Влез во објекти само со две дози вакцина против ковид
15 ноември 2021Од денеска граѓаните за влез во објекти ќе мора да приложат сертификат/потврда за имунизација од вирусот Ковид-19, односно за примени две дози на вакцината или, пак, потврда за прележан ковид во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.
„Апелирам граѓаните да ги почитуваат мерките и да бидат одговорни и оние кои сѐ уште не се вакцинирани, што побрзо да го направат тоа. Само со колективен имунитет може да го победиме вирусот“, порача изутринава министерот за здравство, Венко Филипче.
Ваквата одлука ја донесе Владата на 26 октомври. Комисијата за заразни болести во текот на неделава повторно ќе ја разгледува можноста за проширување на рестриктивните мерки против Ковид-19. Министерот Филипче како една од опциите го спомена и проширувањето на критериумот за влез и за други места и настани.
Со една доза вакцинирани се 58 отсто од полнолетните граѓани во земјата, а 47 отсто се ревакцинирани. Ако се земат предвид и малолетните граѓани, тогаш 38 отсто од целокупната популација во државата е ревакцинирана. Во текот на викендот, според податоците од Министерството за здравство, аплицирани се 4.684 вакцини. Од нив 1.133 биле користени како прва доза, 916 за ревакцина, а 2.635 биле дадени како трета доза. Трета доза досега примиле 54.170 граѓани.