1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Републиканците го попречуваа сослушувањето за Украина

ЕМФ / дв
24 октомври 2019

Со извици „Пуштете нѐ внатре“ околу 30 Републиканци се втурнаа во салата за сослушување во Конгресот. Тие бараа поголема транспарентност во истрагата за Украина.

https://p.dw.com/p/3RpMf
USA Republikaner stürmen Sitzungssaal bei Anhörung in Ukraine-Affäre
Фотографија: AFP/Getty Images/A. Wroblewski

Групата републикански пратеници се протна покрај луѓето од обезбедувањето и без дозвола влезе во салата за сослушување во Конгресот. Тие протестираат против тоа што сослушувањето за украинската афера требаше да се одржи зад затворени врати. Притоа, на сите членови на Претставничкиот дом кои се опфатени со истрагата за Украина, им е оставен простор за сведочење, а тоа се повеќе од 40 Републиканци. Но, тоа очигледно на конзервативците не им е доволно.

Дел од Републиканците за време на својата акција, поради која соработничката на Пентагон, Лора Купер, мораше да чека цели пет часа пред да биде сослушана, испраќаа пораки од своите смартфони, иако постои забрана за внесување мобилни телефони во салата. Републиканецот Мет Геиц на Твитер напиша дека заедно со повеќе од 30 колеги влегол во салата.

Опозициската партија со истрагата има намера да подготви терен за можен подоцнежен импичмент против претседателот Доналд Трамп. Демократите го обвинуваат Трамп дека ја злоупотребил службената положба, односно дека сакал да влијае врз истрагата во Украина против демократскиот кандидат за претседател Џо Бајден, чиј син порано работел за украинска фирма.

Трамп го обвинува Бајден дека додека бил американски потпретседател го штител својот син од истрага за корупција во Украина. Докази за тоа нема. Освен тоа, Трамп се држи и до теоријата - која исто така не е докажана - дека Украина била на страната на Демократите во кампањата за претседателските избори 2016 година.

Лора Купер, која е надлежна за Украина во американското Министерството за одбрана, треба да даде изјава околу американската воена помош за Украина во висина од 391 милиони долари, која се задржува со месеци. Американскиот амбасадор во Киев, Вилијам Тејлор, изјави дека Трамп ја задржува помошта за да издејствува истрага. Демократите сметаат дека изјавите на Тејлор се тешко обвинување на сметка на Трамп.