Нов скандал околу заштитата на податоците на корисниците?
14 август 2019Стотици надворешни фирми и соработници биле ангажирани од Фејсбук да слушаат и да транскрибираат аудио снимки од корисниците, се вели во извештајот на Блумберг. Некои од нив, според извештајот, сметале дека нивната работа е „неетичка“.
Фејсбук ја тестирал неговата дигитална алатка за транскрипција така што соработници на трети компании под договор со Фејсбук слушале аудио снимки на негови корисници и го оценувале квалитетот на транскрипцијата, објавија во вторникот американските медиуми.
Практиката, која ја објави Блумберг, ги вклучува корисниците на Фејсбук Месинџер. Во извештајот се вели дека интернет гигантот испратил аудио снимки од анонимни разговори до најмалку една компанија со седиште во Калифорнија, каде што луѓе вработени во неа требало да ги слушаат и да транскрибираат.
Од Фејсбук тогаш соопштија дека престанале да ги транскрибираат аудио снимките. „Слично како Епл и Гугл, ние паузиравме со човечки преглед на аудио снимките пред повеќе од една недела“, изјави компанијата за Блумберг во вторникот.
„Теорија на заговор“
Фејсбук долго време ги отфрла гласините дека слуша приватни разговори на корисниците со цел да ги таргетира со реклами.
Во сведочењето пред Конгресот минатата година, извршниот директор на компанијата Марк Закерберг тоа го нарече „теорија на заговор“.
„Зборувате за онаа теорија на заговор што се шири, дека ние слушаме што се случува во вашиот микрофон и го користиме тоа за реклами“, им рече тој на американските законодавци. „Ние не го правиме тоа“.
Само со дозвола
Во вторникот, Фејсбук го потврди извештајот на Блумберг, но рече дека тоа се однесува само за корисниците кои се согласиле да бидат транскрибирани нивните разговори.
Според извештајот, Фејсбук никогаш не ги известил корисниците дека трети страни би можеле да ги прегледуваат нивните аудио снимки. Политиката за приватност на компанијата вели дека нејзините „системи автоматски ја обработуваат содржината и комуникациите што вие и другите ги обезбедувате“ - но, не се споменати аудио или човечки тимови што ги транскрибираат.
Кога станува збор за споделување на податоците на корисникот со трети страни, според компанијата тоа се однесува на „добавувачи и даватели на услуги кои го поддржуваат нашиот бизнис“, но не дава детали.
Евалуаторите „вџашени“
На евалуаторите под договор не им било кажано како се снимени или како се добиени аудио снимките. Фејсбук, исто така, не им кажал зошто треба да се транскрибираат снимките, извести Блумберг.
Некои од соработниците сметаат дека нивната работа е неетичка и биле ужаснати од содржината, која повремено содржела вулгарности.
Најновиот извештај доаѓа откако Амазон, Епл и Гугл беа критикувани поради тоа што собираа снимки од разговорите на корисниците и ги даваа на анализирање. Сите три дигитални гиганти нудат свои верзии на говорни асистенти кои можат да одговорат на човечкиот говор.
Епл и Гугл тогаш рекоа дека повеќе нема да користат човечки рецензенти за подобрување на препознавањето на говорот, а Амазон соопшти дека ќе им овозможи на корисниците да се откажат од оваа практика.