1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Францускиот предлог наскоро на дневен ред во Собранието

ДТЗ
8 јули 2022

В понеделник ќе се знае кога ќе започне расправата. Опозицијата бара предлог преговарачката рамка да се врати во Владата бидејќи до пратениците не е доставен ниту еден документ. СДСМ повикува на одговорно однесување

https://p.dw.com/p/4DrHp
Nordmazedonien Parlament - Sitzung am 25.03.2021
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Претседателот на Собранието, Талат Џафери најавува дека в понеделник ќе се знае кога францускиот предлог ќе се најде пред пратениците.  На почетокот на идната недела е закажана редовна координација во Собранието, на која треба да се разговара за тоа кога би можело да се одржи пленарната седница за Информацијата за содржината на предлог – преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со ЕУ, предложена од страна на француското претседателство на 30 јуни.  

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, за МИА изјави дека за тоа ќе се разговара на координацијата на која, како владин претставник, ќе присуствува вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ. 

Но, во понеделник треба да почне седницата за ребалансот на Буџетот. Според Џафери, пленарната седница со единствена точка на дневниот ред за ребаланс на Буџетот, треба да трае најмногу пет дена и е закажана согласно роковите. Но, доколку има потреба ќе биде прекината и ќе биде закажана нова седница на која на дневен ред би била информацијата испратена од Владата. 

Една страница материјал 

Никола Мицевски, координатор на  ВМРО-ДПМНЕ во парламентот, информираше дека испратиле писмо до Џафери со барање да се врати предлог преговарачката рамка во Владата, бидејќи не содржи ниту еден документ. 

„Ова е класична девастација и девалвација на Собранието и ова е класична злоупотреба и симнување на најниско ниво на законодавниот дом“, вели тој истакнувајќи дека до пратениците е испратен текст од една страна, вез основа на кој тие треба да се изјаснат за иднината на земјата.  

„Никаде во испратениот материјал ги нема документот со заеднички став на ЕУ, предлог преговарачката рамка на ЕУ односно општиот став на ЕУ, предлог-заклучоците на Советот и билатералниот протокол помеѓу Македонија и Бугарија, за кој што и министерот Османи и министерката Генчовска изјавија дека е усогласен“, вели Мицевски, според кој криењето на овие документи, самоја зголемува загриженоста дека овој пакет на документи е штетен за Македонија

Имајќи предвид дека до Собранието беше испратена само информација, а не и документите односно францускиот предлог, собранискиот спикер Талат Џафери вели дека сите документи се веќе јавно достапни и секој може да ги види. 

Одговорност за европска иднина 

Владата вчера до Собранието го испрати францускиот предлог за кој треба да расправаат пратениците. Пратеникот на СДСМ, Ненад Коциќ, на прес-конференција порача дека пратениците од сите политички партии имаат одговорност да работат за граѓаните, а не за нечии туѓи интереси, и да обезбедат европска иднина на државата. 

„СДСМ како државотворна партија има заклучоци кои гарантираат доследно придржување кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ. Како елементи за кои не се преговара во било кое време и околности, односно не се дел од преговарачкиот процес“, рече Коциќ.