1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Референдум во Швајцарија за покривањето на жените

Бернд Ригерт
6 март 2021

Во Швајцарија во недела може да се воведе забрана за шамија, бурка и никаб. Дебатата за исламот и женските права предизвикува внимание. Прогнозите велат дека шансите се „фифти-фифти”.

https://p.dw.com/p/3qGUO
Schweiz Referendum Verhüllungsverbot
Фотографија: Denis Balibouse/REUTERS

Валтер Вобман е задоволен. Со иницијативата за забрана за покривање на жените во цела Швајцарија, која ја поднесе во Собранието, тој и неговите истомисленици поттикнаа дебата за односот спрема политичкиот ислам.

Сојузната влада, парламентот, женски здруженија, исламски научници, црквите - сите дебатираат за предлогот на муслиманките да им се забрани шамијата, бурките и никабот. Дека притоа се работи и за забрана за покривање на демонстрации или фудбалски натпревари, е споредна работа.

Валтер Вобман уште пред 11 години успешно се избори за забрана за градба на нови минариња во Швајцарија. Забраната за никаб, бурка и други форми на покривање на жените е само логичен следен чекор, смета Вобман, кој припаѓа на десното крило на националконзервативната „Швајцарска народна партија”. 

Schweiz Referendum Verhüllungsverbot | Walter Wobmann
Валтер ВобманФотографија: Peter Klaunzer/KEYSTONE/picture alliance

Тој и поддржувачите аргументираат дека се чувствуваат загрозени „од радикалниот политички ислам кој почнува да се етаблира и во земјата”, вели Вобман и додава дека „во други држави е понапреднат, но и во Швајцарија полека доаѓа и ако тоа не го сакаме, нештата мора да се разјаснат од почеток.“

Мотивот на поддржувачите на иницијативата за уставни промени за кои в недела (07.03.2021)  граѓаните на Швајцарија ќе се изјаснат на референдум, бил ослободување на жената, појаснува Валтер Вобман во разговор со ДВ. „Угнетувањето на жената и на нејзината личност нема што да бара кај нас и затоа ја почнавме иницијативата. Кај нас си го покажуваме лицето. Тоа е одлика на нашиот слободарски, демократски општествен поредок.”

Повеќе: Смее ли да се носи хиџаб во училиштата: Образование без лице

Швајцарската влада со препорака да се гласа против промените

Швајцарската влада и големото мнозинство од парламентот во Берн различно гледаат на нештата. Тие препорачуваат да се гласа против забраната за покривање на жените. Министерката за правда Карин Келер-Зутер му препорачува на населението со право на глас да се изјасни со „не”.

„Иницијативата се преправа дека решава проблем кој всушност може да се опише како маргинален феномен”, вели Келер-Зутер.

Во цела Швајцарија, според неа, има само 20 до 30 жени кои во јавност се појавуваат целосно покриени. Најчесто станува збор само за туристи кои се задржуваат кратко време во земјата, вели Келер-Зутер. „Забраната за покривање на жените не заштитува од тероризам или екстремизам. За тоа имаме поефикасни инструменти", вели министерката. Парламентот неодамна донесе нов закон со кој треба да се спречат радикални исламисти и терористи, посочува таа.

Schweiz Referendum Verhüllungsverbot | Karin Keller-Sutter und Walter Wobmann Bundesrat
Карин Келер-Зутер и Валтер Вобман (12.12.2019)Фотографија: Peter Klaunzer/KEYSTONE/picture alliance

Дали никабот е политички симбол?

Една од, според проценките, 20 до 30 забрадени жени во Швајцарија е и „Ум Мерием“, која не сака да го открие вистинското име. Конвертирала во ислам и носи никаб – превез кој има само еден мал отвор – но, за швајцарското радио вели дека тоа го прави слободно и по свое убедување.

„Мажите се создадени да ги сметаат жените за убави. Тие не ја прифатија мојата желба за дистанца. Тоа сега со никабот е многу полесно“, вели Ум Мерием.

За разлика од Валтер Вобман, таа не го смета нејзиниот превез за политички став. „Јас не сум фундаменталист, исто како што не се и останатите жени кои носат никаб. Салафисти, вахабисти – тоа се нови измислици со кои не можам да се идентификувам.“

Повеќе: Данска: Многу контроверзи по забраната на бурката

Женскиот совет на Католичката бискупска конференција во Швајцарија, исламски здруженија и некои политичарки феминистки сметаат дека забраната за носење шамија ја загрозува религиозната слобода во Швајцарија.

Валтер Вобман од Иницијативата преку која со собрани 100.000 потписи за да се покрене референдум, не се согласува со ваквиот став.

„Нормален човек не може да сфати дека вакво нешто доаѓа од црквата. Овде станува збор за мерка против политичкиот екстремен ислам, а не за религиозниот ислам. Луѓето кои нормално си ја практикуваат религијата немаат никаков проблем. Во основа, забрадувањето на жената нема никаква врска со исламската религија, бидејќи никаде во Куранот не е наведено тоа како задолжително. Тоа е симбол кој е воведен подоцна“, тврди тој. Исто како и минарињата во џамиите, и шамијата е одраз на политичкиот ислам со неговото шеријатско право, смета Вобман. „Такво нешто сигурно не сакаме во нашата култура“, категоричен е тој.

Schweiz Referendum Verhüllungsverbot
Дали никабот е политички симбол, е прашање за кое се дебатира во ШвајцаријаФотографија: Arnd Wiegmann/Reuters

Феминистките се поделени

Дел од феминистките и експертки за исламот исто така се приклучија кон граѓанската иницијатива и препорачуваат во недела да се заокружи „да“. 

Швајцарскиот политиколог Елхам Манеа, која има арапски корени, за швајцарското радио изјави дека никабот е јасен „симбол на религиозна фундаменталистичка десничарска идеологија. Велиме доста е и вака понатаму - не може! Во едно слободно општество жените мора да се почитуваат и нивните права да бидат заштитени.“

Повеќе: Европскиот суд дозволува забрана за носење шамија на работно место

„Интеррелигиозниот тинк-тенк“, здружение на жени верници од Швајцарија, пак, го застапува ставот дека забраната за носење бурка ќе ги погоди „жртвите“, а не наводните „сторители.“

„На ваков начин жените кои се приморани да се покриваат со шамии ќе бидат казнети, наместо да им се помогне да ја тргнат шамијата. Во Швајцарија е веќе казниво да се приморуваат жени да носат шамии. Не треба да има прописи за тоа дали некој ќе носи или нема да носи шамија“, се вели во соопштението од тинк-тенкот.

Со сличен аргумент настапува и „Алијанса Ф“, едно од најголемите женски здруженија во Швајцарија, кое се залага за родова рамноправност. „Феминистките се залагаат за права и слободи на жените. Во тоа спаѓа и правото на слободен избор на облека“, вели Маја Граф, една од претседателките на здружението.

Schweiz Referendum Verhüllungsverbot | Poster "Extremismus Stoppen"
Исходот од референдумот е неизвесенФотографија: Urs Flueeler/KEYSTONE/picture alliance

Нејасни прогнози

Според анкетите, нејасно е каков ќе биде исходот од гласањето во недела. Швајцарското радио предвидува 49 спрема 47 за забрана за носење шамија. Четири проценти се неодлучни. „Може да биде кнап“, вели Валтер Вобман од „Иницијативата за забрана за носење шамии“. „Овде, во Швајцарија, народот го има последниот збор. Да почекаме“, вели тој.

Во два кантона во Швајцарија, Тичино и Сент Гален, веќе има забрана за носење шамија. Ова досега беше под надлежност на 26-те региони, и така треба и да остане, смета министерката за правда Карин Келер-Зутер. Според неа, не е неопходна единствена уредба за цела Швајцарија.

Повеќе: Швајцарците забрануваат минариња

Во Франција и Австрија, соседните земји на Швајцарија, исто така има забрана за носење шамија. Во шест други ЕУ земји има национални или регионални ограничувања за носење шамии.

Валтер Вобман, значи, не е единствен во Европа со вакви амбиции. Во 22 европски земји досега имаше обиди, целосно или делумно да се забрани целосното покривање. Според студијата на фондацијата „Отворено општество“, само неколку од нив биле успешни. Во Швајцарија во 2009 година беа забранети нови минариња на 300 џамии. Всушност има само четири минариња со земјата со над 8,6 милиони жители, од кои 450.000 практикуваат ислам. Швајцарската полиција во 2017 година регистрираше околу 90 лица кои се радикализирале и ја напуштиле земјата за да и' се приклучат на таканаречената „Исламска држава“ или други терористички групи.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија