1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заедништво наспроти теророт

Рупрехт Поленц
24 декември 2016

Стравот и теророт се шират лесно доколку терористите успеат да предизвикаат генерална недоверба во нашето општество: недоверба во безбедносните сили, во државата, во медиумите, во малцинствата. Коментар на Рупрехт Поленц

https://p.dw.com/p/2Ui2C
Deutschland Trauer nach Anschlag am Breitscheidplatz
Фотографија: Reuters/F. Bensch

Жал, симпатија, хорор. Каде води тоа? Тоа е прашањето кое си го поставуваме по нападот врз берлинскиот божикен пазар. За терористите, одговорот е јасен: ќе води кон страв и терор, кон погрешни реакции, до поделба во општеството, кое ќе ја забрза регрутацијата на нови терористи меѓу маргинализираните. Ќе води кон промени кои ќе му ги одземат на нашето општество вредностите поради кои вреди да се живее: нашите слободи, нашето заедништво и чувството на сигурност.

Некои велат дека сме вовлечени во војна против тероризмот. Сметам дека ваквата оценка е погрешна, и покрај фактот што произлегува од хоророт на злосторството. Затоа што ваквото етикетирање може да води кон преземање на погрешни мерки- тука не се работи за судир околу тоа како вистински да се нарече она што се случува.

„Војна против тероризмот“, беше мотото на Џорџ Буш. Во тоа време, се јавија критики кон таквиот речник во следниот контекст: кога таа војна завршува? Дали сме сега во постојана состојба на војна затоа што терористичките напади никогаш не можат да целосно сопрени? Треба ли терористите да ги признаеме како војници во оваа војна, иако се криминалци? Секако не. Зборувањето за војна природно ќе води кон фокусирање на воениот аспект, наместо изнаоѓање сеопфатни програми со мерки за борба против тероризмот.

Борба против тероризмот- тоа е вистинскиот опис. И тоа вклучува: битка со тероризмот користејќи ја полицијата, разузнавачките служби и онаму каде што е неопходно (во случајот со Исламската држава)- и воени средства. За тоа ќе треба луцидна политика.

Недовербата расте при гласини и озборување

Ширењето на страв и терор ќе биде олеснето доколку терористите успеат да генерираат генерална недоверба во нашето општество: недоверба во безбедносните сили, во нашата држава, во медиумите, недоверба во секој кој е поинаков, недоверба во малцинствата. Недовербата процветува особено кога ќе се посади во почва полна сомнежи и шпекулации, па на крајот сѐ се смета за можно. Повеќе од било кога, од огромна важност е воздржувањето од јавни шпекулации, за кои безбедносните служби редовно предупредуваат дека ја попречуваат нивната работа.

Deutschland Ruprecht Polenz CDU EINSCHRÄNKUNG
Рупрехт Поленц е поранешен пратеник на ЦДУ во периодот од 1994 до 2013, и долгогодишен претседател на парламентарната комисија за надворешни работи. Фотографија: privat

Како да се заштитиме себеси? Ова прашање не се однесува само на безбедноста од напади, туку и заштитата од страв. До денес, нашите безбедносни агенции веќе спречија многу напади и постојано работат на подобрување на заштитата на граѓаните: преку меѓународна соработка и полициско и разузнавачко набљудување. Треба да го следиме нивниот совет за тоа како да се спречат напади и да се биде буден. Сите овие мерки можеби не гарантираат 100 процентна сигурност, но тие овозможуваат високо ниво на сигурност за и самите да не станеме жртва на терористички напад.

Читајте меѓу редови

Сепак, стравот останува. Како да се заштитиме од овој страв? Не верувам дека постои магична формула за тоа. Но помага доколку знаеме што сакаат да остварат терористите- и да се однесуваме точно спротивно на тоа. Треба да имаме верба во нашите безбедносни служби и во нашата влада дека се презема се што е можно за нашата безбедност и за спречување терористички напади.

Треба да се информираме од сериозни медиуми, не од обскурни блогови- и да не веруваме на секоја гласина само затоа што е вирална на Фејсбук. Нашите медиуми заслужуваат доверба.

Вообичаено среќни сме кога некој сфаќа како се чувствуваме. Но треба да сфатиме: постојат групи и партии како АфД кои поттикнуваат стравови, не за да се соочат со нив, туку за да го распируваат и зголемуваат. На тој начин сакаат да дојдат на власт, на бранот страв, без да понудат никаква помош.

Силата на нашето отворено, слободно и плурално општество е во заедничкото живеење во мир меѓусебно и со поинаквите луѓе. Основата на тоа е меѓусебната доверба- да не претпоставуваме ништо лошо за другиот додека доказите не го покажат спротивното. Од таа причина, не треба да се префрла колективна одговорност на малцинствата или на групи кои ниту колективно, ни индивидуално немаат ништо заедничко со нападите, дури и ако се открие терорист кој и припаѓал на таа група. Бегалците се исто толку немоќни во однос на терористичките напади како и јас или вие.

Терористите сакаат да живееме поинаков живот: да не можеме повеќе да посетуваме божикни пазарчиња или да гледаме фудбалски натпревар без страв, да избегнуваме јавни места и јавен превоз, да станеме недоверливи и плашливи од други луѓе. Треба да го сториме токму спротивното и да останеме смирени. Заедништвото на нашето општество најмногу помага во спротивставувањето на хоророт на тероризмот.

Рупрехт Поленц е поранешен пратеник на ЦДУ во периодот од 1994 до 2013, и долгогодишен претседател на парламентарната комисија за надворешни работи.