Хамза бин Ладен: Детето од постерите на Ал Каеда
18 мај 2017Малкуте фотографии од Хамза бин Ладен кои се јавно достапни најверојатно нема да бидат од голема полза за истражителите: тие потекнуваат од почетокот на 2000-та година. Во тоа време, синот на Осама бин Ладен имаше само 12 години. На сликите е прикажано сериозно, можеби и заканувачко младо момче. Со турбан на главата и облечен во воен маскирен елек, младото момче чита соопштение – улога која го претстави како гласот на Ал Каеда. Останатите фотографии од тој период го покажуваат како седи на возачко седиште во џип чие ветробранско стакло е оштетено од куршум или како клечи со автоматска пушка во рацете.
Овие фотографии го документираат патот на младото момче кон џихад – кариера што полека ќе го издигне до највисоките редови во меѓународниот тероризам: На почетокот на јануари, Стејт департментот на САД го прогласи Хамза бин Ладен за „меѓународен терорист“. Титула која некогаш ја имаше неговиот татко.
„Глобален терорист“
Вклучување на Хамза бин Ладен на листата на Стејт Департментот без сомнеж ќе го зголеми неговиот кредибилитет и авторитет во очите на стратезите на Ал Каеда и организацијата воопшто. Откако Осама бин Ладен беше убиен од специјалните сили на САД во пролетта 2011 година, неговиот човек од доверба Египќанецот Ајман ал-Завахири, стана гласот и лицето на групата. Сепак, Ал Завахири, роден во 1951 година, нема ни малку од харизмата на неговиот претходник. Поради тоа, се смета дека синот на Осама, Хамза, е предодреден да ја води организацијата.
Како што е прикажано на фотографиите, тоа е улога за која младото момче било подготвувано уште од неговото детство. „Неговиот татко го зеде под свое водство од рана возраст“, објаснува експертот за тероризам Петер Берен, автор на книгата „Обединетите држави на џихадот". „Хамза во голема мера е индоктриниран со џихадистичка идеологија. Тој е вистински верник. Мислам дека тоа го прави ризичен".
Како што растеше, Хамза бин Ладен стануваше сѐ повеќе инволвиран во активностите на Ал Каеда. Се смета дека тој може да биде забележан во видеото од нападот врз пакистанските безбедносни сили во 2005 година во граничниот регион помеѓу Пакистан и Авганистан.
Заканувачки пораки во многу насоки
Во последните неколку години тој сѐ почесто се претставува себеси како водечки џихадист во Ал Каеда. Во август 2015 година тој објави аудио порака со која ги повикува своите следбеници да ја пренесат борбата во Вашингтон, Лондон, Париз и Тел Авив.
Во друга аудио порака, од мај 2016 година, тој зборува за конфликтот на Блискиот Исток и војната во Сирија. „Благословената сириска револуција“ придонесува „ослободувањето“ на Ерусалим да биде поверојатно, објаснува тој. Тој вели дека џихадистите во тој регион треба да ги здружат силите. „Сега кога целиот свет е мобилизиран против муслиманите, веќе не постои изговор за оние кои инсистираат на поделби и кавги".
Истиот месец, шефот на Ал Каеда, Ал Завахири, објави дека младиот човек е примен во раководството на организацијата.
Во таа улога, младиот Бин Ладен објави нова аудио порака во јули 2016 година, во која изјави „Сите сме Осама“ и им се закани на САД. Во пораката тој најави дека ќе бара одмазда за убиството на неговиот татко. Исто така, тој изјави дека неговата организација ќе реагира на „репресијата врз луѓето во Палестина, Авганистан, Сирија, Ирак, Јемен, Сомалија и останатите муслимански земји кои не ја преживеаја репресијата“. Одмаздата за неговиот татко, рече тој, нема само да биде извршена во име на неговиот татко, туку и во името на „сите кои го бранат исламот“.
Натпревар со Исламска држава
Овие соопштенија за јавноста, објавени во краток временски период, сугерираат дека Ал Каеда сака да го интензивира процесот на регрутирање. Во последните неколку години групата ја загуби атрактивноста, а се поголем број млади исламисти се свртеа кон Исламска држава (ИД).
За разлика од Ал Каеда, ИД се фокусира на создавање на исламски калифат, за кој се надева дека ќе се прошири низ целиот свет. За разлика од нив, Ал Каеда има многу поскромни цели. Борците на Ал Завахири се фокусирани кон елиминирање на западното присуство, особено на воените сили на САД на Блискиот исток. Тие сметаат дека ова е предуслов за воведување на исламски поредок во целиот регион. Исто така, тие се фокусирани и на борбата против корумпираните лидери, како што е саудиското кралско семејство во Саудиска Арабија.
Нова пропагандна офанзива
Исламска држава се претставува во јавноста на невидено побрутален начин отколку Ал Каеда. Иако Ал Каеда исто така обезглавуваше затвореници, тоа не го правеше во обем како ИД. Исламска држава стана позната преку систематското силување и неконтролираната бруталност. Веројатно е дека видеата на ИД преку кои се пропагира оваа култура на бруталност ѝ носат на организацијата нови регрути. „Не треба да се потцени моќта на овие слики“, му објасни францускиот исламист Микаел Девред, алијас „Абу-Рајан“ на истражувачот на тероризам Дејвид Томсон. Денешната генерација на возраст од 18 до 20 годишни е првата која израсна со интернетот. „Замислете каков ефект имаат тие врз умот на една личност која е израсната со исламизмот“.
Досега, Ал Каеда не понуди ништо со кое може да се спротивстави на пропагандата која ја шири ИД. Подемот на Хамза бин Ладен кон врвот на организацијата може да е обид тоа да се промени.