Германските Трампови и „нивниот“ Доналд
4 март 2016Доналд Џон Трамп, победнички тип: бранот на успеси на популистичкиот бизнисмен не беше прекинат ниту на т.н супер-вторник на предизборите за републикански кандидат за претседател на САД. Со многу помпа тој се претставува себеси како врвен Американец и радо жестоко ги грди доселениците и со тоа многу добро проаѓа кај гласачите. Притоа самиот тој е имигрант во втора генерација. Неговото семејство имено потекнува од Германија. Или поточно од винарското село Калштад во покраината Рајнланд-Пфалц.
Што велат всушност неговите германски роднини за „ Доналд“? Се радуваат ли за неговите успеси или се скептично кон него? Репортерот на ДВ Арон Скипа се обиде да го почувствува пулсот на жителите на Калштад. Еве го неговиот извештај:
Преку глава
Откако пронајдов неколку телефонски броеви, се фаќам за слушалката. Уште пред да започнам да ги вртам броевите, имам некое благо претчувство: можеби жителите на Калштад воопшто немаат некое добро мислење за „својот “ Доналд. По првиот телефонски разговор моето претчувство се потврдува: На Трампови од Пфалц им е преку глава од нивниот американски роднина. „Не сакам да имам ништо со тоа“, вели првиот соговорник. Од десетте на кои им завртев, само малкумина сакаа да зборуваат со мене. Сите сакаа да останат анонимни.
Сепак некои од малкумината со кои телефонирам се отворени и се обидуваат да ми помогнат во моите новинарски истражувања. Повеќето Трампови кои ги пронајдов во телефонскиот именик видно изнервирани бараа изговор. Другите директно го исклучуваа телефонот. Без коментар. Немој да ме обеспокојувате. Секогаш одново си помислувам: доколку и јас би живеел во Пфалц и би се презивал Трамп- за вечно истите новинарски прашања за мојот далечен роднина во САД и јас навистина не би имал нерви.
Меѓу моите најтврдокорни прашања се вбројува и следново: „Дали човекот Доналд Трамп е тема на разговор во моментов во Пфалц?“ Очигледно не. „Никој повеќе не се осмелува да го каже она што навистина го мисли. И во тоа е проблемот. Барем не во јавност. Зад затворени врати тоа изгледа сосема поинаку“, вели еден средовечен Трамп од Калштад. Очигледно Доналд Трамп го наследил и менталитетот на луѓето од Пфалц. „ Ние радо гласно го кажуваме она што го мислиме“, ми признава еден жител на Калштад.
Силни и без Трамп
Можеби регионот Пфалц , кој и без тоа е прочуен по својата винска култура, ќе профитира од медиумската помпа и таа ќе привлече повеќе туристи во „благородното винско место“, како што си се рекламира Калштад на својата официјална веб страница. Еден жител меѓутоа ми вели: Не верувам дека тоа ќе има големо влијание врз туризмот. Најмногу што може да предизвика е љубопитност, но не верувам дека луѓе ќе доаѓаат во Калштад затоа што од овде поттекнуваат предците на Трамп“. За да се направи убав промет како винар во Калштад очигледно не е потребно да се има далечен роднина кој во моментов сака да биде иден американски претседател и доминира на насловните страници како конзервативен републиканец.