ФинЦЕН: На трагата на валканите пари
21 септември 2020Брат гине на запален брод. Син умира од дроги. Во повеќето случаи семејствата на жртвите не знаат дека болката е поврзана и со нелегален трансфер на пари, пари кои се стекнати преку корупција и криминални зделки. Трансферот на нелегални средства на прв поглед не паѓа во очи како непосредна закана. Но, последиците се далекусежни, кога дилери на дрога, криумчари и измамници нелегалните профити ги трансферираат незабележано од властите, кога деспоти и корумпирани индустријалци бесправно стекнатото богатство го зголемуваат и го зацврстуваат своето влијание, со помош на банкарскиот систем.
Во 2019 на американската компанија Базфидњуз ѝ беа испратени голем дел тајни финансиски податоци. Базфид информациите ги сподели со ИЦИЈ, меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари. Во изминатите 16 месеци 400 новинари од 88 земји ги оценуваа дадените информации. Испрашуваа жртви и истражители, бараа во архиви и издејствуваа увид во досиеја.
Нивните текстови и репортажи од денеска се објавуваат и даваат увид во комплексните патишта на две милијарди долари додека биле трансферирани по цел свет.
Податоците потекнуваат од американското министерство за финансии. Составени се од Извештаи за сомнителни активности. Тоа се извештаи за сомнителни трансакции кои самите банки ги изготвуваат и кои мора да ги достават до министерството за финансии. ИЦИЈ, Базфидњуз и нивните партнери имале увид во повеќе од 2100 такви извештаи кои финансиските институции ги доставиле до надлежната институција за истрага, ФинЦЕН (Мрежа за спречување на финансиски криминал).
За време на истражувањето тимот на ИЦИЈ во кој беше и Пелин Ункер од ДВ, имаше пристап до дополнителни 17.600 пакети податоци поврзани со финансиски институции.
Таквите извештаи - компактни соопштенија преполни со технички детали - се најдеталните документи на американското Министерство за финансии кои било кога паднале во раце на трети лица. Откриваат сомнителни плаќања кои се одвивале преку големи банки, меѓу кои и Дојче банк, ХСБЦ, ЏејПи Морган Чејз и Барклис.
Потфрлањето на банките
„Не се криминалците тие што ги перат парите. Банките играат важна улога бидејќи го ставаат на располагање системот со кој парите од земјата се префрлаат на добро, безбедно место", нагласува Грахам Бароу. Тој е експерт за откривање на перење пари. Порано работел и за Дојче банк и за ХСБЦ. „На крајот сите го плаќаме цехот за тоа бидејќи парите се од нашите даноци и давачки кои ги одвојуваме за општеството", нагласува Грахам.
Извештаите за сомнителни активности не докажуваат секогаш противзаконско делување. Најпрво само го рефлектираат гледиштето на оние лица во банките кои се задолжени за надгледување на финансиските бизниси. Таквите„"Compliance Officers" пријавуваат трансакции кои имаат знаци за финансиски деликти или кај кои се вклучени клиенти кои имаат ризичен профил или веќе биле во конфликт со законот.
ФинЦЕН која е надлежната институција во САД од сите банки бара да доставуваат такви извештаи доколку имаат основа да сметаат дека некоја трансакција е против прописите. Доколку тоа се пропушти, може да доведе до парични и други казни.
Според податоците на Базфид, истражителите на ФинЦЕН само минатата година добиле повеќе од два милиона такви извештаи. Меѓу 2011 и 2017 биле повеќе од 12 милиони пријави за сомнителни активности. Истрагата на ИЦИЈ покажала дека големите банки извршиле трансакции на повеќе од две милијарди долари кои потоа самите ги пријавиле како сомнителни. Со други зборови: банките ги доставиле извештаите откако веќе си ги наплатиле провизиите за трансакциите.
Повеќето Извештаи во ФинЦЕН досиејата се од мал број големи банки: Дојче банк (982), Банк оф Њујорк Мелон (325), Стандард Чартерд Банк (232), ЏејПи Морган Чејз (107), Барклис (104) и ХСБЦ (73). Овие банки заедно доставиле 85% од сите Извештаи кои биле содржани во протечените досиеја.
Американската влада го осудува протекувањето на податоци од ФинЦЕН
ФинЦЕН одбива да дава одговори на конкретни прашања за содржината на извештаите. Наместо тоа, институцијата сподели негодување околу протекувањето на податоците.
Џими Кирби, шеф на правниот совет на ФинЦЕН за Базфид писмено соопшти дека „неавторизираното објавување на извештаи може да попречи тековни или идни истраги поврзани со информации содржани во извештаите”.
Протекувањето на документите им дозволувало на „криминални лица да отстранат релевантен доказен материјал бидејќи дознаваат за истрагата или можната истрага”. Освен тоа „жртвите и сведоците ги изложува на ризик од физичка штета”.
Кирби освен тоа појасни дека “„акви неавторизирани објави” ќе имаат „застрашувачко влијание” врз финансиските институции кои поднесуваат такви извештаи. Во иднина би можеле да бидат помалку подготвени да споделуваат информации кои може да се предмет на прогон од страв дека „на противправен начин” ќе се најдат во јавноста.
Мет Лојд, портпарол на министерството за правда, за ИЦИЈ изјави: „Се обврзуваме и натаму офанзивно да истражуваме и финансиски деликти вклучително и перење пари да ги следиме каде и да наидеме на нив.”
Големи имиња во политиката: Пол Манафорт
Од звучните имиња од политиката кои се провлекуваат во документите е и Пол Манафорт. Поранешниот менаџер на изборната кампања на Доналд Трамп во 2019 поради измама и затајување данок беше осуден на седум години затвор. ЏејПи Морган Чејз изјави дека банката уште до септември 2017 година префрлала пари меѓу Манафорти неговите фиктивни компании – значи уште долго време откако се обелоденија неговите сомнителни врски со про-руските политичари во Украина поттикнувајќи ги сомнежите за перење пари.
Но, не е се така очигледно како во случајот Манафорт. Понекогаш сопружнци или децата повлекуваат сомнителни трансакции – како во случајот со Атику Абубакар. Поранешниот нигериски заменик претседател уште пред неколку години беше обвинет во истрага на нигерискиот сенат за пренасочување на над 100 милиони долари од развојниот фонд за нафта. Години подоцна, неговата сопруга Рукајају Абубакар преку Хабиб банка префрли повеќе од еден милион долари на компанија во Обединетите Арапски Емирати за да купи стан во Дубаи. Атику Абубакар никогаш не беше осуден и негира какво било каков криминал.
Блескавиот трговец со злато, Реза Зараб
Одредени личности, како иранско-турскиот трговец со злато, Реза Зараб се појавуваат во врска со прекршување на санкциите. Во 2017 година Зараб пред суд во Њујорк се изјасни за виновен под обвинето за измама, перење пари и заобиколување на американските санкции против Иран. Извештаите и фајловите на ФинЦЕН докуметираат како тој и неговата мрежа на соработнии префрлале милионски суми со помош на американски банки.
Во јуни 2016 година, три месеци откако Зараб беше уапсен во САД, Стандард Чатеред Банката поднесе редица вакви извештаи за сомнителни трансакции. Тие опфаќаа банкарски трансакции од цела деценија во кои биле вклучени Зараб и неговите бизнис партнери. Следниот октомври Стандард Чатерд Банката поднесе нови вакви извештаи. Во извештајот за сомнителни трансакци се наведени трансакции во обем од 133 милиони долари – сите извршени до лица или компании кои самата банката ги поврзала со Зараб.
Новинарите ја следат трагата на парите
Извештаите и репортажите, поврзани со ФинЦЕН фајловите кои ќе бидат јавно објавувани, откриваат трансфери на пари од ваков тип и покажуваат поврзаност помеѓу несигурен странски капитал и компании кои постојат само на хартија. Овој проток на пари бил овозможен од банки кои работат глобално и кои досега речиси и да не почуствувале притисок за да спречат вакви трансфери.
Истражувачката мрежа на ФинЦЕН фајловите ги вклучува: Ле Монд (Франција), Индиан експрес (Индија), Леспресо (Италија), Асахи Шимбуан (Јапонија), Ел Експектадор/КОНЕКТАС (Колумбија), Армандо.инфо (Венецуела), Њуз (Пакистан), Премиум Тајмс (Нигерија), Инкифада (Тунис).
Телевизиите кои се вклучени во ова се: Еј Би Си (Австралија), Би Би Си (Велика Британија), Си Би Си (Канада), Ен Би Си (САД), НДР И ВДР (Германија), СВТ (Шведска) и Иле (Финска):
Во истражувачката мрежа од Европа се вклучија и весниците, Зидочје цајтунг (Германија), Ајриш Тајмс (Ирска), Афтенпостен (Норвешка), Газета Виборшча (Полска), Троув (Холандија), Финанциеле Дагблад (Холандија), Рисе Романиа (Романија), Тамедиа (Швајцарија), Ел Конфиденцијал (Шпанија) и Ла Секста (Шпанија).
Придонес во истражувањето дадоа и Ла Насион, Перфил и Инфобае од Аргентина, како и Ревиста Пиау, Епока и Подер 360 од Бразил. Голем придонес во истражувањето имаат и новинарите од истражувачката мрежа ОЦЦРП, која се занимава со организиран криминал и корупција. Новинарот на Дојче Веле, Пелин Ункер е член на ИЦИЈ и ја поддржа истрагата од Турција.
Нема коментар за изворот
Базфидњуз не го открива изворот на протечените податоци што ги сподели со Меѓународната федерација на новинари. Според податоците на американските медиуми, дел од документите се од истрагата која ја спроведуваше комисијата на американскиот конгрес за руска вмешаност во американската изборна кампања за претседателските избори во 2016. Според други извештаи, ова е резултат на истраги на ФинЦЕН спроведени од други истражни органи.
Во јануари, вработена во ФинЦен, Натали Мејфлауер Соурс Едвардс се изјасни за виновна за неовластено откривање на извештаите. Според јавното обвинителство, протечениот материјал е објавен во најмалку 12 написи. Истражителите не ги коментираат имињата на медиумите, туку се повикуваат само на наслови и датуми кои се поклопуваат со написите на Базфид.
Марк Агнифило ѝ беше адвокат на „свиркачката“ Едвардс, кога таа во јануари го призна делото. Тој вели дека тогашната клиентка ги открила овие податоци во најдобра намера. „Верувала дека одредени државни агенции не се справуваат доследно со важни дела.“ Во меѓувреме тој повеќе не ја застапува, но Агнифило и понатаму го следи случајот. „Потоа таа се обрати до медиумите со мислата: ако не можам да и верувам на владата дека таа ќе се позанимава со овие работи, тогаш можам да им верувам на медиумите, дека ќе ја информираат американската јавност.“ Пресудата за Едвард се очекува најрано во октомври.
Соработници: Вил Фитзгибон, Емилија Диаз-Струк и други партнери на ИЦИЈ, меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари