1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во „Ќелија“ девет наводни исламисти

Катерина Блажевска6 август 2015

Девет уапсени и 27 недостапни лица е епилогот од полициската акција „Ќелија“, осомничени дека врбувале борци за Блискиот Исток. Аналитичарите пак се сомневаат во политичка позадина на акцијата.

https://p.dw.com/p/1GB9n
Архивска фотографијаФотографија: MIA

Девет лица осомничени за организирање и врбување на припадници за паравоените формации на Блискиот Исток, се уапсени во денешната полициска акција под оперативно име „Ќелија“, а 27 се недостапни, соопшти на прес-конференција министерот за внатрешни работи Митко Чавков. Сите уапсени се македонски државјани од различна националност. Собирањето на доказите започнало во септември 2014 и траело до јули годинава. Утринава биле извршени претреси во Тутунсез џамијата во Скопје, во интернет кафето „Фаст нет“ и во просториите на две невладини организации. Освен во Скопје, полицијата извршила претреси и во Гостивар, Струга, Тетово и Куманово.

Според министерот, дваесетина од осомничените најверојатно се наоѓаат на боиштата во Сирија. Во акцијата е уапсен и имам од Скопје, а според доказите што ги имала полицијата тој се смета за еден од идеолозите за организирање и врбување на поединци да заминат во паравоени организации во кризните земји.

На прашањето дали има сознанија дека повратниците од Сирија планирале напади во Македонија, министерот рече дека се можни такви ризици и дека затоа била започната акцијата „Ќелија“. Уапсените веќе се изведени пред Кривичниот суд во Скопје.

Медиумите уште утрово објавија дека во акцијата е уапсен и имамот на џамиите Тутунсуз и Јаја Паша, Реџеп Мемиши, за кои Исламската верска заедница (ИВЗ) одамна тврдеше дека не се под нејзина контрола и дека таму се „извитоперува традиционалниот ислам“.
Според информациите на МВР, околу 130 државјани на Македонија досега биле или се уште се наоѓаат на фронтовите во Сирија и Ирак. Македонија донесе антитерористички закон со кој се казнува учеството на македонски државјани во странски војни, откако над десетина лица од Македонија го изгубија животот на фронтовите во Сирија и Ирак.

Хроника на една најавена акција

Денешната акција за многумина и не е изненадувачка, бидејќи премиерот Груевски практично ја најави во неговиот илинденски говор.

„Ако некој мисли дека оваа мигрантска криза е некаков бран кој ќе помине набрзо, се лаже. Ова е само почеток на еден вид нова голема преселба на народите, која допрва ќе добие замав. Засега добро се справуваме, но предизвиците ќе растат. Ќе бидат потребни дополнителни напори, мерки и политики. Заканите од тероризмот демнат над нас, како и над цела Европа. Радикалните групации отворено се закануваат, а повремено и дејствуваат. Мораме да ги јакнеме нашите капацитети во справувањето со нив, и мораме да се справуваме со нив. Неодамнешните настани во Куманово, и повремените фрлања бомби или гранати, се само потсетник дека ваквиот вид закани не е само некаде далеку од нас, во Франција, или во Белгија, во Норвешка или во Америка, во Ирак или во Сирија. Тие може да дојдат и во нашата улица, пред нашиот влез на зграда или куќа и да ги загрозат нашите животи и животите на нашите блиски“, рече Груевски.

Аналитичарите потенцираат дека борбата против тероризмот заслужува поддршка, но дел од нив се сомневаат дали во Македонија навистина се води таква борба, или е само пропагандна алатка за потребите на власта.

„Според досегашните информации, акцијата изгледа како трошење на уште еден џокер за дефокусирање од политичкиот моментум во државата“, вели аналитичарот Рамадан Рамадани.

„Пред се, заради фактот дека законот е усвоен одамна и ако имало дејствија што потпаѓаат под него, требало веднаш да се реагира. Ова е сериозна тема и заради сензитивноста, но и заради претходните акции како 'Раштански лозја' и првичните масовни апсења после Смилковскиот масакр, кои понатаму не се процесуираa. Очигледно e дека МВР овојпат ќе треба да биде трикратно поуверлива во доказите и процедурата, затоа што после мајските настани во Куманово се стеснува маневарскиот простор за одговорност од голема грешка, а заради која еден двајцата главни братучеди е тргнат од функцијата по Куманово“, потсетува Рамадани.

Сличен став дели и аналитичарот Мерсел Биљали.

„Акцијата е намената како покритие за актуелните проблеми во државата и претставува еден вид 'логичен континуитет' на онаа импровизација што се случи во Куманово. Сето тоа има за цел од луѓето да направи овци, за лесно да го сврти нивното внимание од реалната криза, а да го маскира криминалот спакуван во 'патриотска' амбалажа“, уверен е Биљали.

Извори во безбедносните структури кои инсистираат на анонимност велат дека опасноста не треба да се потпценува, а активностите да не се политизираат. Според нив, безбедносните органи располагаат со сериозни информации кои недвосмислено укажуваат на недозволени активности на радикални групи.

Mazedonien Polizei Razzia Terrorismus Islamismus
Македонската полиција изведе слична рација против наводни исламисти и по убиствата кај Смилковско езероФотографија: MIA

ИВЗ чека информации

„Поради недостиг на информации“ од ИВЗ не ја коментираат ни акцијата, ни информацијата дека „се ослободени“ двете џамии кои досега не биле под нивна контрола .

Кога лани поглаварот на ИВЗ, Реис ул Улема хаџи Сулејман Реџепи јавно побара полициска интервенција за враќање на контролата на ИВЗ врз Јахја-пашината и Тутунсез џамијата во Скопје, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска му порача дека МВР нема надлежност да прави контрола во џамиите.

„Баравме од компетентните владини органи да ни помогнат почитувајќи го законот, но тие не ја извршија својата работа. Затоа, ако нешто се случи во Јахја-пашината џамија и во Тутунзес, за нас, тоа ќе се случи во МВР, а не во нашите објекти“, порача поглаварот на ИВЗ.

„Претпоставувам дека поглаварот на ИВЗ излегува со спектакуларни најави и изјави во контекст на негов евентуален реизбор или позиционирање таму каде што аплицира за позиции“, му одговори Јанкулоска.

Денес никој не е подготвен да одговори на прашањето - што се смени оттогаш до денес: состојбата или политичко-маркетиншките приоритети?