1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што остана од големиот сон на Мартин Лутер Кинг?

Ен-Кристин Шефар / Александар Методијев28 август 2013

Со својот говор и зборовите „Јас имам еден сон", Мартин Лутер Кинг влезе во историјата. Педесет години подоцна, Афроамериканци и припадници на други малцинства во САД и натаму се борат против дискриминација.

https://p.dw.com/p/19Xil
Фотографија: rtr

„Сонувам за тоа дека моите четири деца еден ден ќе живеат во земја во која за нив ќе се суди врз основа на нивниот карактер, а не врз основа на бојата на кожата... Сонувам за тоа дека еден ден синовите на поранешните робови и синовите на поранешните робовладетели ќе седат заедно на братска маса“, зборуваше Мартин Лутер Кинг.

Педесет години подоцна – белите и црни семејства седат заедно, но на скалите каде пред половина век пред 200.000 луѓе е одржан тој историски говор.

50. Jahrestag MLK
Сиромаштијата и натаму е присутнaФотографија: DW/Ann-Kristin Schäfer

Барак Обама, Афроамериканец, е на чело на Соединетите Американски Држави. Дали тоа значи дека сонот се остварил?

Афроамериканци во магепсан круг на сиромаштија

Околу 25 километри подалеку е Анакостија, кварт во Вашингтон. Доброволци им делат појадок на бездомниците и сиромашните. Нема ниту еден белец. Женева Хејвард му подава сендвич на едно девојче и вели:

„Како дете бев од другата страна на масата – тоа е циклус на кој му нема крај. Баба ми беше сиромашна, мајка ми беше сиромашна, јас сум сиромашна“. За да се извлече од магепсаниот круг на сиромаштија, оваа 36-годишна мајка на четири деца почнала да се ангажира во помагање на оние чија ситуација многу добро ја познава од лично искуство.

Правата на американските црнци се изедначени со правата на белците во 60-тите години на минатиот век. Забранета е дискриминација во образованието, работата и личниот живот. Но, последиците од државната, така да се каже, наметната расна сегрегација, се’ уште се видливи. Според извештајот од министерството надлежно за попис на населението, во периодот од 2007 до 2011 година секој четврти црн и само секој десети бел Американец живеел во сиромаштија.

„Ропството доведе до тоа афроамериканските семејства и денес да имаат помалку пари отколку белците“, објаснува Боб Тилер, кој своевремено како 22-годишно момче лично го слушал говорот на Мартин Лутер Кинг.

„По завршувањето на ропството мораа да почнат од нула и беа и натаму дискриминирани. Кога човек со децении не може да најде работа, кога ќе му се забрани пристап до училиштата и универзитетите, тогаш му е тешко на своите деца да им обезбеди подобра иднина“, вели тој.

Ако си црн не си доволно добар?

50. Jahrestag MLK
Споменик во чест на Мартин Лутер КингФотографија: DW/Ann-Kristin Schäfer

И покрај се’, во меѓувреме има многу Афроамериканци на водечки позиции. Еден од нив е Џејмс Фармер, хемиски инженер и консултант.

„Дедо ми ми рече дека не е доволно да бидам добар студент или добар работник. Ми рече дека морам да бидам најдобар, бидејќи за мене важат други стандарди отколку за белците“, раскажува овој 32-годишник.

Фармер живее со својот партнер во хомосексуална врска и така не само што ја познава ситуацијата на црните Американци, туку и на гејовите и лезбејките. Нивната борба против дискриминавија е слична на афроамериканското движење за граѓански права од 60-тите и 70-тите години.

Педесет години по говорот на Мартин Лутер Кинг сонот се’ уште не е исполнет, но не е ниту заборавен. Америка и натаму сонува.