1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бесконечното сослушување за импичмент на Трамп

Карла Блајкер
14 ноември 2019

Првото јавно сослушување во рамки на постапката за отповикување од функцијата на Доналд Трамп, не донесе многу нови сознанија и повеќе наликуваше на маратонска седница отколку на политичко крими, смета Карла Блајкер.

https://p.dw.com/p/3SyrO
USA Impeachment öffentliche Anhörung George Kent und William Taylor
Фотографија: Reuters/E. Scott

Јасно се повлечени границите кои ги делат партиите во постапката за импичмент на Доналд Трамп. Тоа особено јасно се виде во првото јавно сослушување во средата во рамки на истрагата. Адам Шиф, претседателот на Комисијата за тајните служби во Претставничкиот дом, за однесувањето на претседателот Доналд Трамп во врска со украинската криза рече: „Ако таквото однесување не оправдува импичмент, кое друго би оправдувало?"
Дејвин Нјунес, највисокиот по ранг претставник на Републиканците во Комисијата за тајните служби, пак, вели дека „измамата со импичментот" е „внимателно инсценирана валкана медиумска капмања" против претседателот. Значи се` е како и вообичаено. Јавното сослушување на првите два сведока веројатно го промени мислењето само кај неколкумина поддржувачи, односно противници на Трамп.
Притоа двете страни навистина се потрудија. Околу шест часа траеше сослушувањето во кое американскиот вршител на должноста амбасадор во Украина Вилијам Тејлор и дипоматот во американскиот секретаријат за надворешни работи и познавач на приликите во Украина, Џорџ Кент, одговараа на прашања на членовите на Комисијата, како и на адвокатите на Демократската и Републиканската партија.
Шест часа, двојно подолго од последниот филм со суперхерои од серијалот Авенџерс, но со значително помалку акција. Дури и на оние кои се одушевени од политиката во главниот град, во некој момент им опадна концентрацијата. А, оние кои досега не се информирале добро за тоа што разговарал Трамп со украинскиот колега Володимир Зеленски на телефон, кои се Џулијани, Јованович и Сондленд и кои се` услуги требало да бидат разменети (или пак и не), тешко можеа да ги следат макар и почетните говори на двата сведоци.

Autorenbild l Kommentatorenbild DW Carla Bleiker PROVISORISCH
Карла БлајкерФотографија: privat

Очајниот амбасадор
Од сослушувањето не произлегоа многу новитети. Но, сведочењето на Бил Тејлор, дипломат со повеќедецениски стаж кој служел и за време на претседателот Џорџ Буш и порано веќе еднаш бил амбасадор во Украина, сепак имаше нешто депримирачко во деталите. Тејлор рече дека пред да ја преземе должноста во јуни 2019, барал секретарот за надворешни работи Мајк Помпео да му потврди дека американската поддршка за Украина ќе остане непроменета. И како од ден на ден станувал се` позагрижен кога морал да констатира дека владата на неговата земја ги заобиколува официјалните дипломатски канали и дека, како што рече, била подготвена да помогне само ако Зеленски јавно најави истрага против синот на Џо Бајден, Хантер.
Изјавата на Тејлор има тежина, особено поради тоа што во средата можеше да се забележи дека тоа не се зборови на деклариран противник на Трамп, ниту на припадник на Демократите, туку на искусен дипломат кој не можел да се соземе од однесувањето на неговата влада и во еден момент веќе немал одговори на прашањата на неговите украински колеги.

Повеќе: 

Сослушувања за украинската афера на Трамп - политичка драма во живо

Хаотични сцени во американскиот Конгрес - Републиканците го попречуваа сослушувањето за Украина

Што точно разговарал Трамп со Зеленски?

Се` се само гласини!

Една од главните критики на Републиканците во средата беше дека двата сведоци никогаш лично не разговарале со претседателот Трамп и дека дел од нивните искази се потпира на гласини. Не може да се потпрат на таквите информации бидејќи лицата кои разговарале со Тејлор или Кент можеби згрешиле, или пак лажеле.
Таквиот аргумент кој на прва рака можеби делува убедувачки, губи секакво тло ако се земе во предвид дека владата на Трамп на многумина сведоци, кои можеби имаат информации од прва рака, им забрани да дадат исказ во сослушувањето за импичмент. Пратеник на Демократите по жалбите на Републиканците предложи лично Трамп да даде исказ. „Може да седне токму онаму (на клупата за сведоци)", рече шеговито тој.
Но, тоа веројатно нема да се случи. Наместо тоа в петок ќе се продолжи со исказот на Мари Јованович, поранешната американска амбасадорка во Киев, која не ги ужива симпатиите на Трамп кој пак, летоска ја отповика од нејзината функција. По сослушувањето во средата, таа може само да се надева дека ќе се спаси со помалку од шест часа испрашување.