1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Медицинска сестра и негувателка- професии во тренд

30 август 2021

Во корона-кризата вработените во здравствените установи во Чешката Република прераснаа во херои. Интересот за образование во негувателскиот сектор кај младите порасна за 50 проценти во однос на периодот пред пандемијата.

https://p.dw.com/p/3z7pY
Tschechien, Prag | Freiwillige Helferinnen und Helfer im Allgemeinen Universitätskrankenhaus
Фотографија: Archiv des Zentrums für Freiwilligenarbeit des Allgemeinen Universitätskrankenhauses, Prag

На крајот на 2020 и почетокот на 2021 година пандемијата на коронавирусот го достигна врвот во Чешка. Бројот на инфекции и смртни случаи по бројот на население во земјата, околу 10,5 милиони луѓе, тогаш беше најголем во светот. Во Чешка досега од Ковид-19 се заразија речиси 1,7 милиони граѓани, а над 25.000 починаа поради последици од вирусот.

Дури и во тие најтешки месеци чешкиот здравствен систем не колабираше, благодарејќи пред сѐ на огромните напори на околу 40.000 лекари, односно околу 80.000 медицински сестри и негувателки. Токму тие на тој начин спречија да има поголем број жртви и катастрофални размери на криза во чешките болници.

Во очите на мнозинството Чеси лекарите и медицинскиот персонал од секторот за нега за време на пандемијата станаа буквално - јунаци. Поради тоа, не чуди тоа што фотографијата на една медицинска сестра од Ковид одделот во прашката болница Буловка победи во натпреварот за „Чешка прес фотографија 2020“.

Coronavirus | Tschechien Prag Patiententransport in Universitätsklinik Motol
Фотографија: Roman Vondrous/CTK/dpa/picture alliance

И тоа оправдано. Во борба против коронавирусот медицинскиот персонал и лекарите често беа на работ на силата. Иако во болниците веќе во раната фаза на пандемијата беа воведени соодветни хигиенски мерки, а вработените во здравствениот сектор беа меѓу првите кои можеа да добијат вакцина против коронавирусот, по наводите на Чешката лекарска комора од Прага, до крајот на јуни 2021 година заболеа вкупно речиси 30.000 луѓе од секторот за нега, односно околу 12.000 лекари, и околу 25.000 други вработени во чешките клиники. Како последици од Ковид-19 починаа 34 лекари и 54 негуватели. Тие се инфицирале на работните места.

Пораст на угледот

Сето тоа има и конкретни последици: за време на пандемијата интересoт за образование во секторот за нега на болни со години беше на ниско ниво, всушност толку мало што чешките болници мораа да бараат работна сила во странство. Мнозинството од нив се од Словачка и од Украина. Од минатата година, пак, бројот на пријавени на приемните испити за професиите од секторот за нега порасна за 50 отсто.

Повеќе:

-Ден на медицинските сестри: Ангели и во време на пандемија

-Здравствените работници во првата борбена линија против Ковид први ќе добијат вакцина

-Чешка ги повикува отселените лекари да се вратат напомош во земјата

„Пандемијата на коронавирусот значително придонесе да се зголеми угледот на медицинската професија“, вели во интервју за порталот seznam.cz, Карел Цвачовец, декан на Факултетот за здравствени науки на Техничкиот универзитет во Либерец. „Јавноста беше во можност да види колку овие професии се важни и дека апсолвентите од овие насоки во секој момент можат да пронајдат работно место“, вели тој.

„Ветувачки и стабилно“ 

Тоа го потврдува и Јана Хола, деканка на Медицинскиот факутет на Универзитетот Пардубице. „Пандемијата креираше побарувачка за овие професии. Ковид-19 покажа колку е важна оваа бранша“. 

Професор Карел Сладек, продекан на овој факултет, за ДВ вели дека еден од главните мотиви за порастот на интересот за негувателските професии е всушност значителен пораст на социјалниот углед за време на пандемијата. „Многу млади луѓе видоа како изгледа тешката работа на првата линија на фронтот во борба против коронавирусот - и тоа не ги плаши, напротив. Тие се одлучуваат за кариера во здравствениот сектор“, додава Сладек.

И тоа е добро, бидејќи негата за болните е корисна, смислена професија, вели нашиот соговорник. „Браншата освен тоа е ветувачка и стабилна, со оглед на тоа дека бројот на апсолвенти ни одблизу не е доволен за иднината на чешкиот здравствен сектор, во наредните години тој би требало да се удвои.“

Недостаток на образовани капацитети и - пари

И покрај порастот на интересот за образование во секторот за нега, чешката држава сѐ уште не им ставила на располагање повеќе пари на надлежните образовни институции. Тие значи не можат да примаат поголем број заинтересирани отколку што примаа во времето пред коронавирусот. „Потребна ни е анализа за тоа колку луѓе навистина сакаат да се запишат во секторот за нега на болни, односно колку би биле високи трошоците за образование“, вели чешкиот министер за здравство, Адам Војтех, во интервју за чешкиот јавен сервис.

Судејќи по анализата која ја нарача Универзитетот Пардубице, бројот на заинтересирани за обрзование во секторот за нега би морал да се удвои за воопшто да можат да се покријат потребите за квалификувана работна сила во иднина.

Образованието по глава на жител во моментов чини околу 4.000 евра годишно. Медицинските факултети, за разлика од образовните институции во секторот за нега на болни, веќе добија дополнителни финансиски средства. Инаку, високото образование во Чешка е бесплатно.

Илјадници доброволци

Покрај зголемувањето на интересот за образование во секторот за нега на болни, за време на корона-кризата се зголеми и нивото на волонтерски активности на чешките граѓани во здравствените установи. Околу 3.000 Чеси, вклучувајќи го и авторот на овој текст, посетуваа бесплатни основни курсеви на Црвениот крст. Околу 1.500 од овие луѓе беа активни во чешките болници во најлошите денови на пандемијата, а стотици волонтери помагаа во други здравствени установи.

 

Лубош Палата
Лубош Палата Дописник за Чешка и Словачка, со седиште во Прага