Хилари Клинтон во дефанзива по новата истрага на ФБИ
31 октомври 2016Хилари Клинтон е во дефанзива откако ФБИ одлучи одново да го отвори случајот со нејзиното користење на службениот имејл во периодот додека раководеше со Стејт Департментот. Иако 69-годишната демократка сѐ уште е во предност пред гласањето на 8 ноември, последните анкети покажуваат дека нејзиното водство се топи. Според последната анкета на Еј-Би-Си и Вашингтон пост, Клинтон води со 47 проценти доверба, пред Трамп, кој има 45 отсто доверба од испитаниците. Тоа е драматичен пад во однос на последната анкета од минатата недела кога Клинтон имаше предност од 12 проценти. Според друга, повеќеслојна национална анкета на „Риал Клиар Политикс“, Клинтон има предност од 44,9 наспроти 41,1 проценти за Трамп.
Трамп поентираше по последните информации за електронската пошта на Клинтон, наведувајќи го тоа како доказ дека поранешната прва дама е „корумпирана“.
„Истрагата е најголемиот политички скандал од Вотергејт, и сите се надеваме дека правдата ќе биде задоволена“, порача Трамп на еден од неговите митинзи во сојузната држава Ајова.
Кампањата на Клинтон е постојано на удар на истрагите поради користењето на нејзиниот приватен имејл во приватни цели. Делуваше дека проблемот е надминат во јули годинава, откако Федералното истражно биро одлучи да не покренува обвинение. Но, тоа се промени во петокот кога директорот на ФБИ, Џејмс Коми (на насловната фотографија, десно) соопшти дека се откриени нови пораки „кои делуваат релевантно“, во текот на неповрзана истрага.
Нови информации
Новите пораки биле откриени на уреди кои ги користеле блиската соработничка на Клинтон, Хума Абедин и нејзиниот сопруг, поранешниот конгресмен Ентони Вајнер - кој е под истрага поради испраќање пораки со сексуално експлицитна содржина на 15-годишно девојче.
Клинтон тврдеше дека е оштетена и побара од Коми да изнесе повеќе информации за истрагата, прогласувајќи дека е „сигурна“ оти и гласачите и ФБИ ќе утврдат дека не сторила ништо погрешно.
„Американскиот народ заслужува да ги дознае целосните факти веднаш“, рече Клинтон. „Се уште не ги знаеме фактите, и затоа го повикуваме ФБИ да ги изнесе сите информации кои ги поседува“.
Републиканците велат дека новите откритија се уште еден дел од сагата за корупцијата на Клинтонови, обвинувајќи ја поранешната државна секретарка и нејзиниот сопруг, екс-претседателот Бил Клинтон, за постојано лажење.
„Го гледаме тоа веќе 30 години, и зебрата нема да ги промени своите шари. Ова е тоа што може да го очекуваме од претседателствувањето на Клинтон“, рече Шон Спајсер, водечки стратег на републиканците.
Шефот на ФБИ, Коми ја правдаше својата одлука да го извести Конгресот во интерна информација испратена до своите вработени.
„Секако, вообичаено не го информираме Конгресот за тековни истраги, но во овој случај почувствував обврска да го сторам тоа имајќи предвид дека во изминатите месеци сведочев дека нашата истрага е завршена“, наведува Коми во пораката која ја објави весникот „Вашингтон пост“.
Но, истиот весник наведува и дека Министерството за правда го предупредило директорот на ФБИ дека таквиот чекор ќе ја наруши долготрајната традиција да не се преземаат чекори кои би можеле да влијаат врз изборите.