1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филозофијата на Сартр во делата на Христијан Мицкоски

17 октомври 2018

Мицкоски всушност сега има само еден избор- да одигра за доброто на државата, колку и да звучи тоа шокантно. Во спротивно, ќе ги втурне сите во своето празно множество на безнадежни политички калкулации

https://p.dw.com/p/36gT9
Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE mit Parteiführer Nikola Gruevski
Фотографија: Petr Stojanovski

Да се издржи во постојаниот судир со апсурдното. Верувам дека ова е мотото кое со години одржува во живот многу македонски граѓани, ги тера да веруваат дека има некое подобро утре, дека нешто ќе се смени, дека апсурдот на секојдневието ќе биде заменето од разумот и рационалноста на утрешноста.  
Признавам, европските егзистенцијалисти не ми се омилено четиво, но Македонија е дојдена дотаму што состојбата може да се опишува и објаснува само низ призмата на филозофското движење кое ја одбележа втората половина од 20-от век. 
Погледнете на пример што се случува деновиве во македонското Собрание и околу него: апсурдот стигна дотаму што пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ го молат премиерот да го замоли нивниот партиски лидер да им дозволи да гласаат онака како што им налага совеста односно актуелниот политички миг. Премиерот повикува на помирување, што не е амнестија, и случајно следниот ден двајца обвинети пратеници на ВМРО-ДПМНЕ излегуваат од притвор. Третиот ќе излезе, кај и да е, до крајот на неделава. 

Другиот тим
Апсурдот го заокружува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој седи во својот Забранет град (палата) и се подготвува да ја потресе јавноста со својот „забранет“ говор, додека светот му пишува писма (не мислам на личната порака од Путин) во кои му порачува: аман освести се. 
Но, Мицкоски има проблем. Проблемот не се катиљ ферманите од Вашингтон и Брисел. За нив би бил загрижен доколку навистина тој и луѓето од неговото непосредно опкружување би биле заинтересирани за влез на Македонија во НАТО и ЕУ. 
„Во фудбалот сѐ е компликувано поради присуството на другиот тим“, вели Жан Пол Сартр. Францускиот егзистенцијалист фудбалот го сфаќал како метафора за животот. 
Во политиката на Мицкоски сѐ е компликувано поради присуството на другиот тим. Но ривалот на Мицкоски не е ни во владата, ниту во меѓународната заедница. „Другиот тим“ му седи обесен над главата како маслата на платно во неговата канцеларија. Во сликите со историски битки и главите на славните македонски револуционери Мицкоски го препознава само ликот на својот претходник и гласот кој му вели: за ова што јас го изградив ти не можеш ни сметката за струја да ја платиш! Уште покомпликувано е заради тоа што дел од оние што ги плаќаат сметките го тераат на компромис, а играат во неговиот тим. Чиј глас да послуша сега Мицкоски? Кон која страна да се приклони? Кон оние кои го седнаа во фотелјата со цел да ја игра нивната игра, или кон оние кои сакаат да направат чекор напред и подалеку од криминалното минато? 

Еден избор
Да не си му во кожата на Мицкоски деновиве, да парафразирам еден негов сопартиец. Неговата политичка кариера ќе биде запечатена на еден или друг начин. Доколку не помине Преспанскиот договор, тој и неговата партија можат да се простат од членството во ЕПП, а Вашингтон ќе го гледаат како туристи, ако добијат виза. Подобар договор со Грција, Мицкоски и неговите сопартијци нема да добијат ни ако самите си го пишуваат на Змискиот остров среде Преспанското езеро. 
Ако попушти и им дозволи на пратениците да се изјаснат по сопствено убедување, Мицкоски се откажува од единствениот адут кој го има за раководењето на таа партија, па дури и за нејзиното постоење со актуелната политичка идеологија која се сведува на сеење страв од „домашните“ и „надворешните“ непријатели. 
Мицкоски всушност сега има само еден избор- да одигра за доброто на државата, колку и да звучи тоа шокантно за него и за неговите сопартијци. 
Во спротивно, ќе ги втурне сите во своето празно множество на безнадежни политички калкулации кои ќе го претворат апсурдот во егзистенцијален нихилизам во кој животот ќе нема никакво значење или вредност.