Украинци и Руси обединети во Германија
29 април 2022Секој петок навечер кај семејството Маер светот накратко е повторно нормален и сè е во ред. Во тие два часа не се зборува за војната, нема споделување вести и слики од убиени цивили, нема тажни мисли поврзани со татковината. Наместо тоа, терминот е резервиран за заедничко гледање на британскиот комичар Мистер Бин – тој им стана важен дел од планирањето на викендот.
„Кога го гледаме Мистер Бин заедно, сите сме целосно опуштени. Тој нѐ орасположува, а Полина толку заразно се смее што поради неа сите не можеме да престанеме да се смееме“, вели Наташа Маер. Таа е родена во Кавказ и пред 20 години дошла во Германија. Заедно со сопругот и децата живее во близина на Бон. Од 16 март кај нив дома се сместени дванаесетгодишната Полина, мајка ѝ Ана и бабата Лариса, кои од Киев избегале преку Полска во Германија. Всушност презимето Маер во текстов е променето, бидејќи Наташа стравува од одмазда врз нејзините роднини во Русија, а сепак сака да ја раскаже оваа приказна која покажува дека овие народи може да се разберат меѓу себе и стотици километри подалеку од дома, на една кујнска маса во Германија. Ова семејство сака да докаже дека Украинците и Русите едноставно можат многу добро да живеат заедно и сега и во иднина.
Нема кавги во украинско-рускиот заеднички дом
Веднаш по почетокот на војната, Наташа Маер била цврсто решена дека мора да помогне. Одлуката да згрижи дома украинско семејство за неа е еден вид протест и можност да покаже сочувство со луѓето во Украина.
„Белорусите, Украинците и Русите – сите ние имаме многу заедничко во нашите култури. Се прашувам всушност каде се разликуваме. И сега, со оваа војна, треба да се гледаме како непријатели? Зошто?“, се прашува Наташа. Семејството Маер, собата за играње на децата им ја ослободи на новодојденците, а децата дури сакале да им го дадат целиот џепарлак, со насмевка раскажува Маер. На поштенското сандаче веднаш го додале и презимето на украинските бегалци кои, како што вели, очекува овде да останат најмалку шест месеци.
„Досега сѐ е супер, како роднини да ни се дојдени на гости. Нема никакви кавги.“
Лариса, Ана и Полина во Германија пребегале преку Полска и од Берлин стасале во Рајнската област. Во Украина останале таткото и дедото. Во украинско-рускиот заеднички дом се зборува руски. Мајката Ана го презеде готвењето за сите за да не им бидат на товар на домаќините, иако се сè уште трауматизирани од војната и бегството. Бабата Лариса вели: „Многу сме тажни, но овде се чувствуваме удобно и сме вистински добредојдени.“
Бегалците знаат да направат разлика меѓу луѓето и политиката
Но, зарем не е малку бизарно да се бега од руските напади и да се најде засолниште кај семејство со руско потекло во Германија? Што велат роднините во Украина за ова? За Ана и Лариса, се чини, ова воопшто не е тема.
„За нас не е проблем да живееме кај руски државјани. Многу Руси ја напуштаат земјата во знак на протест и за да испратат сигнал за Украина“, велат тие. „Важна е човечноста и како се однесувате едни со други. Не е виновна г-ѓа Маер што е родена во Русија. Нашето потекло ни е дадено, постапките на луѓето се тие што нѐ одредуваат какви сме“.
Сопругот на Наташа Маер вели дека не се зборува толку многу за политика како што се мисли. Позициите се јасни, сите се на иста страна – против војна и против Путин. Но, едно прашање постојано лебди во воздухот – кога конечно ќе има мир?
Лариса, Ана и Полина која веќе почна да оди во германско училиште и почна да учи и германски, сакаат што побрзо да си се вратат дома. На предлогот Наташа Маер да ги пријави мајката и бабата на курс за интеграција, тие велат: „Не ни треба тоа. Зошто? Па наскоро ќе си се вратиме.“
Во овие три недели колку што се во Германија, украинските бегалци веќе видоа и сфатија дека руската заедница овде има различни ставови во однос на војната. Од една страна се луѓе како Наташа Маер, која го осудува рускиот напад и несебично им обезбедува покрив над главата. Од друга страна, има едно гласно малцинство кое ја изразува својата поддршка кон Русија со авто-демонстрации, веејќи руски знамиња.
Различни ставови кон војната - причина за растурање на руските семејства и пријателства
Маер, исто така, е среде овој конфликт меѓу противниците и поддржувачите на Путин. Таа со години има група со пријатели на WhatsApp со кои заедно студирала странски јазици во Русија. Петмина останале во Русија, четворица живеат во Западна Европа. Темата војна била премолчена две недели пред Маер да биде првата што се осмелила остро да ја критикува инвазијата.
„Еден кој постигна најголема кариера меѓу нас и живее во Москва, тогаш бесно ја напушти групата. Друг ми пиша: ситуацијата овде во Русија е како во Германија во 1937 година, потполно иста. Една од жените што живеат во западна Европа го прекинала контактот со своето семејство и не сака веќе ништо со нив“.
Така, доаѓа до горчливата иронија на судбината дека луѓе како Лариса и Ана, кои побегнале од војната, ја тешат Наташа Маер кога очајува поради државната пропаганда на Русија во нејзиниот круг на пријатели. Таму тие веруваат и во грубите лаги на пратеник на АфД дека по почетокот на војната бил нацртан бел крст на секоја куќа на Русин што живее во Германија. Но, она што најмногу ја вознемирува е контактот со сопственото семејство во родната Русија.
„Оваа војна уништува семејства, се растураат пријателства, во зависност од ставот кој го застапувате“, вели Наташа Маер. „Но во оваа ситуација не може да бидете без став, мора да се одлучите за едната или другата страна. Со мајка ми секогаш се караме кога зборуваме за војната, па се обидуваме колку што е можно да не разговараме на оваа тема. Таа нема поим дека сме згрижиле украински бегалци“, признава Наташа.