Нова Година без нови рестрикции
22 декември 2021Надлежните нема да воведат нови рестриктивни мерки за заштита од Ковид-19 во пресрет на Новогодишните празници. Министерот за здравство, Венко Филипче вели дека не гледа причина за дополнителни мерки и ограничувања за време на празниците.
„Мерките засега се добри. Сегашните рестриктивни мерки во пресрет на Новогодишните празници сметам дека се доволно, со оглед на тоа што такви собири на јавни места има насекаде. Ќе се достигне кулминација за време на новогодишните празници, а сега е прилично мирна состојбата. Не гледам зошто, специфично само за новогодишните празници, би правеле некаква рестрикција“, изјави денеска Филипче.
Превентивни мерки поради Омикрон
Но, дел од лекарската фела укажува дека е прашање на време кога најновата варијанта на ковид- Омикрон ќе навлезе во земјата. Додека се уште нема случаи, тие укажуваат дека треба да се преземат превентивни мерки.
„Евентуални мерки на границите нема да придонесат многу оти омикрон веројатно е тука некаде. Индивидуалните мерки и вакцините остануваат единствените мерки кои функционираат“, вели д-р Петличковски од Институт за имунобиологија и хумана генетика за Утрински брифинг.
И епидемиологот Драган Даниловски смета дека Северна Македонија не треба да се изземе од остатокот на Европа и треба да воведе одредени рестрикции на границите по примерот на Грција. Во пресрет на предновогодишните празници, со оглед на тоа дека сојот омикрон веќе е присутен во соседството, а се очекува и доаѓање на дијаспората, тој деновиве укажа дека треба да бидеме претпазливи.
-повеќе на темата: Д-р Пановски: И без омикрон, рестриктивни мерки треба да има!
„За да добиеме на време и да видиме каква клиничка слика ќе предизвика Омикрон кај заразените, треба да се преземат одредени мерки на границите, да се бара ПЦР тест за влез во земјата, без разлика дали се вакцинирани или не. Или, пак, тие што нема да имаат тест, да бидат во седумдневен карантин (не 10 или 14-дневен!). Во тој период на чекање и школите треба да ги ставиме во комбиниран модел на настава“, вели Даниловски.