1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хауит: „Јас го користам зборот-македонски“

20 декември 2011

„Статус кво не е опција за Македонија“, порача европратеникот Ричард Хауит пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, која денеска (20.12) ја разгледа предлог резолуцијата за напредокот на земјата.

https://p.dw.com/p/13W6b
Европратеникот Ричард ХауитФотографија: picture alliance/dpa

При претставувањето на резолуцијата за која Европскиот парламент ќе расправа на пленарна сесија на почетокот на идната година, Ричард Хауит нагласи дека за периодот откако беше назначен за известувач за Македонија, тој ја посетил земјата пет пати, при што имал прилика да се запознае не само со нејзините раководители, туку и со нејизните граѓани, општество, култура, историја и традиции и во неговата резолуција покрај што презел елементи од претходните, тој сака да остави свој печат.

Потребен е нов елан за евроинтегративните процеси на земјата

Затоа на самиот почетокот на резолуција е повторено барањето на Европскиот парламент упатено до Советот на Европската унија да одреди датум за почеток на пристапните преговори со земјата, без натамошно одлагање.

Flaggen der EU und Mazedonien in Skopje
Што побрзо датум за преговори, бара ХауитФотографија: Petr Stojanovski

„Статус кво не е опција предвидена за Македонија“ нагласи Хауит кој смета дека треба да му се даде нов елан на евроинтегративните процеси на земјата. Затоа тој во резолуцијата испраќа и повик за преземање на понатамошни чекори во процесот на европска интеграција на Македонија, при што Хауит ја наведува потребата од „итно започнување на пред-скрининг процесот за хармонизација на законодавството и придобивките на ЕУ, како и за спроведување на втората фаза на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.“

Некористењето на зборот „македонски“ создаде проблеми

Образложувајќи ги деталите од својата предлог-резолуција (чија содржина Дојче веле ја претстави минатата недела), британскиот европратеник нагласи дека тој го користи зборот „македонски“ „еднаш, но многу јасно во параграфот 8, бидејќи некористењето на овај збор за јазикот, културата и идентитетот на земјата создаде големи проблеми и негативни перцепции во земјата“, додавајќи дека тоа го направил „без намера да провоцира никого, но треба да се каже дека се слушнати реакциите во земјата“ рече Хауит. Имено, во резолуцијата тој ја зема во предвид резолуцијата на Собранието на Република Македонија во кое тоа изразува загриженост за отсуството на терминот „македонски" во извештајот на Европската комисија за напредокот во 2011-та година и од 2009-та година и покрај фактот дека ова е норма во референцирањето на јазикот на земјата, културата и идентитетот во текстовите на Обединетите нации. Тој притоа жали за негативни реакции кои поради ова беа предизвикани во јавното мислење оваа година и ја повикува Европската комисија да се земе ова во предвид при подготовка на идните извештаи.

Кој ќе биде ставот на Европската комисија и Совет по одлуката на Хаг

Во однос на пресудата од Меѓународниот суд на правдата од Хаг, Хауит рече дека било пожелно спорот да биде решен пред оваа пресуда.

„Но пресудата сега постои, затоа побарав од Европската комисија да даде одговор на одлуката на Судот и што му препорачува на Европскиот совет, околу обврската на Советот да се почитува таа судска пресуда“.

Во однос на спорот за името и општо сите билатерални проблеми меѓу земји-кандидати и земји-членки, во резолуцијата е побарано од Комисијата и од Советот на ЕУ да започнат да создаваат механизам за арбитража преку кој би се надминале ваквите спорови.

EU ohne Haushalt - Verhandlungen gescheitert
Фотографија: picture alliance/dpa

Многу забелешки од бугарските и грчките европратеници

Во кратката дискусија, во која зедоа учество неколкумина членови на Комисијата за надворешни работи, бугарските европратеници, Андреј Ковачев (Народни партии) и Евгениј Кирилов (Социјалисти), залагајќи се за европската интеграција на Македонија, како можност за надминување на разликите од минатото, отворено уште еднаш ја обвинија Македонија дека води антибугарска пропагнада, барајќи заедничка прослава на историски датуми и личности, заедничко пишување на учебниците по историја, наместо свои во кои се шири омраза кон соседите.

Проблемот за името-случај без преседан

Како одговор на ова, словенечкиот европратеник Алојз Петерле (Народни партии) нагласувајќи дека тој е еден од оние кои не „уживаат во таа фрустрирачка и сложена ситуација“ во која се наоѓа Македонија.

„Гледаме дека има различни имиња кои се користат за земјата- кандидат, понекогаш дури и не се наведува нејизното име. Некои високи претставници дури и не ја викаат ни со нејзиното име...“

Петерле побара да се има конструктивен однос во ова прашање и да се почитува идентитот на другиот.

„Тоа е случај без преседан во кој се става во прашање идентитетот на една земја и јазикот... Не знам што јас би почуствувал ако некој ми рече дека немам право да бидам Словенец и дека треба да се вратам во историјата за да најдам некое друго име“, нагласи Петерле.

Europa Mazedonien

Грчката европратеничка Елени Копа (Социјалисти) изрази забелешка што во извештајот не се најде делот кој беше присутен во претходната резолуција за проектот „Скопје 2014“ , кој создава негативен дух кон соседите и не ги зацврстува меѓуетничките односи во земјата.

Кристиан Вигенин (бугарски европратеник од редовите на Социјалистите) , кој беше времен известувач за Македонија, јасно повика да започнат преговорите за членство на Македонија, како и продолжување на преговорите за изнаоѓање на решение на спорот за името.

Норика Николај (од групата на Либералите) посебно се интересираше за слободата на печатот во Македонија, како и за начинот на кој Европскиот совет ќе се однесува кон пресудата на Меѓународниот суд на правдата.

Марије Корнелисен (од редовите на Зелените) ја поздрави идејата за создавање на арбитражен механизам во ЕУ, посебно интересирајќи се за антидскриминаторските законски мерки и нивното спроведување на дело во Македонија.

Јоанис Касулидис (Народни партии) се заложи да започне скрининг процесот за земјата, но преговорите за членство само откако ќе биде решен проблемот со името.

Британецот Чарлс Танок, (европски Конзервативци) побара почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Одлуката на Судот од Хаг, според Танок, само ги покажува политичките обврски на Грција и ќе ја охрабри Грција да бара решение за името и да ја спречува Македонија да преговара.

Предлог-резолуцијата на Ричард Ховит е првична верзија, за која членовите на Комисијата за надворешни работи на ЕП имаат можност да предлагаат амандмани до 10 јануари, по што е можно да има и нејзини промени пред таа да се најде на Пленарна сесија. Според денешната расправа, очигледно е дека ќе има промени, бидејќи според некои европратеници таа е премногу наклонета на Македонија и покрај реалните забелешки и охрабрувања за реформските процеси кои се во тек.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Ж. Ацеска