Постигнување групен имунитет преку инфекции е „неетички“
13 октомври 2020Светската здравствена организација оцени дека е незамисливо оти коронавирусот ќе биде оставен слободно да циркулира во општеството за да може кај населението, како што некои сугерираа, да се создаде групен имунитет.
„Никогаш во историјата на јавното здравје, колективниот имунитет не е користен како стратегија против некоја епидемија, а уште помалку против пандемија. Тоа е научно и етички проблематично“, изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
Над 38 милиони се заразени, а повеќе од милион луѓе во светот починаа од коронавирусот од појавата на болеста во Кина на крајот на декември 2019 година.
Гебрејесус изјави дека светот сѐ уште не знае доволно за имунитетот кој ќе го стекнат оние кои го имале коронавирусот и додаде оти некои биле двапати инфицирани.„Поголемиот број од заразените стекнуваат имунитет во првите недели, но сѐ уште не знаеме дали тој имунитет е силен и траен, ниту дали се разликува од лице до лице“, додаде Гебрејесус.
Имунитетот на стадо- тема уште од почетокот на пандемијата
Од избувнувањето на пандемијата на коронавирусот, постојано се слушаат гласови во корист на постигнување на колективен имунитет, како најдобар начин да се стави крај на глобалната корона-криза. Но, оваа идеја отсекогаш била одбивана од други научници, а исто така и од повеќето државници, поради огромните ризици, како за ранливите групи, така и за општата популација.
Повеќе:
-Коронавирус: постигнувањето групен имунитет ќе предизвика многу жртви
-Ковид-19: „Не одете по шведскиот пат“
-Шведскиот експеримент со Ковид-19 на стаклени нозе
Во минатата недела, меѓутоа повторно, неколку научници од САД и од Велика Британија започнаа кампања за колективен имунитет преку инфицирање. Во заедничката изјава тие се спротивставуваат на строгите мерки за ограничување на пандемијата на коронавирусот. Авторите тврдат дека сегашната „политика на карантин“ ќе има „разорни ефекти врз јавното здравје“ на краток и на долг рок. Како примери, тие наведуваат „пониски стапки на вакцинација кај децата, влошениот тек кај кардиоваскуларни болести, помалку прегледи за скрининг на карцином и влошување на менталната состојба“ кај луѓето. Сето ова ќе доведе до „зголемена смртност“ во следните години.