1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп си ги зел „љубовните писма“ дома

ЖА
8 февруари 2022

На крајот од својот мандат, екс-претседателот на САД бесправно пренесол документи од Белата куќа во својот луксузен имот Мар-а-Лаго, меѓу кои и писма од севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун.

https://p.dw.com/p/46gEr
USA | Wahlkampagne Donald Trump in Conroe
Фотографија: Go Nakamura/REUTERS

Вработени од Националниот архив на САД морале да подигнат повеќе картони со документи од луксузната резиденција на Доналд Трамп во Мар-а-Лаго во сојузната држава Флорида, пишува весникот „Вашингтон пост“. Меѓу документите биле најдени и писма од  Ким Јонг Ун,  како и од претходникот на Трамп, Барак Обама.

Законот јасно регулира дека сите писмени документи на еден американски претседател по крајот на неговиот мандат треба да бидат предадени на Националниот архив. Советниците на Трамп одрекуваат дека тој имал лоши намери земајќи ги документите во својот дом.

Staatschef von Nordkorea Kim Jong Un
Трамп имаше неколку средби со Ким Јонг Ун и одржува писмен контакт со негоФотографија: KNS/AP/dpa/picture alliance

За време на својот мандат, кој заврши на 20. јануари 2021. година,  Трамп  изгради невообичаено близок однос со меѓународно изолираниот лидер на Северна Кореја, Ким Јонг Ун. Двајцата имаа неколку лични средби и одржуваа писмен контакт. „Тој ми пишуваше прекрасни писма, тоа се величествени писма. Ние се заљубивме“, изјави Трамп во 2018. година пред своите симпатизери. Американските медиуми оттогаш пишуваат за „љубовни писма“.

Како претседател,  Трамп беше познат по својот немарен однос кон правилата поврзани со официјални документи. Републиканецот постојано кинел писма, без оглед на обврската за архивирање, а вработените во Белата куќа потоа морале да ги лепат.

И членовите на Парламентарната истражна комисија за упадот кој се случи во  Капитол  на 6. јануари 2021, според „Вашингтон пост“, од Националниот архив добиле на увид искинати и залепени документи. Комисијата има задача со помош на документите меѓу другото да го реконструира однесувањето на Трамп и неговите средби и телефонски разговори на денот на нападот врз Капитол.