Ѕвечкање со оружје во Хрватска и Србија
29 април 2021Србија неодамна значително го зголеми својот воен буџет, за преку 40 %. Хрватските годишни издвојувања сѐ до 2018 година беа поголеми од оние на Србија, но сега односот се промени. Притоа треба да се има предвид не само фактот дека двете соседни земји до пред четвртина век војуваа меѓусебно. Освен тоа, Хрватска денес е членка на НАТО, додека Србија на надворешнополитички план, па и воен, блиску соработува со Русија и со Кина. Без оглед на преговорите со ЕУ за зачленување, или токму со оглед на тоа. Но, прашање е како во тој контекст функционира експериментот меѓу опременоста на двете војски и самиот политички однос на двете земји кои ги финансираат.
Неопременост на оружените сили
„Т.н. баланс во вооружувањето е погрешна рамка ако се сака да се размислува за целта на елиминација на можни воени судири меѓу Хрватска и Србија“, вели Озрен Жунец, социолог специјализиран за воени прашања и експерт за безбедност од Филозофскиот факултет во Загреб. „Зашто, количината или размерите на вооружување не би спречиле судир ако за него нема причина, во ниеден случај. Во тоа пресудна улога би имала комбинација на некои други фактори, додека балансот или дебалансот не гарантира никаков исход.“
Повеќе:
Што сака Русија на Западниот Балкан?
Нов почеток во односите меѓу српскиот и хрватскиот народ?
„Олуја“- Потребен е простор за паметење и на победата, но и на жртвите
Жунец притоа како доказ кон тоа го споменува и исходот од последната војна – Хрватска во неа победи, иако според вооружувањето, посебно на почетокот на воениот судир, беше немерливо поинфериорна. „Самото одржување на постојана напнатост, па и преку тематизирање на вооружувањето денес, во секој случај им одговара на извесни политички сили. Но, мислам дека овде треба да се воочи поважен момент: хрватските оружни сили и натаму се во своевидна критична состојба. Така, во патролите по Јадранско Море, поради бегалците, во составот на воено-морнарскиот контингент беше ангажиран и еден цивилен брод, кој инаку служи за хидрографски истражувања. Изразито техничките воени гранки како авијацијата и морнарицата, во Хрватска се бескрајно запуштени“, вели Озрен Жунец.
Пацифизмот не е на повидок
Во тој поглед може да се зборува значи за потреба од маркетинг поради воено-секторското перманентно потсетување на пошироката политичка и општа јавност на објективната недоволна опременост на оружените сили. Како во Хрватска, така и во Србија. Некаков друг пристап кон односите на двете земји по тоа прашање, на пример пацифистички, очигледно уште не е дојдено на ред.
„Од позиција на самата војска, логично е самите министри за одбрана да изнудуваат дополнителни финансиски средства на различни начини, па и со создавање на впечаток за загрозеност од насока на соседната држава. Сепак, во целосната архитектура на безбедноста на Хрватска, дефинитивно поважен е фактот што сега сме членка на НАТО. Тоа овде е посилно отколку што би ни била и набавка на нуклеарна бомба, да карикирам малку“, вели Жунец.
Според него, денес позициите се изменети и на други начини во споредба со оние кои важеа во време на разијдувањето на Хрватска и Србија од заедничката СФР Југославија: „Јасно е дека во оваа приказна свој пазарен интерес наоѓа и воената индустрија. Но, таа некогаш исто така беше државна, како и во Австро-Унгарија, додека во меѓувреме стана приватна. Сега веќе не генерира вредност во БДП, туку влече наплати од државниот буџет, што не смее да се заборави.“
Карикатурална копија на глобалните случувања
Од друга страна, бившиот политичар и дипломат Божо Ковачевиќ укажува на глобалниот пораст на издвојувања за воени потреби, дури и лани, во година на економска криза предизвикана од пандемијата на коронавирус. Овој предавач на Високата школа за меѓународни односи и дипломатија Dag Hammarskjöld во Загреб, причината за тоа ја наоѓа во прв ред во растот на тензиите на пример меѓу НАТО и Русија или САД и Кина: „Имајќи го тоа во вид, ова што се случува и тоа како се одразува – во вооружувањето на Хрватска и на Србија, тоа е копија во мало на тие случувања. Карикатурала копија, но секако не израз на реалните потреби од заштита од закани.“
„Поради тоа се случува и т.н. безбедносна дилема. Секоја страна го користи вооружувањето на онаа другата како повод за продолжување на сопственото вооружување. Хрватска притоа еднострано и тесно ги толкува обврските кон стандардите на НАТО, иако наместо купување застарени воени авиони би можела да вложува во модерни системи на противвоздушна одбрана. Србија пак сака да остане верна на својата традиција на балканска сила, патемно кокетира со некои елементи на политиката на неврзување, но долгорочно сепак ќе мора подиректно да се определи“, истакнува Ковачевиќ во разговор за Дојче веле.
Интересите на големите сили на Балкан
Тој воедно проценува дека на Хрватска денес не ѝ се заканува никаква воена опасност од Србија, нејзе би ѝ било крајно нерационално да нападне една членка на НАТО. Хрватска исто така не искажува никакви слични намери во спротивна насока. „Но, во игра на двете страни се и милитантни воени страсти на понекои кругови“, додава Божо Ковачевиќ, „покрај интересите на големите сили кои се одмеруваат на Балкан, па тоа се манифестира и на обидите за зајакнување на позициите на различни политички струи на внатрешен план. А некоја рамнотежа на тие интереси е пореметена и со стратешката недореченост на ЕУ, како и повеќегодишната незаинтересираност на администрацијата на Доналд Трамп за состојбата во овој регион.“
Овој наш соговорник затоа смета дека на Хрватска и на Србија не им се закануваат суштински внатрешни политички сили од овој или оној вид, колку евентуален стрес во односите на глобалните сили. Тие наводно би можеле во некој критичен час и лоша констелација да го искористат потенцијалот за водење мали, „посреднички војни“ во одделни трустни региони. Ковачевиќ предупредува дека, во случај на слабост на локалната политика и подлегнување на милитантни решенија, какви некој секогаш сугерира, такво сценарио не е сосема невозможно. Но, би било крајно трагично политичарите од Хрватска и од Србија по сѐ да дозволат и на Западен Балкан да се случи нешто слично на она што во поново доба ѝ се случи на пример на една Украина.