Како да се деблокираат евроинтегративните процеси на Македонија?
16 декември 2011Огромно мнозинство од пратениците во Европскиот парламент со огромно мнозинство веќе побара почеток на преговорите со Македонија. Препорака која ќе биде уште еднаш официјално повторена во најновиот извештај за напредокот на Македонија, за кој ќе се расправа во понеделник во ЕП.
Претседателот на групата на Европските народни партии, Французинот Жозеп Дол, во изјава за Дојче Веле, најавува дека повторно ќе ја посети Македонија, откако се сретнал со македонскиот премиер во Марсеј за да дискутираат токму околу прашањето за името.
„ Тоа што Европскиот Совет не го реши прашањето со Македонија, тоа можам да го сватам. Вие добро ја гледате дискусијата која се водеше за еврото, за должничката криза, но ние не ја заборавивме Македонија“, вели Дол, кој не верува дека Црна Гора ќе ја „претрка“ Македонија во евроинтеграциите.
Повторно зафаќање со прашањето за името
Европскиот парламент, според францускиот европратеник може да игра поголема улога во решавањето на проблемот со името. Додека солидарноста на другите земји членки на ЕУ со Грција, Дол ја објаснува вака:
„ Се’ досега ние ги почитувавме земјите кои се веќе внатре во Европа. Но со оглед дека досието веќе напредна по одлуката на Судот, ние треба повторно да се зафатиме со ова прашање и повторно да дискутираме за него.
Со прифаќањето на Хрватска, ние покажавме и Хрватска даде пример што треба да се направи за да се влезе во Европа. Ние сме свесни во ЕУ и во Европскиот парламент дека сите земји од Балканот, колку побрзо ќе влезат во Европа тоа е биде толку подобро за Европа и за Балканот“, завршува Дол.
Блокадата на Македонија не смее да потрае вечно
Даниел Кон- Бендит ко-претседателот на групата на Зелените и на Европската слободна алијанса во ЕП, смета дека одлагањето на почетокот на преговорите со Македонија не може да потрае уште многу долго, па дури и ако нема решение за името.
„Тоа не смее да потрае вечно. Проблемот е во тоа што ЕУ треба да ја турка Грција да ја промени политиката кон Македонија за да одлуката на Меѓународниот суд на правдата биде почитувана од Европската Унија. Проблемот со отворањето на преговорите е во тоа што треба едногласна одлука од сите земји членки и ако нема едногласност, бидејќи Грција е против тоа, ние се наоѓаме во ситуација на блокада. Затоа сега Европската комисија е потребно да ја турка Грција да пронајде решение со Македонија.
Според Даниел Кон-Бендит Европската Унија и Македонија се наоѓаат во ситуација на уцена околу одлуката за почеток на преговорите. Тој не верува дека наскоро ќе се промени нешто во начинот на одлучувањето во ЕУ по ова прашање, каде е потребна едногласна одлука, иако неговата политичка група уште одамна се залага да повеќе нема едногласно одлучување во европското одлучување.
Автор:Тони Гламчевски
Редактор: Симе Недевски