Вашингон се сеќава на Мартин Лутер Кинг
25 август 2013Десетици илјади луѓе вчера во Вашингтон потсетија на познатиот говор „I have a dream“ на борецот за граѓански права Мартин Лутер Кинг пред 50 години. Синот на Кинг, Мартин Лутер Кинг Трети во неговиот говор пред Меморијалот Линколн се заложи да се вложат натамошни напори за надминување на расизмот и нееднаквоста.
За „носталгични спомени“ денес не е вистинскиот момент, рече Мартин Лутер Кинг Трети. „Работата не е завршена. Патувањето не е завршено. Можеме и мораме да сториме повеќе“. Тој го одржа својот говор на истото скалило на Меморијалот Линколн на кое стоеше татко му пред 50 години.
Маршот во Вaшингтон претставуваше почеток на редица манифестации во спомен на говорот на Мартин Лутер Кинг во 1963 година. Главната манифестација ќе се одржи на 28. август, кога всушност е годишницата од говорот. За тогаш е планирано на историското место говор да одржи претседателот Барак Обама, првиот претседател на САД со темна боја на кожата, како и поранешните претседатели Џими Картер и Бил Клинтон. Во среда во 15 часот, според времето во Вашингтон во целите Соединети Држави треба да се огласат ѕвоната во спомен на историксиот ден.
„I have a dream“
„Пред 50 години татко ми стоеше на ова свето место и Господ говорше низ него“, рече Мартин Лутер Кинг Трети.
Во чест на борецот за граѓански права Кинг, кој во САД до денес е ценет и тогашниот „Марш на Вашингтон“ министерот за правда Ерик Холдер рече: „Вашиот марш сега е наш марш и тој мора да продолжи“. Холдер и самиот афроамериканец повика да се продолжи делото на Кинг во името на правдата.
Говорот на пасторот и борец за граѓанските права Мартин Лутер Кинг од Атланта во 1963 година беше завршницата на „Маршот кон Вашингтон“ за работа, мир и крај на расната дискриминација, на кој повикаа повеќе американски организации за граѓански права. На манифестацијата пред споменикот на претседателот Абрахам Линколн, кој го укина робството се собраа 250.000 луѓе. Со зборовите „I have a dream“ - Кинг пред толпата народ ја изрази својата надеж за крај на расната поделба и мирен соживот на луѓето со сите бои на кожа. Зборовите станаа симбол на борбата против поделбата врз основа на боја на кожата.
На почетокот на 1960-тите години во САД властите, но и голем дел од населението и натаму пружаа отпор против правна и социјална рамноправност на луѓето со темна боја на кожата. Американскиот претседател Линдон Б. Џонсон во 1964 и 1965 година ги потпиша законите за граѓански права во кои е утврдено правото на еднаквост на луѓето со црна боја на кожата.
Борецот за граѓански права и носителот на Новеловата награда за мир Мартин Лутер Кинг имаше само 39 години кога расистот Џејмс Ерл Реј го застрела на 4. април 1968 година во Мемфис на балконот на еден мотел.