ФинЦЕН: што преземa ЕУ против перењето пари?
24 септември 2020Големо е разочарувањето меѓу финансиските експерти во рамки на Европскиот парламент. По објавувањето на ФинЦЕН документите и обвинувањата за помагање во перење пари против големи европски банки, австрискиот пратеник Евелин Регнер рече дека објавените информации покажале оти банките ги игнорираат сопствените правила и ги заобиколуваат важечките закони против перење пари.
„Властите се хронично преоптоварени наспроти тој проблем. Колку ли објави ќе бидат потребни додека да им го пресечеме изворот на криминални мрежи кои делуваат на меѓународен план?"
Маркус Фербер, портпарол за финансиско-политички прашања на христијанско-демократската пратеничка група во Европскиот парламент, гледа големи недостатоци во ЕУ. „Перачите на пари и нивните помошници го користат тоа што членките само половично ги спроведуваат важечките закони, меѓу себе не се координираат и нема европски надзор со вистински права за делување”.
Строги закони, кои не се спроведуваат
ЕУ веќе донесе пет закони против перење пари кои меѓу другото доведоа до тоа сите членки да имаат т.н. „Единица за финансиско разузнавање” која проверува сомнителни трансакции.
Во Германија царината е надлежна за таа единица. Но, според портпаролот за финансии на владината пратеничка група на ЦДУ/ЦСУ, Антје Тилман, таа нема доволно компетентност и ингеренции и нема доволно персонал.
Даниел Фери, портпарол на ЕК, во вторникот за документите од ФинЦЕН во Брисел изјави дека ЕУ е свесна за проблемот и тој не е нов. Борбата против перење парие „високо на листата на приоритети”. Правилата на ЕУ во теорија се „најстрогите на свет”, но сега мора и да се спроведат.
Во став соопштен за перењето пари во ЕУ Европската комисија уште во мај годинава се жалеше дека членките не ги сфаќаат сериозно обврските од досегашните закони против перење пари. Против серија од нив биле отпочнати постапки за повреда на правила на ЕУ. „Јасно е дека мора да постапиме и да постигнеме хармонично спроведување на правилата насекаде во ЕУ”, се вели од ЕК.
ЕК предлага централна служба против перење пари
Само 11 држави од ЕУ според лоби организацијата „Транспаренси интернешнл” целосно ги преточиле европските закони во националното законодавство. Во 25 од 27 членки имаат седишта банки кои повеќекратно спроведувале сомнителни трансакции, вели експертот за перење пари, Лори Бријо во Брисел.
„ЕУ мора итно да преземе повеќе мерки против перење пари. Година за година гледаме скандали во кои Европа служи како безбедно место за сторителите и украдените пари”, вели Бријо.
Повеќе:
ФинЦЕН: Како големите банки да се изведат пред лицето на правдата?
ФинЦЕН: На трагата на валканите пари и потфрлањето на банките
Милиони евра испрани во Германија?
ЕК веќе во мај 2020 најави дека на почеток на април 2021 ќе предложи нова централна служба против перење пари. Но, таа мора да биде одобрена од членките. Може да потрае години додека фактички почне да работи. Со неа ЕК ќе ги исполни барањата на Европскиот парламент и на „Транспаренси интернешнл”. ЕК освен тоа сака да наложи координација меѓу националните Единици за финансиско разузнавање почнувајќи од 2021. Ревизорите за перење пари треба полесно да разменуваат податоци и информации.
Европскиот банкарски надзор може само да препорача
На почетокот од годинава „Европскиот банкарски надзор“ (ЕБА), кој е со седиште во Париз, доби нови надлежности и задачи во борбата за перење пари. Самата ЕБА уште во септември се пожали дека таа може да координира, но не и да истражува. Банкарски надзор е под јурисдикција на националните надзорни власти, како што во Германија на пример само Сојузниот орган за надзор на финансиите (BaFin) може да преземат мерки.
Британскиот финансиски експерт Греам Бероу за ДВ вели дека банките немаат стимул да ги запрат сомнителните трансакции на пари од кои заработуваат многу. Ова е обид со националните власти да се реши меѓународен, надграничен проблем. Бери предлага европски пристап. „Агенција на ЕУ против перење пари би ја променило играта. Ние ги почитуваме државните граници, а криминалците не. Мораме да работиме интернационално, исто како и криминалците.“
Листа сомнителни држави
Новиот список на земји кои ЕУ ги оцени како „црни овци“ во однос на перење пари ќе стапи на сила на 1 октомври. Бизниси со банки или компании во овие земји во основа ќе се сметаат за сомнителни. На оваа листа сега се наоѓаат Бахамските острови, Барбадос, Боцвана, Гана, Јамајка, Камбоџа, Мауирициус, Монголија, Мијанмар, Никарагва, Панама и Зимбавбе. Европската комисија ги тргна од листата дел од земјите кои најавија соработка во борбата против перењето пари: Босна и Херцеговина, Гвајана, Лаос, Етиопија, Шри Ланка и Тунис.
Со години и ЕУ членката Кипар беше дел од меѓународните пералници на пари. Стотици илјади фиктивни фирми, кои служеа како точки за трансфер на пари особено од руски и украински извори, беа регистрирани на Кипар. Овој модел на малата држава во Медитеранот треба полека да се менува. Под притисок на САД, а не од ЕУ, кипарските банки во изминатите години затворија илјадници вакви конта. Кипар се врти кон нови бизниси. Заедно со американскиот концерн Ексон мобил планира да се исцрпат огромните резерви на гас околу Кипар. Но, и Турција тврди дека има право на користење на гасните наоѓалишта.