1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Чешка ги повикува отселените лекари да помогнат

ЖА / дпа
16 октомври 2020

Поради пандемијата на коронавирус, Чешка упати повик до своите лекари кои работат во странство, привремено да се вратат во татковината и да им помогнат на своите поранешни колеги во болниците.

https://p.dw.com/p/3k1Ke
Tschechien Prag | Coronakrise
Фотографија: Vit Simanek/CTK/dpa/picture-alliance

Чешкиот министер за здравство Роман Примула денеска се придружи на соодветниот повик на Лекарската комора.

„Благодарни сме за секој еден кој е спремен да помогне", изјави министерот.

Претседателот на Лекарската комора на Чешка, Милан Кубек упати писмен апел до своите сонародници во странство „да им помогнат на поранешните колеги во чешките болници".

Најитна е потребата од анестезиолози и медицинари на одделенијата за интензивна нега на пациентите. Недостига исто така и негувателски персонал.

Со години стотици лекари и апсолвенти на медицина се отселуваат во други држави-членки на Европската унија во потрага по подобри плати и работни услови, на пример во Германија.

Повеќе:

Светот во грч: Рекорден бран новозаразени од коронавирус

Самит на ЕУ за координација на анти-корона мерките

СЗО: Постигнување колективен имунитет преку инфекции е „неетички“

Корона-криза: ЕУ ќе функционира во зелено, портокалово и црвено

Во меѓувреме чешките власти објавија податоци за втор последовател дневен рекорд на новоинфицирани со коронавирус. Вчера се регистрирани 9721 нов случај на Ковид-19, што е највисок број за рок од 24 часа во Чешка од почетокот на пандемијата. Меѓутоа, факт е и дека во последно време е интензивирано и тестирањето во земјата. Вкупниот број на заразени се искачи на преку 149.000 лица.

Досега во Чешка има 1230 смртни случаи каде е докажана инфекција со коронавирус. Во рамки на ЕУ Чешка ја предводи листата на новоинфицирани: во рок од 14 дена, според податоците на Европскиот центар за превентива и контрола на заболувања, во просек со коронавирус се заразиле 660,8 лица на 100.000 жители. (За споредба, во Германија – 59,6; Белгија – 515,4.) Чешка инаку има околу 10,7 милиони жители.