузнавачките служби и Канцеларијата на јавниот обвинител, и тоа во согласност со новите македонски закони против тероризам. Ја поддржуваме Владата што користи кривично-правни постапки за да се запре приливот на терористички борци во конфликтните региони, за да се сосече напливот на насилство, и за агресивно да се спротивстави на насилниот екстремизам. Акцијата претставува придонес кон регионалните и глобалните напори да се стави крај на злото на тероризмот“, се вели во соопштението од амбасадата на САД во Македонија.
Безбедносни експерти сметаат дека може ефикасно да се застане на патот на опасните тенденции, но под два услова: мора да се поседуваат познавања од оваа област, но и да се прави јасна дистинкција помеѓу религиозните убедувања кои остануваат само во приватната сфера и оние кои се насочени кон општествено-политички промени преку насилно делување.