Што се брише во СЈО?
29 јули 2019По медиумските информации дека специјалната јавна обвинителка дала усна наредба за „форензичко бришење на податоците“ од компјутерите во СЈО, ДВ разговараше со обвинители од таа институција. Тие тврдат дека по преслушувањето на сто отсто од незаконски следените комуникации („бомбите“) кои му биле предадени на ова Обвинителство, тече процес на постепено отстранување на тие материјали, но само од персоналните компјутери на стручните соработници и истражители, кои повеќе немаат потреба да работат со нив, бидејќи сите материјали се предадени на обвинителите. Велат дека таа постапка не може да се поврзе со случајот „Рекет“, но и потенцираат дека немаат информации дали можеби има некаква наредба за други активности кои евентуално би имале директна врска со тој случај.
„Стручните соработници и истражителите ги анализираат аудио материјалите, ги одвојуваат приватните од службените разговори, и сите податоци поврзани со тие материјали ги внесуваат во ексел-табела (времетрање на разговори, соговорници, клучни зборови според кои материјалот повторно може да биде пребаруван итн). Исто така, тие одвојуваат и транскрибираат материјал кој може да укажува на кривично дело и за тоа доставуваат извештај до обвинителот. Кога нивната работа на одреден аудио - материјал целосно ќе заврши и извештајот ќе биде доставен, од безбедносни причини повеќе нема потреба тој материјал и натаму да биде во персоналните компјутери на истражителите и стручните соработници, па информатичарите го ‘катираат‘ и го враќаат во базата“, објаснуваат нашите соговорници.
За ваквото постапување од безбедносен аспект во работата со чувствителни материјали, информатичарите наводно биле и на обука во странство.
Сѐ се евидентира и архивира
На нашата забелешка дека соработниците и истражителите уште во текот на работата може да ги преснимаат материјалите на мемориски стик, да ги изнесат и злоупотребат, нашите соговорници тврдат дека тоа би бил ризичен потег.
„Според правилници за постапување со тие материјали, точно се знае кои лица имале пристап до нив. Тоа останува евидентирано и архивирано. И кога нема да постои СЈО во оваа форма, регулирано е колкав период ќе останат зачувани и архивирани тие податоци. Точно ќе се знае кој се имал пристап до нив. Бидејќи, на пример, има и предмети кои ги работат по двајца обвинители заедно со нивните тимови, па опсегот на лица кои имале достап до тие материјали е поголем. Сето тоа е повеќекратно евидентирано со име презиме и други податоци, и нема начин да се избрише. Така што сите учесници во процесот се свесни дека евентуалната злоупотреба носи одговорност“, објаснуваат обвинителите.
Според нив, оваа постапка е тековна и не може да се поврзе со случајот „Рекет“. Но, потенцираат дека во моментов не знаат дали можеби има и некаква друга наредба за постапување на информатичарите, а која евентуално би можела да се доведе во врска со тој случај. Од она што го досега забележале, велат дека единствено за предметите „Империја“ и „Поштенска банка“ не се реферирало на колегиум, каква што била практиката за сите други предмети.
„За ‘Империја‘ точно се знае кои и колку лица имале пристап до материјалите“, велат тие, а го нарекуваат „предметот од подрумот“, со оглед дека голем дел од материјалите за него биле сместени во подрумот на СЈО.
Како што е познато, поради пукање на цевка од системот за греење, тој подрум беше делумно поплавен, а со водата биле зафатени и дел од материјалите за „Империја“. Од СЈО тогаш тврдеа дека станува збор за документи добиени од јавни и државни институции, кои се надоместливи.
Опозицијата бара детална истрага
СЈО завчера ги демантираше медиумските сознанија добиени од лица од тоа Обвинителство, дека Јанева усно побарала од вработени во ИТ-секторот „форензичко бришење на податоците“ од компјутерите.
„Сите активности кои во континуитет се преземаат се единствено во насока на зачувување на сите податоци, информации, документи и списи кои се предмет на работењето на ова обвинителство. Водејќи се од правилата за обезбедување на безбедносни, технички и организациски мерки во делот на заштитата на целокупниот материјал кој се наоѓа во обвинителството, сочувувањето на неговиот интегритет е од висок приоритет, и во ниту еден случај не би се дозволило по било кој основ истиот да биде доведен во опасност“, соопшти СЈО.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го игнорираше демантот на СЈО и обвини дека Катица Јанева сака нешто да сокрие.
„Очигледно, по ваков скандал Катица Јанева има нешто да сокрие, а штом сѐ уште молчат сите и обвинителството и власта, и Катица Јанева не се наоѓа на распит во Обвинителството, тоа значи дека некој сака и нејзе да ја скрие и да го премолчи целиот овој скандал и инволвираноста на Јанева во 'Рекет'“, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Од ВМРО-ДПМНЕ побараа детална истрага за случајот, а од СДСМ реплицираа: „За разлика од времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ кога не се постапуваше, не се покренуваа случаи против режимот и кога требаше народ да се крене против корупцијата, денес постои заштитен механизам на релација граѓани – обвинителство – МВР кој го штити општеството и кој може да се справи со евентуални случаи на корупција. Државата изгради институции и создаде системи коишто се борат против корупцијата и криминалот."