Германски печат: Историска пресвртница за Европа
22 февруари 2022Германскиот јавен сервис АРД смета дека испраќањето руски војници на истокот на Украина е дел од „циничниот план на Путин за ескалација“ на конфликтот: „Признавањето на сепаратистичките територии Доњецк и Луханск, цинично наречени народни републики, како и испраќањето војници, следи по брутална калкулација и прецизен план - и ова можеби не е последниот потег на Путин во обидот повторно да ја воспостави сферата на моќ на Советскиот Сојуз.
АРД на својот портал додава дека постои „страв“ дека тоа нема да го задоволи „гладот за територија“ на Путин, односно дека постои оправдан сомнеж дека Русија сега работи на сценарио во рамките на кое би „отцепила“ и некои други украински региони и талка на пример би создала „коридор до Крим“.
-прочитај повеќе: Објавување војна на Путин
„Гневниот говор“
Весникот Ханделсблат пишува дека „гневниот говор“ на Путин е историска пресвртница за Европа: „Рускиот претседател не само што го закопа мировниот процес од Минск, туку и ја врати Студената војна“.
Германскиот весник забележува дека настапот на Путин бил „говор со којшто тој се обидел да го оправда сето она што ја донесе Европ до работ на војна и се она што сè уште може да му се заканува на континентот натопен во крвта на двете светски војни“.
„Ханделсблат“ пишува дека тоа бил говор „полн со презир кон Западот, полн со ранета гордост во однос на некогашната големина на Русија, полн со нескриени закани за враќање на она што, според според мислењето на Путин, историски и припаѓа на Русија“. Многу тоа се насобрало и сето тоа морало да излезе, се наведува во во коментарот на весникот кој излегува во Диселдорф.
„Фалсификат на Путин“
Во својот коментар, минхенскиот Зидојче Цајтунг наведува: „Признавајќи ги таканаречените народни републики и испраќајќи единици во тие области, рускиот претседател сериозно го прекрши меѓународното право. По втор пат во осум години, тој ги менува границите во Европа, го нарушува државниот суверенитет и се заканува како силеџија којшто чека во мрачен агол на улица: 190.000 војници чекаат на готовс, а идеолошката историска лага на Путин ќе им послужи како команда за движење. Рускиот претседател пушти во оптек уникатен историски фалсификат кој ги храни сите оние кои веруваат во него – ги храни со бедното оправдување на гласната неправда“.
Во својот коментар, јавниот сервис АРД нагласува дека од ескалацијата најмногу страдаат луѓето во Украина, но и во Русија: „Поради заостанатото разбирање на политиката и историјата од страна на Путин, Русија драматично заостанува во однос на модернизацијата. Под западните санкции кои се наѕираат, таа ќе продолжи да стагнира, а нејзиното богатство ќе го троши на оружје, војни и обезбедување на моќта на тимот на Путин. Понеделник, 21 февруари, беше ужасно црн ден и за 144 милиони Руси“.