1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Јанева: Чиста сум!

БГ
23 јули 2019

По еднонеделен молк, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева се појави во СЈО од каде порача дека ни свесно, ниту несвесно не ја злоупотребила службената должност. Многумина го злоупотребуваат моето име, вели таа.

https://p.dw.com/p/3Mb5L
Nord-Mazedonien | Sonderstaatsanwaltschaft Katica Janeva
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева тврди дека е цел на линч во јавноста и дека нема никаква вмешаност во случајот „Рекет“ кој го отвори Јавното обвинителство минатата недела.
Откако на 15 јули најави заминување од функцијата, а веќе следниот ден замина на боледување, Јанева не се појавуваше во јавноста, ниту одговораше на бројните прозивки околу нејзината наводна вмешаност во случајот „Рекет“.

„Го разбирам, почитувам и оправдувам интересот на јавноста за случајот 'Рекет'. Носител сум на јавна функција за која мора да има целосна транспарентност. Се извинувам што свесно оставив подолг период да не излегувам во јавноста иако не ми беше лесно да го следам јавниот линч, но не сакав да оставам впечаток дека се мешам во истрагата“, рече Јанева на прес-конференција свикана во седиштето на СЈО во Скопје.

Таа отфрли било каква вмешаност во скандалот кој со денови ја преокупира македонската јавност.

„Најодговорно тврдам дека ниту свесно ниту несвесно, со сторување или несторување, не сум ја злоупотребила должноста која сѐ уште ја извршувам“, вели Јанева, додавајќи дека „јавно ги охрабрува органите да ги расчистат сите околности“.

Таа признава дека „како и многу други лица на високи политички функции“ се познавала со Бојан Јовановски- првоосомничениот во случајот „Рекет“, но тоа, рече понатаму, „не значи дека некој стекнал право да ја злоупотребува мојата службена должност, за евентуално да остварува привилегии или да презема незаконити дејства“.

Јанева очекува низ транспарентна постапка да се стави крај на сите неофицијални информации со кои некој се обидува да ѝ наштети на нејзината чест и углед.

„За жал, не само лицето Бојан Јовановски, туку и многу други без да знам го злоупотребуваат моето име и презиме за различни цели“. Таа вели дека предметите кои ги оставила во СЈО во иднина ќе ѝ покажат на јавноста „зошто некој се обиде да ме дискредитира и да го загрози кредибилитетот на СЈО“.

„Јас сум чиста“, порача Јанева пред да си замине, одбивајќи да одговори на новинарски прашања.