Шпагата на Хилари
9 март 2016И натаму останува сѐ возможно. Хилари Клинтон додуша во оваа рунда на предизборите можеше да победи во важната сојузна држава Мисисипи, но мораше да претрпи изненадувачки пораз од Берни Сандерс во Мичиген. Тоа би требало посебно да ја боли, бидејќи на нејзиниот конкурент му успеа да ја заслабне со целни напади врз нејзината економска политика.
Мичиген со метрополата Детроит во изминатите години загуби десетици илјади добро платени работни места, синдикатите во градот се традиционално многу силни, а членовите очигледно со мислење дека строго контролиран пазар би оддржал повеќе работни места во САД. Постојат многу причини зошто губитниците од глобализацијата добро ги прифаќаат економските ветувања на Сандерс.
Делегатските гласови кои Клинтон ги загуби поради овој пораз, сѐ уште не треба да ја обеспокојуваат, но затоа треба да ја вознемири фактот дека таа не поминува онолку добро кај белата работничка класа колку што се надеваше. Нема да биде едноставно да се развие стратегија која од една страна ќе ѝ донесе гласови од идеолошкиот камп на Сандерс, а од друга страна нема да ѝ ги расипе односите со нејзините поддржувачи од економијата.
Наспроти тоа, Берни Сандерс не мора да има какви било грижи околу лојалноста. Тој по овој изборен успех може да премине во фронтален напад.
На крајот сепак нов кандидат?
И кај републиканците по оваа предизборна вечер остануваат пред сѐ многу прашања. Доналд Трамп успеа во важните сојузни држави Мисисипи и Мичиген и тоа убедливо да им покаже на конкурентите кај им е местото. Но изгледа сѐ поверојатно дека на крајот на предизборите тој нема да ги освои неопходните делегатски гласови кои ќе му обезбедат номинација за претседателски кандидат на републиканците. Така, партијата на крајот би можела да номинира друг кандидат, дури и ако Трамп има освоено најмногу гласови од сите кандидати.
Согласно тоа сега на сцена стапуваат уметниците за математики. Медиумските извештаи ќе бидат определени од прашањето - дали е подобро Марко Рубио да се откаже од трката или и покрај веројатниот пораз на неговиот домашен терен, сојузната држава Флорида, сепак да остане во трката. Или пак дали на Доналд Трамп уште повеќе би му наштетило ако Џон Касич, кој исто така нема никакви изгледи за успех како Рубио, би продолжил да се бори за кандидатурата.
И, се разбира - кој на крајот би можел да биде личноста во која би се полагале надежи дека може да го истисне Трамп од фаворитското место за републиканската кандидатурата за претседател на САД, без притоа поради тоа да се распадне партијата. За една недела ќе се гласа на Флорида. Сѐ говори дека и по оваа предизборна вечер, сѐ уште нема да се знаат кандидатите кои ќе ги одмерат силите на изборната конвенција на Републиканската партија.