Фудбал: Германците доаѓаат по трите бода во Скопје
11 октомври 2021Повеќе нема опасност од Горан Пандев, констатира германската агенција ДПА пред понеделничкиот дуел меѓу репрезентациите на Северна Македонија и Германија во Скопје. Влогот за Германците е голем: тие сакаат да го одмаздат поразот од 2:1 на 31 март годинава во Дуизбург, а во истовреме, со три бода на две кола пред крајот да го заверат пласманот на Светското првенство во Катар следната година.
Отсуството на Пандев може да биде предност за Германија, констатира ДПА, и забележува дека сега најголемата опасност доаѓа од Ељиф Елмас, кој на првиот меч го постигна победничкиот гол за 2:1. На него упатува и селекторот Ханзи Флик:
„Тој е играч кој е технички многу добар, и мене многу ми се допаѓа“.
Германските фудбалери не заборавиле на горчливиот пораз од пред шест месеци.
„Сѐ уште нѐ лути тој пораз“, вели напаѓачот на Бајерн Минхен, Серж Гнабри.
Но, оттогаш многу нешта се променија во обете екипи. Јоахим Лев си замина од репрезентацијата и на негово место дојде Ханзи Флик кој има стопроцентен учинок со националниот тим досега.
Германија на чекор до пласман на СП
И Северна Македонија направи рокада, па Игор Ангеловски беше наследен на селекторското место од Благоја Милевски. Во интервју за ДВ пред мечот, Милевски рече дека се надева на позитивен резултат и покрај фаворитската улога на Германија.
„Секој натпревар е посебна приказна. Фудбалот не би бил тоа што е ако фаворитот на хартија секогаш победува. Не гледам причина зошто да не влеземе и во овој натпревар со амбиции да оствариме позитивен резултат“, вели Милевски.
На табелата во групата Ј, Германија е во убедливо водство со шест бода предност пред Северна Македонија и Ерменија кои имаат по 12. Шанси за второто место и пласман во баражот има и Романија која досега собра 10 поени.
Германскиот селектор Флик се радува и на најавите дека стадионот во Скопје ќе биде полн. „Атмосферата ќе биде супер и за нас“, вели тој.
Во однос на кадарот, на голот речиси сигурно се враќа Мануел Нојер, кој го пропушти претходниот дуел со Романија (победа 2:1) поради мускулна повреда. Во нападот се враќа и искусниот Томас Милер, кој како „џокер“ од клупата го постигна победничкиот гол против Романија.
Одбранбената четворка пред Нојер се очекува да ја сочинуваат Хофман, Зиле, Ридигер и Керер. Задачата да ја контролираат средината на теренот ќе биде на Кимих и Горецка, пред нив ќе бидат офанзивните Гнабри, Милер и Сане, а најистурен во нападот- Вернер.