Попоски: Македонија има силни аргументи за почеток на преговори со ЕУ
2 декември 2011Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски изминатава недела во Брисел ги претстави аргументите со кои се бара да отпочне процесот на преговори со Европската Унија. Во разговорот за Дојче Веле, тој инсистира на фактот дека почетокот на преговорите ќе им даде одредена динамика на реформските процеси на земјата.
„ Тоа ќе ни овозможи да напредуваме со едно посилно темпо во сите насоки во кои е идентификувано дека ни се потребни дополнителни напори. Мислам дека мотивирачкиот фактор на отпочнувањето на преговори е од исклучително значење. Од друга страна пристапот на блокирање не е е европски и не е компатибилен со оние вредности кои ЕУ ги промовира. Нашата цел, нашата активност оди во насока да промовираме еден европски пристап на меѓусебно разбирање, на неблокирање и на давање на позитивен стимул за напредување во реформите. Мислам дека од тоа можат да извлечат полза не само Република Македонија, туку сигурно и сите земји членки на Европската Унија, вклучително и Република Грција. Таа динамика треба да се искористи на следниот Совет, тоа беа пораките кои ги упативме. Во рамките на дебатите кои се развиваат во ЕП, мислам дека многу луѓе кои длабоко веруваат во европската идеја, препознаваат една посветеност, една можност да се одблокираат процесите на интеграција на Република Македонија.“, вели Попоски.
Очекувањата од пресудата во Хаг
Во Македонија и исто така во Брисел, сите погледи се свртени кон Хаг, каде во понеделник ќе треба да биде донесена пресудата од Меѓународниот суд по тужбата која ја поднесе Република Македонија, за кршењето на времената спогодба од страна на Грција. Во однос на очекувањата на оваа пресуда, шефот на македонската дипломатија вели дека „ единствената цел на оваа тужба е да се врати определена правна сигурност, која постоеше од аспект на спроведување на времената спогодба.“
„ Одлуката, секако е во рацете на Судот и Република Македонија апсолутно ќе ја почитува таа одлука, каква и да биде, како одговорна земја членка на ООН. Што ќе се случува потоа, не би сакал да прејудицирам, ниту пак можам да прејудицирам, бидејќи одлуката сега е навистина во рацете на Судот.“
Што ќе промени одлуката на Хаг?
Дали одлуката, без разлика каква таа ќе биде ќе промени нешто во односот на ЕУ и на процесот на евроинтеграцијата на Македонија?
„ Тужбата има многу прецизна цел, таа се однесува на фактот што ни е попречено правото да станеме членка на НАТО, во согласност со времената спогодба, врз основа на прекршување на определен принцип, кој што дотогаш беше воспоставен, односно непопречување доколку членството во меѓународна организација се одвива во согласност со времената спогодба. Тоа што го посакуваме е таквата правна несигурност да биде отстранета.“
Одлуката за почеток на преговорите е во рацете на Советот на ЕУ
На прашањето дали е оптимист за одлуката на Советот на ЕУ за доделување на датум за преговори за Република Македонија, министерот Попоски одговара:
„ Сметам дека со фактите кои ги презентираме има доволна силна аргументација за промоција на европски пристап и истапување од логиката на блокирање. Европската Унија функционира според правилата кои се воспоставени и мислам дека добро ќе биде да бидат стимулирани добрите пракси, а да не бидат акцентирани можностите за блокирање кои секако и се понудени на секоја земја членка. Сметам дека со таков пристап кој е промотивен од аспект на позитивните ефекти кои може да ги генерира, Советот може да донесе одлука која ќе и даде можност на Република Македонија понатаму да напредува во европските интеграции и која во секој случај ќе придонесе кон зголемување на стабилноста и економскиот просперитет за целиот регион.“, завршува македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски во разговорот за Дојче Веле.
Автор: Тони Гламчевски
Редактор: Симе Недевски