Шпанија не сака посредување во конфликтот со Каталонија
7 октомври 2017Шефот на шпанската дипломатија Алфонсо Дастис е уверен дека „шпанската влада мора да ја одбрани правната држава во конфликтот со регионална влада која сака да спроведе државен удар“. Во интервју за „Шпигел“ министерот вели: „Во вакви внатрешни работи на своите членки ЕУ не се меша.“
Според Дастис, централната влада во Мадрид има доволно легални можности за да реагира на евентуалното прогласување независност од страна на Каталонија: „Отворени сме да разговараме за сите можни решенија и реформи.“
Сепаратистите во Каталонија не се откажуваат од своите планови. Шефот на регионалната влада Карлес Пуџдемон за вторник најави говор во парламентот во Барселона. Според наводи на пратеник во регионалната влада, по говорот би требало да биде изгласана декларацијата за независност, која веќе е во подготовка. Надеж дека е можно решение преку преговори разбуди понудата на Швајцарија да посредува во конфликтот.
Протести ширум Шпанија
Кризата по референдумот во Каталонија е причина за протестите ширум Шпанија закажани за викендов. Во голем број градови ќе демонстрираат и приврзаниците и противниците на отцепувањето на Каталонија. Застапниците на дијалог меѓу Мадрид и Барселона се повикани денеска да се соберат пред градските собранија ширум земјата.
Со оглед на конфронтациите и бескомпромисноста на Мадрид и Барселона, сѐ повеќе приврзаници има за анонимниот повик на интернет кој повикува на потпишување на петиција, во која се вели дека „Шпанија е подобра од нејзините политички лидери“. Сите Шпанци се повикуваат денеска напладне, облечени во бело да се соберат пред градските собранија и да обесат бели знамиња или шамии на нивните балкони.
Истовремено, во Мадрид за утре напладне е закажан „патриотски марш“ на приврзаниците на неделивоста на Шпанија. Во Барселона, на сличен ваков марш, треба да учествува и добитникот на Нобеловата награда за литература Марио Варгас Љоса. Тој го осуди стремежот на Каталонија за независност и го нарече „болест“. Љоса предупреди дека постои опасност од „нова Босна“.