Кој е виновен за хистеријата околу францускиот предлог?
23 јуни 2022Македонскиот премиер Димитар Ковачевски на прес-конференција во Брисел рече дека е изненаден што поради францускиот предлог се создала голема хистерија во Северна Македонија.
„Изненаден сум што луѓето што се нарекуваат експерти и тврдат дека знаат како се одвиваат процесите, се тие што ја креираа најголемата хистерија во земјата. Произлезе дека тие не ни знаат како се изработуваат предлозите и како се споделуваат меѓу земјите-членки и земјите-кандидати. Произлегува дека тоа го прават во интерес на трети страни и земји“, рече премиерот одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама во Брисел.
Тројцата изразија жалење и незадоволство што Европската Унија денеска немаше позитивни вести за земјите од Западен Балкан. Ковачевски претходно соопшти дека францускиот предлог, во форма како што е сега, е неприфатлив за земјата. Тој остави простор, доколку има прифатливи корекции, да продолжат разговорите за време на француското претседателство.
Ковачевски изрази надеж дека во иднина ќе има поголемо ниво на разбирање и дека процесот на проширување ќе биде заснован на заслуги и дека билатералните прашања нема да бидат пречка.