Апел да не се организираат масовни домашни слави
12 ноември 2021Комисијата за заразни болести на денешниот состанок не препорача нови мерки, со оценка дека епидемиолошката состојба засега останува стабилна. Епидемиолозите сметаат дека нема преоптоварување на болничките капацитети. Министерот за здравство, Венко Филипче, пред неколку дена алармираше дека почнува нов бран и дека има зголемен број на заразени и хоспитализирани лица во земјата. Најголем дел од хоспитализираните не се вакцинирани. Анализите покажуваат дека процентот на новодијагностицирани случаи во однос на минатите недели е зголемен за 25 проценти.
Апел
Бројот на заразени деновиве се движи од 400 до 700 случаи дневно, над десетина починати лица има секој ден во изминатиов период. Филипче денеска апелираше на внимателност кај граѓаните во овие зимски месеци. „Доаѓа период на заладување на времето и почести собири на граѓаните во затворени простории. Сега доаѓаат и семејните слави, па ги замолувам граѓаните да не ги организираат славите, или да ги организираат во што помал број. Мора да бидеме претпазливи. Многу мини бранови тргнаа од тие прослави“, вели Филипче.
Министерот најави дека за нови мерки би можело повторно да се разговара идната недела. „Видовме дека рестрикциите за движење на населението немаа резултат. Ако има мерка која нас ќе ни помогне, ние ќе преземеме од соседните земји се што е потребно. Граѓаните мора да знаат дека многу придонесуваат со својата свест. Не може државата се да исконтролира“, порача тој.
Во Северна Македонија до 9 ноември вкупно се вакцинирани 811.226 граѓани, ревакцинирани се 782.460, а трета доза примиле 48.087 граѓани. 54% од граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирани, а 33% од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.Опфатот со вакцинација со една доза вакцина на полнолетната популација е 57% , а со две дози опфатени се 46% од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 39% од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 37% од популацијата во државата примила две дози вакцина.
Почна вакцинацијата за сезонски грип
Од рано утринава отворени се пунктовите за вакцинација против сезонски грип. Заинтересираните граѓани кои веќе се пријавени за имунизација добиваат смс пораки со термин. Годинава обезбедени се 40 илјади вакцини наменети за имунизација на ризичните категории на граѓани. Вакцините за нив ќе бидат бесплатни. Дополнително обезбедени се и вакцини за комерцијална употреба.
Филипче вели дека во исто време може да се примат вакцините против Ковид-19 и сезонски грип. „Без разлика дали е прва, втора или трета доза на вакцина против ковид-19 може да се прими во исто време со другата вакцина, а ако има временска разлика нема никаква врска колкава е временската дистанца“, смета министерот.
Доктор Виктор Исјановски, директор на Здравствениот дом-Скопје, ги советува граѓаните коишто се вакцинирале против ковид да почекаат десетина дена пред да примат вакцина против сезонски грип.
Првата пратка на сезонски вакцини против грип ќе биде наменета за медицински лица, хронично болни пациенти, за граѓани над 65 години и за деца под 5 години