Северна Македонија од ЕУ добива нови формулации
1 јули 2022Со изменетиот француски предлог, Северна Македонија повторно добива две меѓувладини конференции за почеток на пристапните преговори со ЕУ и мали промени во формулациите во однос на првичната верзија. Протоколите од Меѓувладините средби повеќе не се споменуваат во Преговарачката рамка, а заменети се со „годишни прегледи“. За јазикот, останува формулацијата „македонски“ со можност Бугарија да реагира со унилатерална декларација.
Согласно таквиот пристап, француското претседателство со ЕУ поднесува и две предлог-изјави со кои ќе се означи стартот на преговорите. Првата Изјава се однесува само на првата Меѓувладина конференција, додека втората во неа ја содржи и Преговарачката рамка.
Слично како и во првиот француски предлог, и овојпат првата Меѓувладина конференција е опишана како „политичка”, па уште во првата точка од Изјавата се посакува добредојде за „почеток на фазата на отворање на пристапните преговори“. Со други зборови, Северна Македонија со таа прва Меѓувладина конференција „почнува да ги отвора“ пристапните преговори.
Промена на Уставот
Формалниот почеток на преговорите ќе започне со втората Меѓувладина конференција, а услов за тоа, како и во претходниот предлог, е промена на Уставот за внесување на Бугарите во него. Оттука, во точката 11 од првата Изјава се наведува дека Преговарачката рамка ќе и биде претставена на Северна Македонија на следната Меѓувладина конференција, тогаш-кога „Северна Македонија ќе си ја изврши обврската и ќе изврши уставни измени“.
Во Изјавата за оваа прва Меѓувладина конференција, во делот посветен на регионалната соработка и добрососедските односи, во точката 14, се поздравува „договорот за Протоколот од вториот состанок на заедничката меѓувладина комисија(...) Овој важен чекор ќе придонесе кон добрососедските односи и регионалната соработка, кои остануваат главни елементи на процесот на проширување како и на процесот за Стабилизација и асоцијација“. Протоколот се споменува и во предлог-заклучоците до Советот на ЕУ со истата формулација како и во Изјавата.
Потоа следува вториот документ, во кој се содржани Изјавата за почеток на втората Меѓувладина конференција и самата Преговарачка рамка.
Во неа, првата измена е во официјалната Изјава на ЕУ за пристапните преговори .
Во верзијата од 17 јуни, која ја предложи Франција, во првата точка се наведуваше следното:
„Од име на Европската унија, воодушевен сум да им посакам добредојде на високите претставници на Северна Македонија на отворањето на пристапните преговори на вашата земја со ЕУ“.
Во верзијата на документот од 23 јуни, во истата точка се наведува следното:
„По првата политичка меѓувладина конференција одржана на (датум) од име на ЕУ им посакувам добредојде (...) да ја почнат фазата на отворање на пристапните преговори...“
Минимална измена е направена и во делот на преводот на ЕУ законодавството на македонски јазик. Во првата верзија се наведуваше дека „ЕУ ги зема предвид намерите на двете земји да поднесат унилатерални декларации за македонскиот јазик“. Во втората пишува дека „ЕУ ги земала предвид двете унилатерални декларации за македонскиот јазик“.
Понатаму во точката 8 од Изјавата, претходната верзија почнуваше со зборовите: „Пристапните преговори кои ги отвораме денес ќе бидат ригорозни и напорни.“
Сега истата гласи вака: „Пристапните преговори чие отворање го завршуваме денеска, ќе бидат...“ Овие измени во формулациите се правени за да се направи аналогија со првата Изјава со која се предвидува „почеток на отворање“ на преговорите.
Прегледи наместо Протоколи
Следната измена е направена во самиот предлог на Преговарачката рамка, во делот кој беше меѓу најспорните за македонската јавност досега- Протоколите.
Во точката 5 од Преговарачката рамка се наведуваат барањата по кои ќе биде оценуван напредокот во преговорите на Северна Македонија.
И во претходната, како и во новата верзија тука се наведени договори потпишани со ЕУ, Преспанскиот договор, како и Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија. Во првичната верзија веднаш по Договорот со Бугарија како услов беше наведена и „имплементацијата на Протоколите“ од Меѓувладините состаноци.
Во новата верзија Протоколите не се споменуваат, а на нивно место се наведуваат „годишни прегледи и мерки за ефективна имплементација според Членот 12“.
Што регулира членот 12 од Договорот за добрососедство? Првиот елемент е формирањето на заедничка меѓувладина комисија. Вториот предвидува таа комисија да одржува редовни годишни средби со цел „ефективна примена на Договорот“, примена на мерки за подобрување на билатералната соработка, како и решавање на спорни прашања.
Други измени во Преговарачката рамка нема.