1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Филипче: Нема нови рестриктивни мерки поради Омикрон

ДТЗ
27 декември 2021

Во Северна Македонија засега има само еден потврден случај на Омикрон. Надлежните, во пресрет на празниците, уверуваат дека епидемиолошката состојба е стабилна.

https://p.dw.com/p/44rbS
Venko Filipce Gesundheitsminister Nordmazedoniens
Фотографија: Gov. of North Macedonia

Нема нов регистриран случај на заболен со Омикрон, најновиот сој на Ковид-19 во Северна Македонија. Идната недела е во план да се направат нови тестови за анализа на новиот сој, кој беше детектиран минатата недела кај патник кој пристигнал во земјата од Велика Британија.  

„Во овој момент нема знаци за влошување на епидемиолошката слика“, вели министерот за здравство во оставка, Венко Филипче. И покрај доаѓањето на голем број граѓани од дијаспората за празниците, групните собири и прослави коишто се закана за брзо ширење на Омикрон, надлежните сметаат дека во моментов нема потреба за нови рестриктивни мерки.

„Лично сметам дека не треба да се воведуваат мерки доколку се појават нови соеви кои нема да ја влошат ситуацијата. Сите земји треба да научат да живаат со веќе постоечките мерки. Не можеме за секој сој да воведуваме дополнителни мерки“, изјави Филипче по посетата на Специјалната болница за гинекологија и акушерство во Чаир.

Избегнувајте групирање и вакцинирајте се

Според надлежните, особено важно е во пресрет на празниците, граѓаните да се придржуваат до здравствените мерки, да не се групираат на мал простор и да носат маски таму каде што е потребно. Филипче оцени дека во овој момент е стабилна епидемилолошката состојба и болниците работат без притисок. 

Дел од пациентите кои се дијагностицирани се праќаат на домашно лекување, бидејќи имаат полесна клиничка слика. „Ситуацијата е прилично мирна, Комисијата за заразни болести ќе ја следи ситуацијата и ако има потреба, секако ќе се предложат мерки“, вели министерот.  

Тоа што нема многу пациенти, според него, е огромно олеснување. „Во многу од ковид-центрите нема приеми, а во десетина градови инфективните одделенија се празни. Дел од пациентите се праќаат дома со полесна клиничка слика. Но, ако има потреба мерките ќе се заострат“, додаде Филипче.

Пациентите да бидат одговорни

Во однос на случајот на Клиниката за пулмологија во Скопје, каде пациент синоќа ја извадил маската преку која примал кислород и запалил цигара, предизвикувајќи пожар, Филипче нагласи дека ова е нешто што ни укажува дека сите треба да бидеме одговорни.

-повеќе на темата: Д-р Пановски: И без омикрон, рестриктивни мерки треба да има!

„Ова е сепак нешто што ни укажува дека сите ние сме одговорни. Имало пациент кој запалил цигара. Среќа имало лица кои интервенирале и се спречила трагедија. Секој од нас треба да биде одговорен во оваа ситуација во однос на постапките“, рече Филипче. Во собата имало и други пациенти, но тие не се повредени.